Стварноста добива извонреден поетички карактер без да ја преплаши детската фантазија, како кај Х .К. Андерсен, вели проф. д-р Мојсова-Чепишевска за делата на Костадиносвка

Младата писателка за деца Марија Костадиновска се потпишува зад двете популарни дела „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ и „Волшебните приказни“. И двете битови народни приказни се напишани на палубата додека бродот крстосувал околу Сардинија по Средоземното Море, додека нашата соговорничка работела како главна стјуардеса на суперјахта. Таа е еден инспиративен дипломиран филолог, зборува на англиски, шпански и на грчки јазик и умее професионално да управува со едрилица на вода.

– Едрењето по Медитеранот и творењето за мене претставуваат совршена комбинација за неизмерна инспирација. Тоа се двете мои најголеми страсти. Љубов која ме храни и ми го полни срцето со магија. Ветерот и морето ми даваат да дишам со широко отворени гради, да живеам и да пишувам приказни – раскажува таа.

Накратко, „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ е бајка која зборува за Хана, една вистинска кралица, и за Фран, еден вистински крал. И не се случило еднаш, некогаш, многу одамна како во сите други приказни, туку, сега, вистински се случува. Хана и Фран ги губат своите кралства и оттука е и првата порака и поука дека ништо не е вечно. За да ги вратат изгубените кралства, ќе мора да се потрудат.

Марија Костадиновска

„Волшебните приказни“ е четиво блиско до денешниот начин на живот. Сѐ се случува во градот на прегратките и милоста – Гушкоград, во земјата Вистинија. Таму живее Ведран, најдоброто и најмило момченце на светот. Тој секогаш носи сино палтенце и ранец преполн со топли прегратки. Кога жителите на Гушкоград се среќни, Ведран е уште посреќен. Но, кога се тажни, тогаш Ведран веднаш вади од ранецот една од своите најтопли прегратки и го прегрнува секој што е тажен.

Преку приказните испраќам суштински пораки до родителите и децата

Покрај тоа што внимава на структурата и текстуалните правила при пишувањето на една детска приказна, Костадиновска сака да ја разбуди секоја емоција кај детето, но воедно става акцент на длабоката порака скриена, а истовремено видно назначена во секоја бајка со цел да допре директно до мама, тато, баба, дедо, тета… до оној што на малиот слушател наглас му ја чита сказната.

– Во приказните мора да се задржи вниманието на детето, притоа да се отворат сите сетила и емоции, а во истиот момент да се дише со приказната. Детето, спознавајќи ги своите емоции преку приказните, развива чувство на емпатичност и пријателство. Никогаш не е само и осамено, ликовите од приказните секогаш му прават друштво. За мене, вистинскиот предизвик е да пишувам преку еден лесен и разигран детски јазик, кој нуди радост, смеа, возбуда, некогаш и малку тага, но преку него да се испратат суштински и длабоки пораки кои се наменети за нивните родители – вели авторката.

Прекрасна слика нѐ дочека на промоцијата на двете книги на Костадиновска. Голем број мали дечиња чекаа авторката да им се потпише. Ја прашавме какви коментари добива од умните мали главчиња на верните читатели.

– Внука ми, Ерина (4 години), еднаш ми рече дека волшебните прегратки на Ведран малку наликувале на прегратки, ама малку и на чипс. Друг коментар, на пр., како се вика лошотилчиња на англиски јазик? (мислејќи на лошотилчињата од „Вистинска приказна за двете соседни кралства“). Кој број автобус оди до Кралството на забавата? Или констатации дека полесно било да се составуваат искршени прегратки отколку да се соберат расфралните лего-коцки во детската соба. Во текот на потпишувањето на книгите на промоцијата имав и интересни барања – едно детенце изрази желба покрај посветата да му нацртам и коњ.

Стилот на изразување на Костадиновска спореден со Х. К. Андерсен

Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска ги спореди бајките на Костадиновска со стилот на големиот Ханс Кристијан Андерсен. Ретко кој автор, а уште помалку млад, може да се здобие со ваков епитет.

– Костадиновска со леснотија успева да ја развие својата авторска приказна врз фонот на народната. Така чудесниот, сказновитиот свет го развива низ постојаното поигрување на реалното и нереалното и притоа тоа нивно спојување го остварува без страв и морбидност (и покрај тоа што противниците се именувани како Лошотилук или како Госпоѓа Злоба). Впрочем, и во овие две приказни, како и во оние на Андерсен, она што постои во стварноста добива извонреден поетички карактер, а притоа не ја преплашуваат детската фантазија со секакви темни сили. Тие се присутни и јасно артикулирани (како преку она езеро Лошо и онаа продавница за Злоба) и со тоа не создаваат лажна слика за светот како безбедно место за живеење! – вели за Деца.мк проф. Мојосова-Чепишевска.

Приказните – дел од студиите по детска литература на Филолошкиот факултет во Скопје

– Програмата треба постојано да се освежува и да им се дава можност на студентите да прочитаат и нешто ново. „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ беше дел од тој правец и тие часови поминаа многу конструктивно и инспиративно. Оваа година тоа ќе го направиме и со „Волшебните прегратки“. Во двете приказни студентите откриваат дека детето е центарот на случувањата, тоа е она што промислува и она што само доаѓа до одредени решенија и заклучоци. Нему никој не му кажува како треба да постапи за да излезе од непријатната ситуација. Исто онака како што Шеќерното дете само доаѓа до тоа да го ослободи заробениот славеј во популарната „Шеќерна приказна“ од Славко Јаневски, така и Хана и Фран успеваат да си ги повратат изгубените кралства, така и Ведран и Мила успеваат да ја вратат вербата во прегратката и радоста во Гушкоград – појаснува професорката.

Првите читатели на овие две книги биле илсутарторките кои на некој начин им вдахнуваат душа оживувајќи ги ликовите од приказните.

– Од моето досегашно искуство, кога се работат детски книги, илустрациите треба да бидат полни со емоции, забавни, да потикнуваат насмевки, да бидат шарени и впечатливи. Најголемо достигнување е кога ќе видите детски цртеж кој е инспириран од ваша илустрација – вели Александра Филипоска, илустраторка на „Вистинска приказна за двете соседни кралства“.

– Приказната и илустрацијата мора да живеат една покрај друга. Ѝ благодарам на Марија што нѐ потсети дека гушкањето е еден начин на давање љубов и што повеќе се гушкаме, повеќе љубов околу нас и во нас ќе имаме – вели Иванка Ниба, илустраторка на „Волшебните прегратки“.



912

X