Читателите имаат прашања за тоа како да се справат и со партнерите, но и со децата дома за време на пандемијата што го зафати светот. Моите деца се пораснати и се иселија од дома. Но, тоа не значи дека помалку се грижам за нив, само не морам да се соочувам со разговор преку „Зум“ додека тие ми се качуваат во скутот со валкана пелена. Интервјуирав експерти, неколку мајки со деца на сите возрасти, за да соберам информации и совети како да се менаџира работењето од дома додека истовремено се грижите за децата.
Една критична тема се појави во секое интервју. Универзална тема и единствена во оваа објава.
Не само што е во ред, туку е од есенцијално значење да ги намалите своите очекувања.
Мајките низ светот го споменаа ова како број 1 стратегија за преживување. Се изразија на различен начин, но секоја од нив сфатила дека едноставно не може да функционира во која било област на нивото пред Ковид-19 – како мајка, како партнер, како професионалец, како работник – и единствениот начин да се остане разумен е да се намалат очекувањата и од себеси и од своите деца.
Една мајка од Северна Каролина има 3 деца, а оваа лекција ја научила на потешкиот начин. Првиот ден кога нејзините деца биле дома, поради затворањето на училиштата, таа решила да се обиде да биде мајка, наставник и професионалец во секојдневието што следува. Напишала училиштен распоред за 6 предмети за своите деца, ја надгледувала нивната работа, планирала и имала физичка активност, а дополнително на тоа си ги вршела и своите работни задачи, готвела и буквално се онесвестувала во 19 часот. Немала никаква лична нега цел ден и била исцрпена пред да оди на спиење. Во првите 24 часа научила дека таа стратегија не е одржлива, не само на краткорочен, туку и на долгорочен план, за кој сите треба да бидеме подготвени.
Вториот ден ја променила тактиката и почнала со различен пристап. Напишала на лист што смета дека може да се заврши во текот на еден ден, ги селектирала приоритетите, а потоа ја избришала втората половина од листата. Оваа мајка открила дека според програмата во локалното училиште, 3,5 часа инструкции подразбираат целосен училиштен ден, па таа веднаш ги модифицирала своите очекувања во однос на тоа колку треба нејзините деца да учат. Уште еден слој од притисокот се истопил.
Таа вели: „Секое утро намалете ги очекувањата… потоа намалете ги уште еднаш. Потоа заминете, направете нешто друго, вратете се и намалете ги уште еднаш“. Само вака ќе можете да ги менаџирате обврските додека трае овој неизвесен период.
Друга мајка од Шведска го дава советот: „Не бидете строги кон себе!“ Таа објаснила дека учела да поставува реални очекувања за себе и за децата и открила дека тоа ѝ е од голема помош во однос на комуникацијата со другите. Нејзиниот автоматски одговор на електронската пошта е дека таа одговара на пораките само во вечерните часови, па да не се очекува одговор веднаш. Сметам дека ова е паметно бидејќи една работа е да ги намалите вашите очекувања интерно, но сосема друго е активно да ги калибрирате очекувањата на другите за вас.
Мајка на средношколци од Вирџинија чувствувала емпатија со загубата што ја доживувале нејзините деца. Едното од децата само што добило возачка дозвола, а другото ја пропуштило можноста да ја игра главната улога во училишна претстава, посетите на колеџите не се одвиваат, а нема ниту матурски забави… сите овие забавни искуства кои го дефинираат средношколскиот период сега се исчезнати, а од децата се очекува да напредуваат во образованието, додека се дома со родителите кои исто така работат од дома. Во време кога децата треба да ги шират своите крилја и да ја вежбаат својата независност, нивните крилја се пресечени. Сфаќајќи го ова, мајката успеала да ја разбере и реакцијата на нејзините деца во однос на карантинот.
Таа понудила сопствена верзија за намалување на очекувањата. И таа и нејзиниот сопруг едноставно не се квалификувани да им помогнат на децата со сите предмети. Дополнително, двајцата работат со полно работно време од дома, па немаат време да бидат и наставници. Таа и нејзиниот сопруг можат да ги насочат децата кон одредени ресурси и да им помогнат, но според нејзините зборови: „Не е време за да се биде домашен учител и родител!“
Мајка од Северна Каролина има деца на возраст од 5 и 2 години, а нејзиниот сопруг споделил прекрасна стратегија. Соодветно на нивната возраст, нивната мантра во животот е инспирирана од „Снежното кралство“ – „Остави“ (Let it go). Често и кога е вознемирена, мајката си ја пушта песната да се инспирира. Тоа ѝ помогнало да разбере како нејзините деца гледаат на светот: „Ги приспособив моите очекувања за себе, како и продуктивноста на моите деца. Олеснив некои граници, на пример, им дозволив повеќе време да поминуваат пред екраните за да го зачуваме разумот. Сфатив дека ова време е фрустрирачко и збунувачко за нив. Имаат ограничени способности да разберат што се случува и ограничени способности да ја изразат својата фрустрација“.
Друга мајка од Шведска понуди перспектива која може да е тешко да се има на ум кога сте растргнати во милион насоки, а стресот е на високо ниво. „Една работа на која се потсетувам секој ден е дека е одлично што поминувам време со моите деца. Се разбира, сум брзала од работа за да ги земам и да поминам најмногу 2 или 3 часа со нив. А сега ги гледам повеќе и навистина е прекрасно“.
Иако на моменти се чувствуваме како да ни е потребна пештера во која ќе се скриеме, нејзината поента е сфатена. Постои можност за неволја, но ако не ги намалите очекувањата за себе, можноста може да ве одмине.
Автор: Синтиа М. Булик