Пред десет години поимот беше речиси непознат, но денес, за среќа, стана речиси вообичаен: татковско отсуство, честопати наречено „породилно отсуство за мажи“. Сè повеќе земји им дозволуваат на татковците да земат породилно отсуство за да го поминат со своите бебиња, а бројот на денови и висината на надоместокот што мажите го добиваат варира од земја до земја.

Иако многу земји имаат пропишана можност, породилното отсуство за мажи се користи само во развиените земји

Европските земји имаат најдарежливи права и бенефиции за новите родители, а исто е и во Јапонија, додека во САД речиси и да нема такво отсуство. Што се однесува до нашата земја, постои отсуство за таткото на детето – отсуство кое таткото кој е вработен најчесто може да го користи по раѓањето или во првите неколку месеци по раѓањето на детето. Во практиката ова отсуство трае многу пократко од породилното отсуство за мајката. Траењето на деновите се утврдува со колективен договор и за сите околности предвидени во законот, не смее да надмине период од седум работни дена.

Татковско отсуство или породилно отсуство за мажи

Иако многу земји ја пропишаа можноста за родителско отсуство, тоа повеќе се користи во поразвиените земји со постабилна економија. На пример, во балканските земји мал број татковци одлучуваат да го сторат тоа, а во Норвешка околу 70 отсто од сите татковци. Причините, оценуваат социолозите, лежат во традиционалната средина во општеството и воспитувањето, но и во економската несигурност и стравот за работното место.

Балтичките земји: од две недели до еден месец породилно за татковците

Литванија им дозволува на татковците 30 дена отсуство со надомест кој изнесува 77,58 отсто од нивната плата. Дополнително, мажите можат да делат до 36 месеци отсуство со своите сопруги, или прво едниот, а потоа другиот родител или наизменично на секои неколку месеци. Тие добиваат целосна плата за првите 12 месеци од отсуството, а потоа 70 отсто. Во Естонија татковците можат да земат две недели одмор со надомест кој е еднаков на 100 отсто од нивната плата, а уште 435 дена може да ги поделат со мајката.

Скандинавските и нордиските земји: Во Норвешка татковците имаат породилно отсуство од 15 недели со целосно исплатена плата

Норвешка е една од земјите со најдарежливо отсуство за татковци, каде што ова право го користат голем дел од татковците. Тие имаат право на 15 недели со компензација еднаква на 100 отсто од нивната плата или 19 недели во кои добиваат 80 отсто од платата. Во Шведска мајката и таткото имаат заеднички 480 дена породилно што можат да го поделат меѓу себе, а надоместокот е 80 отсто од платата. Во Исланд, од 2021 година родителите имаат 12 месеци кои можат да ги поделат на половина, или едниот родител може да земе седум месеци, а другиот пет. За време на одморот земаат 80 отсто од платата.

Јапонија: Една година породилно, но со помалку од половина плата

Оваа азиска земја дозволува една цела година татковско отсуство и ова право е целосно одвоено од правата што ги остварува мајката. За првите шест месеци надоместокот изнесува 67 отсто од платата, а за вторите 50 отсто. Надоместокот се исплаќа од буџетот и не претставува товар за работодавецот.

Канада: 84 отсто од татковците во Квебек земаат породилно отсуство

Оваа земја обезбедува пет недели татковско отсуство во кои мажите добиваат 55 отсто од нивната просечна плата, до максимум 573 долари неделно. Во поголемиот дел од земјата процентот на татковци кои одлучуваат да земат отсуство е низок и изнесува само 11 отсто, но во екстремно семејно ориентираниот Квебек дури 84 отсто од татковците земаат породилно отсуство.

Како е во другите европски земји?

Во Португалија татковците имаат право на 20 дена отсуство со надоместок во висина на целата плата, а можат да искористат и дополнителни пет дена кои не се поврзани со отсуството. Франција неодамна ги зголеми деновите на породилно за татковците од две на четири недели, при што надоместокот за првите три дена го плаќа работодавецот, а потоа се плаќа од буџетот. Право на 12 недели татковско отсуство имаат и мажите во Словенија, при што првите две недели го добиваат целиот износ од својата плата, а остатокот од отсуството добиваат минимална плата.

Извор



912

X