Лажењето е индикатор дека нешто не е во ред


Фантазијата и лажењето на некое место можат да се спојат, но за нас е значајно да ги раздвоиме, особено кога е во прашање детскиот развој. Фантазијата е ментална претстава за настани, предмети, идеи или други форми на симболични мисли (кои можат да се појават и во сонот). Додека, пак, лажењето е начин на однесување, кое може да прерасне и во особина. Лажењето, исто така, е индикатор дека нешто не е во ред.

Родителите што се премногу строги или недостапни на еден начин ги наведуваат децата да лажат

Децата најчесто лажат затоа што не можат да се соочат со себе, да се соочат со реалноста таква каква што е. Тоа може да биде затоа што детето е исполнето со страв, сомнеж или вина. Оттука, тие чувства може да бидат преголем залак за детето. Во тој случај детето не е способно да се бори со реалноста и поради тоа, прибегнува кон лажење. Во тој момент лагата значи одбрана или дефанзивно однесување. Со тоа, таа прави децата да се однесуваат спротивно од тоа што навистина го чувствуваат.

Исто така, и родителите знаат да бидат причина за лажењето на детето. Како? Родителите што се премногу строги или недостапни на еден начин ги наведуваат децата да лажат, па преку тоа детето ги избегнува строгите граници од родителот или привлекува внимание кај незаинтересираниот родител. И борбата со очекувањата кои се поставени пред детето, а се премногу големи за да ги оствари, можат да водат до детските лаги. И уште нешто, кога детето не е прифатено онакво какво што е, од родителите или опкружувањето, тоа прибегнува кон лажење, така ја подигнува реалната слика за себе и бара да биде прифатено.

Приказните, бајките, цртањето, играта со секој вид играчки се можност детето да плови во фантазијата и да ја развива

Доколку сме тука за децата, да им помогнеме да се спознаат и да прифатат одредени аспекти и чувства кај себе, лагата ќе биде само хумор или далечна приказна за Пинокио. Во спротивно, детската лага е однесување кое тие го користат за да преживеат.

Фантазијата, од друга страна, е производ на имагинацијата. Таа има своја уникатност и спонтаност во која децата ги преточуваат сопствените чувства. Фантазијата е тука и затоа што реалниот свет знае да биде премногу тежок за живеење, па таа како средство отвора нови врати и решенија.

Никола Дукоски, психолог

Всушност, и имагинативните, замислени игри се облик на фантазија. Приказните, бајките, цртањето, играта со секој вид играчки се можност детето да плови во фантазијата, да ја развива, но и да ја изразува. Цртањето е одлична можност да се преточат визуелните слики и претстави кои ги има детето, но и да ги преслика своите чувства, дури и целиот свој внатрешен свет.
Таа е присутна и како креација, доколку не била тука, тешко дека ќе се формирал кој било предмет или производ. Така автомобилите, технологијата, парковите, зградите и сè околу нас е производ на некоја фантазија, која сигурно има свој зачеток во детството. Затоа, пуштете ги децата да фантазираат и понекогаш придружете им се.



912

X