Како деца, живеевме на село. Прилично оддалечено од градот и со помалку млади лица. Тие малку деца што живеевме таму бевме доста оддалечени, па ретко се гледавме. Тоа село создаде посебна врска помеѓу мене и дедо ми и некако тој имаше најголемо влијание врз моето растење. На сите негови поучни реченици и денес се сеќавам и огромен дел од нив се претворени во правила на мојот живот.

Една од работите на кои ме учеше е – брани се себеси, не предавај се. Во никаков облик. Особено не физички. Никој не смее да те удри. А од оној што ќе се обиде, мораш да се браниш. И навистина, никој никогаш не ме удрил. Ниту во детството, ниту во зрелите години. Но, морам да признаам, имам став, штит, да го наречеме тоа како што сакаме, малку машки. Не се жалам за тоа каква сум станала, но морам да признаам дека тој став некогаш и ми наштети…

Родив ќерка.

Сепак, сакав да биде малку понежна, поженствена од мене. И така ја воспитувам. Да биде помила, флексибилна, со поблаг карактер. И јас и сопругот сме темпераментни, но уште во бременоста се договоривме, ако се случи некогаш да сакаме да си ги извадиме очите, никогаш пред неа нема да го покажеме тоа. И навистина е така. За овие 2 години никогаш не видела караница, не слушнала повисок тон, трескање, скокање, викање. А како и секој нормален брачен пар, понекогаш си ги вадиме очите еден на друг.

Што се однесува до нејзиното однесување, никогаш не удрила друго дете, не го искубала за коса, не дај Боже да го гризне. И денес ни се случуваат ситуации – две деца на една играчка, но секогаш јас сум таа мајка што се вклучува, упорно зборува за споделување, за значењето на доброто однесување, пријателството, за тоа како се сите добри, иако можеби моментот не им е добар.

И го сметав тоа за свој успех.

За нејзините 2 години, другите деца барем 10 пати ја удриле, исто толку пати ја турнале или искубале. Никогаш не вратила, бидејќи никогаш не сум ѝ рекла дека така треба. Ѝ велев дека тие деца не се културни, не ја слушаат својата мајка. И погрешив.

Ни се најавија пријатели. Имаат син два месеци постар од неа. Се разбира, дојдоа со него за децата да играат – по обичај, подготвувам две автомобилчиња, две топки, две книги, бидејќи така секогаш се обидувам да избегнувам кавги околу играчките. Деца се тоа, не замерувам, само се трудам да бидат чекор понапред. Во текот на играта момчето ги зема двете топки, двете книги и го набљудувам, ги сака и двете автомобилчиња. Гледам дека мојата ќерка не ги дава, но не ни треба, па си помислив дека ќе се откаже детето бидејќи не ни може сето тоа да го држи в раце. Двапати се обиде да ѝ ги земе, но не успеа. Третиот пат ја турна толку силно, што таа падна на грб и додека така лежеше, тој ѝ плукна в лице. Не ѝ го покажа јазикот, не ја турна, не ја искуба. Ја обори на подот и ѝ плукна в лице. Дете од 27/28 месеци да те плукне в лице. Да те повреди физички, па уште да те плукне в лице?

Родителите за казна го натераа да седи, да биде мирен. И тоа е тоа. Живееле во лошо соседство, лошо му влијаеле другарите. За какво влијание на другари зборуваме на таа возраст? Како може на моето толку мало дете да влијаат другарите кога јас сум секогаш со моето дете и тие другари. Зарем некој остава толку малечко дете само со другарите? Не разбирам. Децата на таа возраст се само неколку часа со пријателите, а останатото време се со родителите или возрасно лице кое ги чува. И сето она што децата го знаат или не, е резултат на родителското дејствување.

Ја кренав, ја зедов во скутот да ја утешам и плачев додека ја бришев туѓата плунка од нејзиното лице. Не плачеше – беше збунета. Ме гледаше со широко раширени очи. Не знаеше што ја снашло. Да можев, ќе се плукнев самата себе. Зарем да дозволам да порасне така што нема да знае да се брани. Кога ќе ја турнат, не дај Боже плукнат, да не знае да реагира. Да се прашува во тие моменти што се случува и зошто. Знаете, ние родителите секогаш мислиме на најлошото. Сцената од мојата глава – во училиште врсниците ја малтретираат, таа молчи и трпи. Или таа како возрасна жена, избира погрешен партнер, доаѓа до слична ситуација, а таа збунето стои и гледа.
А сето тоа поради мене, бидејќи сакав мирна, нежна и женствена ќерка.

Зарем јас да ѝ го поплочувам патот до потенцијалниот пекол? За тоа како го промени оваа случка мојот начин на воспитување, само ќе ви го кажам последното пребарување на „Гугл“ – од која возраст децата можат да тренираат борачки вештини.

Чувајте ги своите деца и научете ги да се чуваат. Јас, за малку, ќе погрешев.

Автор: Љиљана Шпаниќ

Извор



912

X