Иако често од насилниот родител ја слушаме фразата: „Никогаш не сум кренал рака врз дете“, најмладите членови на семејството секогаш се жртви на токсичните и агресивни семејни односи.
Во текот на претходната година во Градскиот центар за социјална работа во Белград, Србија, биле пријавени 4.695 случаи на насилство врз деца. Статистиката покажува дека 23 отсто од овие деца станале жртви на физичко насилство. Бројките покажуваат и дека 92 деца станале жртви на сексуално насилство, три деца биле жртви на експлоатација, а особено обесхрабрува фактот што децата на возраст од шест до четиринаесет години сочинуваат нешто повеќе од половина од жртвите на семејно насилство.
-Иако често ја слушаме фразата „Никогаш не сум ја удрил сопругата пред детето“ или „Никогаш не сум кренал рака на дете“ од родителот насилник, најмладите членови на семејството секогаш се жртви на токсични и агресивни родителски односи, без разлика дали и самите добиваат шлаканици и удари. Родителите многу ретко доаѓаат во советувалиштето за брак и семејство и велат дека нивното дете е жртва на насилство. Најчесто се случува детето да го доведат со образложение дека се однесува недолично, дека е агресивно или дека значително забавило со напредокот на училиште, за да го „поправат“ и да скријат дека има насилство во семејството. Кога ќе ги соочиме со фактот дека однесувањето на детето е симптом или резултат на семејната патологија и дека е неопходно да ја сменат токсичната врска за да се сменат работите, понекогаш дури и се откажуваат од терапијата“, вели Слаѓана Ивановиќ, социјален работник, семеен терапевт и раководител на Советувалиштето за брак и семејство во Белград.
На прашањето како изгледа детето кое станало жртва на семејно насилство, психологот и семеен терапевт Смиља Игиќ истакнува дека нема единствен одговор, бидејќи децата многу различно реагираат на насилството.
„Тоа не значи дека секое дете со модринка или мало дете кое се однесува агресивно кон другите деца станало жртва на насилство, но тоа сепак значи дека експертите треба да му обрнат внимание. За почеток, на децата треба да им се верува кога ќе кажат дека некој ги тепа. Дури и во ретки случаи, кога оваа изјава целосно не одговара на вистината, секогаш е сигнал дека нешто се случува во семејството што многу го вознемирува детето. Детето кое е жртва на насилство може да биде агресивно, но може да биде и целосно послушно, повлечено и тивко. Ако однесувањето на детето оди до која било крајност, без разлика дали се работи за изразена агресивност или видно повлекување, тоа е сигнал дека нешто не е во ред. Детето може да ги има сите петки во училиште и да биде примерен ученик, но кога ќе навлезете во приказната со него, сфаќате дека има одличен успех бидејќи се плаши од родителска казна“, објаснува таа.
Таа додава дека во семејства каде што има алкохолизам, зависност од дрога или ментална болест, екстремна сиромаштија или повеќе деца, почесто се случува насилство врз децата, но нагласува дека никогаш не треба да се поистоветува семејното насилство со некој од овие фактори на ризик.

Смиља Игиќ вели и дека мора да се реагира кај децата што растат во атмосфера на семејно насилство за да се спречи трансгенерациско пренесување на насилството.
„Тоа не значи дека секое дете што било жртва на насилство ќе стане жртва или сторител на насилство врз партнер кога ќе порасне, но овие деца се изложени на поголем ризик да усвојат несоодветни полови и партнерски улоги во нивното секундарно семејство. Секогаш е добро ако детето во неговата околина има здрав и близок однос со барем еден возрасен во поширокото семејство, училиштето или средината во која живее, бидејќи таа личност може да му помогне да ги надмине страдањата и да прерасне во ментално здрава личност – и покрај токсичната атмосфера во која расте . Тоа се деца ‘глуварчиња’ кои по примерот на истоимениот цвет, успеваат да никнат во сета своја убавина и под притисокот на најголемите животни маки“, истакнува таа.
Слаѓана Ивановиќ, пак, додава дека истражувањето на Советувалиштето за брак и семејство од Белград покажало дека речиси 99 отсто од жените што станале жртви на партнерско или семејно насилство во основното семејство добивале ќотек или пораки дека се глупави, безвредни и не се достојни за љубов.
Автор: Катарина Ѓорѓевиќ