Родителство без казна е речиси утопија. Не затоа што децата не можат да се воспитуваат без казна, туку затоа што и оние родители што се најодлучни да не ги воспитуваат децата на тој начин понекогаш попуштаат.
Затоа што, теоретски, сето тоа е многу логично. Детето прави нешто што не треба, родителите одредуваат правична казна, а детето за да не биде повторно казнувано, избегнува да ја повтори грешката. Теоретски звучи логично и идеално. Во практика е сосема спротивно.
Еве зошто.
Замислете дека сте пристигнале на работа, а шефот/директорот ви вели: „Честитки! Го погледнав петочниот проект и беше прекрасно направен! Ќе добиете три дополнителни дена одмор, вие го заслужувате тоа!“
Но, ќе испадне дека имате грешка во проектот – и тоа не мала. Бевте малку расеани или уморни кога ја завршувавте работата и едноставно се случило.
„Тоа е тоа, нема одмор за вас. Ги одземам тие три дена и уште плус три дена!“
Речиси звучи смешно. Не би сакале некој да се однесува така со вас, нели? Но, токму тоа им го правиме на нашите деца!
Ова го правите кога ќе им кажете, на пример:
„Ти реков да ги соблечеш чевлите и да го исклучиш телевизорот! Тоа е тоа, нема да одиш на роденден в сабота!“
Нашите казни, дури и кога избираме да бидеме доследни, обично имаат малку врска со она што детето го направило за да ги заслужи. А тоа ниту е ефективно ниту придонесува детето да научи нешто. Само се создава лутина, отпор, чувство дека сте неправедни.
Што да направите наместо тоа?
Па, ако веќе морате, тогаш изберете ја последицата што е логична во однос на ситуацијата.
„Времето за цртани филмови заврши. Ако сами го исклучите телевизорот, одлично! Ако треба јас да го сторам тоа, тогаш тоа е сѐ од екрани за денес“.
За нашите деца да научат и да ги разберат последиците од некои нивни постапки, тогаш и тие самите мора да бидат фер во однос на своето однесување.
Само така можеме да очекуваме следниот пат да донесат подобра одлука. Затоа што тие можат да ја разберат последицата како поврзана со однесувањето и да ја разберат директната поврзаност на она што го направиле – со она што следува.
Друг добар пример за одземање на привилегиите што се поврзани со однесувањето е кога ќе забележите дека вашето дете не ги завршува задачите затоа што е занесено во неговиот телефон или видеоигри.
„Гледам дека ти е тешко да ги завршиш обврските бидејќи телефонот ти го одвлекува вниманието. Затоа ќе го земам во следните неколку дена додека не завршиш со сите обврски“.
Тоа не може ни да се нарече казна, туку е ваша одлука како родител да му помогнете на детето кое сѐ уште не е доволно зрело да разбере да си ги постави приоритетите.
912