Од Министерството за образование и наука рекоа дека се разгледуваат повеќе опции, но неизвесно е што ќе биде одлучено, а тоа ќе зависи од епидемиолошката слика пред почетокот на учебната година. Неофицијално, во некои училишта се мерат училниците, се разгледува квадратурата за да се обезбеди потребната физичка дистанца во случај да треба да се вратат децата во училиште
Безбедно ли е да се отворат училиштата од септември? Како да се изведува настава, а истовремено да се обезбеди максимална заштита на децата од Ковид-19? На овие прашања различни земји во светот имаат различни гледишта. Додека едни веќе одамна ги отворија и функционираат, други бараат строго почитување на конкретни мерки, трети, пак, размислуваат кој чекор да го преземат од следната учебна година. Македонија е во третите.
Многу држави воспоставија нови барања за безбедност. Во Кина, вклучително и во Вухан, кој беше епицентарот на Ковид-19, училиштата беа отворени на почетокот од мај, но децата мораа да поминат низ проверки за температура, да носат маски, да влезат и да заминат во точно одредени периоди за да избегнат метеж.
Кога учениците ќе се вратат назад во училишните клупи низ светот? Какви протоколи се воспоставени? Ја анализиравме состојбата во повеќе држави.
Во Велика Британија ќе се учи во помали групи
Училиштата во Обединетото Кралство се планира да се отворат во септември. Сегашните ограничувања на големите групи ќе бидат укинати за да им се овозможи на училиштата и колеџите целосно да се отворат за сите ученици и студенти, бидејќи бројот на новозаразени со Ковид-19 таму опаѓа. Предвидено е да бидат воспоставени мерки на безбедност од Ковид-19, со цел да се намали ризикот од ширење на заразата. Во училиштата децата ќе посетуваат настава во помали групи, а воедно ќе бидат охрабрувани од нивните повозрасни другарчиња да држат растојание едни од други, како и од персоналот, колку што е возможно. Овие мерки одат заедно со оние за редовно чистење и миење на рацете.
Фото: Архива
Како што пишува на официјалната веб-страница на британската влада, властите работеле напорно изминатиов период за да се осигурат дека училиштата може да се отворат што поскоро.
– Знам дека изминатите три месеци беа едни од најпредизвикувачките со кои се соочуваат училиштата. Ништо не може да го замени присуството во училницата, така што работевме напорно за да се осигуриме дека тие може да се отворат што е можно поскоро. Веќе видовме дека повеќе од 1,5 милион деца и млади се враќаат на училиште и ние мора да се погрижиме сите ученици да се вратат во септември, со што ќе им се даде можност да напредуваат и да го исполнат својот потенцијал – вели секретарот за образование Гавин Вилијамсон.
Во Њујорк часови по математика во кафетерии
Њујоршките јавни училишта се планира да се реотворат во септември, но учениците нема да бидат во училница пет дена во неделата, а кога ќе бидат во училиште, ќе мора да внимаваат на социјалната дистанца. Како што пренесува „Њујорк тајмс“, тоа би значело дека 1,1 милион ученици во градот физички ќе одат на училиште неколку пати во неделата, а остатокот ќе го надоместуваат преку онлајн-часови. Опција е и часовите по математика и по англиски јазик да се одржат во кафетерии или во спортски сали, каде што има доволно широк простор. Ќе бидат потсетувани дека треба да држат растојание едни од други во големите училишни ходници или во училишните дворови.
Во Хрватска нема голем одмор, ни физичко во сала
Хрватските власти ги отворија вратите на сите основни училишта и градинки уште кон крајот на мај. Враќањето на децата во клупа следуваше откако 10 недели седеа дома поради епидемијата. Но, функционирањето на целиот процес многу се разликува од она на што децата беа навикнати.
Како што пренесува хрватски „Нови лист“, секој ден и во градинка и на училиште децата доаѓаат со тетратка во која родителите ја бележат температурата, согласно препораките на хрватскиот завод за јавно здравство. Возрасниот што го носи детето на училиште треба да е од семејството во кое живее детето. Притоа возрасниот не смее да влезе внатре, а со едно дете не смее да има повеќе возрасни лица.
Доаѓањето мора да е навремено и точно зашто следува темелна дезинфекциска процедура. Целиот наставен процес е проследен со епидемиолошки правила кои бараат чести миења на рацете, држење растојание од 1,5 метар помеѓу децата. Голем одмор нема, нема физичко образование во сала, а нема ниту напуштање на училницата. Јадат во училница, во тоалет одат само еднаш. Немаат контакт со други ученици во училиштето.
За Данците, клучна беше возраста
Данска на 11 март ги затвори училиштата, но беше првата европска држава што ги отвори сите основни училишта само еден месец подоцна. Оваа држава заедно со Финска ги отвори училиштата, но со постепени чекори. За одлуката постепено да се отворат повторно клучна беше возраста, а најпрво се отворија училиштата за најмалите деца.
Што ќе се прави во Германија, Русија, Србија…
Многу држави планираат да ги вратат часовите со физичко присуство кон крајот на летото, кога почнува новата учебна година. Освен Велика Британија, ова го планираат и властите во Франција и во Италија. Сојузните министерства за образование во Германија постигнаа договор според кој учениците се враќаат на училиште од следната учебна година, но со задолжителната оддалеченост на учениците во училницата. Русија, четвртата држава во светот по број на Kовид-19 случаи, одлучи учебната година да почне вообичаено на 1 септември.
Министерството за образование во Србија, како што изјави ресорниот министер Младен Шарчевиќ, интензивно работи на подготовка на модели на настава за следната учебна година, а сите чекори што се преземаат се превентивни, така што во случај на пандемија во септември сè ќе биде подготвено за учениците и родителите. Тој ја најави можноста за комбинирана настава од септември, кога учениците би имале часови преку интернет, а ќе доаѓаат на училиште секоја втора недела.
Неодлучни земји
Има држави во светот што не се сигурни дали да ги отворат училиштата за своите ученици во претстојната учебна година. Во Индија, која е трета држава во светот по број на случаи со коронавирус, за учениците веќе заврши летниот распуст, но, сепак, училиштата остануваат затворени. Можно е тие да се вратат на настава, но не сите наеднаш, туку во различно време, пренесува „Вашингтон пост“.
Бразил, државата која е втора во светот по број на случаи на Ковид-19, има сличен пристап. Некои приватни училишта повторно беа отворени овој месец. Земјата во моментот нема министер за образование, па засега одлуките за реотворање се оставени на локалните власти.
Во Израел, како што расте бројот на нови случаи, се чини дека централната власт ја одложува секоја одлука за повторно отворање во септември. И во Кенија, исто така, не се очекува да се отворат училиштата до почетокот на следната учебна година.
Фото: Архива
Македонија разгледува неколку опции
Македонските власти во овој момент не знаат дали учебната година ќе стартува онлајн или со физичко присуство. Од Министерството за образование и наука рекоа дека се разгледуваат повеќе опции, но неизвесно е што ќе биде одлучено, а тоа ќе зависи од епидемиолошката слика пред почетокот на учебната година. Неофицијално, во некои училишта се мерат училниците, се разгледува квадратурата за да се обезбеди потребната физичка дистанца во случај да треба да се вратат децата во училиште.
„Факултети.мк“ и „Деца.мк“ минатата недела организираа онлајн-дебата со повеќе образовни и здравствени експерти кои споделија мислења за почетокот на новата учебна година. Проф. д-р Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки во Штип рече дека ова е тема за најкомплексниот систем во едно општество. Тој го поздрави документот, односно концептот што деновиве го објави МОН, но кажа дека во него нема конкретно решение за 500.000 луѓе дневно вклучени во образовниот систем, од кои 300.000 се ученици во сите нивоа на образование.
– Да ги исклучиме поголемите ученици. Но, што со децата кои сѐ уште немаат создадено навики за учење? Што со училиштата кои немаат компјутери, интернет, немаат кабли? Разбирам дека за образованието се правело многу малку 30 години. Но, имаме брилијантни наставници на кои совршено им е јасно што треба да се стори. Но, имаме и наставници што три месеци не им се јавиле на децата дома – рече тој.
912