Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам ќерка од 1 година и 3 месеци. Живееме во странство и моментално не ја примаат во градинка поради тоа што не сум вработена и претпоставуваат дека можам да си ја чувам дома. За да си го решам тој проблем, сакам да ја однесам во Македонија да ја чуваат нејзините баба и дедо, тоа би било околу 3 месеци, додека да најдам работа и на тој начин да ѝ најдат место во градинка. Ме интересира дали би имало психички последици за неа ако ја одвоиме од нас, родителите, на оваа возраст?
ОДГОВОР: Почитувана мајка, со самото раѓање, новороденчето претставува едно социјално битие способно да воспоставува социо-емоционални врски најнапред со родителите. Ако детето меѓу 6. и 8. месец создава врска со специфичен објект, најчесто мајката, преку која го истражува светот, веќе на оваа возраст од 1 година и 3 месеци 87 % од децата можат да формираат и по повеќе врски, дури и над пет. На оваа возраст се јавува вознемиреност кога детето се разделува и на неколку часа од мајката, што укажува на воспоставена социо-емоционална приврзаност.
Отпорот кон разделбите и стравот од непознати се особено изразени помеѓу 12. и 16. месец, а потоа постепено исчезнуваат. Затоа, првите силни и позитивни социо-емоционални врски отвораат можност за нови социо-емоционални врски. Во тој контекст, дали би постоеле психолошки последици врз детето поради физичка сепарација од родителите е дискутабилно бидејќи истото кореспондира со многу фактори, на пример, не споделувате информација дали сè уште го доите вашето дете или кога престанавте да го доите, какви и колку значајни врски има создадено вашето дете со неговите баба и дедо, колку во неговиот раст и развој му е даден простор за истражување и осамостојување во однос на хранење, спиење, движење и слично. Сето тоа е предуслов за тоа како би се одразила физичката сепарација врз психолошката состојба на детето.
Секоја промена на долготраен период за дете би била стресогена, во смисла на менување на физичката средина, ритуалите и дневните рутини, но во зависност и од самиот темперамент на детето, постојат лесно приспособливи деца и тешко приспособливи деца кон промени.
Секако, доколку сте принудени на ваков чекор и немате друг избор, би ве советувала да ги едуцирате баба и дедо околу дневните рутини што ги поминувавте со вашата ќерка и кои би требало да бидат спроведени на ист начин и во исто време, доколку постоеле ритуали на заспивање, на пример, читање книга или чешлање коса, да ги продолжат со исто темпо.
Потоа, подгответе го вашето дете за разделбата кажувајќи му дека се само денови во прашање и дека повторно ќе бидете заедно. Не заборавајте секој ден да му кажете колку го сакате. Доколку гледате дека е вознемирено на вашите видеоповици, не инсистирајте на нив. Секако, тоа ќе биде тежок период и за вас. Не треба вие да имате поизразена емотивна реакција и да сте поуплашени од самото дете, туку треба да зрачите со една родителска самодоверба која влева чувство на сигурност. Пренесете му ги вашата храброст и решителност, кои верувам дека ќе ве донесат до успехот кон подобар и поубав заеднички живот.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912