За два месеца, колку што трае договорот за јавно-приватно партнерство меѓу државата и клиничката болница „Жан Митрев“, на државен трошок се направени 10 успешни кардиохируршки операции кај мали деца. Во наредниот период, како што велат од лекарскиот тим, се очекува во оваа установа да се оперираат и деца од странство.
– Досега приватното и јавното здравство како да беа непријатели. Првпат се случи здружување на квалитетот и стручноста, поддржано од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, што е голем пресврт кој веднаш може да даде резултати. Остваривме и услови за нови вработувања, па имаме над 150 нови вработени, од кои повеќе од 30 се доктори – истакна директорот на болницата, академик Жан Митрев.
Тој вели дека се создаваат услови доктори од странство да се вратат во земјава. Така од наредниот месец на лекарскиот тим ќе му се придружи анестезиолог, Македонка која сега работи во Кувајт.
Според министерот за здравство Венко Филипче, децата со најтешки срцеви маани се лекуваат во одлични услови по највисоки стандарди. Тој објасни дека Фондот за здравство целосно ги покрива трошоците за лекување, а се заштедува зашто не плаќа за странски експерти.
Фото: „Жан Митрев“
Директорот на Фондот, Ден Дончев, пак, вели дека се очекува да се намали бројот на деца што се праќаат за операција во странство.
– Годишно ќе исплаќаме исто колку што просечно за овие операции беше плаќано на Детска хирургија – вели тој.
Д-р Владимир Чадиковски, детски кардиохирург, објасни дека пет од оперираните деца биле помали од 1 година.
– Сите операции се успешни. За жал, не опериравме две дечиња затоа што беа неоперабилни. Успеваме да се погрижиме и за најтешки случаи на срцеви маани – вели д-р Чадиковски.
Инаку, дел од сложените интервенции се изведуваат под надзор на американски тим на лекари.
912