Летото е прекрасен период кој сите едвај го чекаат, а најмногу децата. Распустот, бескрајната игра надвор и капењето во базен, езеро или море се веројатно меѓу најубавите нешта за сите деца. Но, летото носи и маки за родителите кои одат на работа, па во текот на тие топли месеци имаат само околу две недели право на отсуство и време кога можат да си ги чуваат децата. Останатиот дел од летото го поминуваат снаоѓајќи се кој, кога, како и каде да им ги чува децата додека тие работат.

Ги прашавме нашите читатели кој им ги чува децата во текот на летото и дали тие сметаат дека државата треба да им помогне, а резултатите, очекувано, покажаа дека бабите и дедовците се првата помош кога треба да се најде некој за да им ги причува децата на родителите кои одат на работа.

Најголем дел од испитаниците (51,1%) се родители на деца од 3 до 6 години, а по нив следуваат оние со деца на возраст од 6 до 9 години (44,4%), па оние со деца до три години (26,7% и на крај оние чии деца се поголеми од 9 години (11,1%).

Повеќе од две третини од испитаниците што одговорија на анкетата, поточно 77,8 отсто, работат само прва смена, додека останатите 22,2 проценти одат на работа во смени.

Со оглед на тоа на која возраст се децата на мнозинството испитаници, не изненадува тоа што најголем процент од нив истакнале дека во текот на летото децата им одат во градинка (35,6%). Високи 25,6 проценти ги ангажираат своите родители за да им ги чуваат децата, а 13,3 проценти прават комбинации со партнерот или партнерката за да има кој да ги чува децата. Некои од родителите наведоа дека плаќаат приватни кампови, а некои и дека работат од дома, па успеваат сами да си ги чуваат децата.

10 отсто од испитаниците истакнале дека ги оставаат децата сами дома додека се на работа. Нив ги прашавме и на која возраст било детето кога првпат решиле да го направат тој чекор и најчестите одговори беа 6, 7 или 9 години.

Најголем дел од родителите што ја одговорија анкетата сметаат дека државата треба да се ангажира околу згрижувањето на децата и во летниот период затоа што, како што велат тие, немаат сите баби и дедовци за помош, а и децата се многу мали за да се оставаат сами дома.

-Додека се во градинка нема грижи, кога ќе почнат со школо е проблем, сметам дека треба да има некои дневни центри за згрижување на дечињата бидејќи не секој има опција баба и дедо – вели еден испитаник.

-Државата има опции. Додека нашиот објект од градинката е на едномесечен колективен одмор, оние деца што немаат кој да ги чува и немаат друга опција ги праќаат во друг објект – напиша друг.

Мнозинството родители велат дека мора да има дневни центри и престој за децата на училишна возраст или градинките да ги згрижуваат и нив. Сметаат дека би било добро да има летни работилници и едукативни центри во училиштата.

-Треба да има едукативни центри каде што децата ќе бидат згрижени, а цената ќе биде пристапна, т.е. поголемиот дел да го финансира државата, а родителите да партиципираат со половина или помалку од цената – вели испитаник.

Според родителите, најтешко е за децата од прво до четврто одделение, кои се премали и не се самостојни за да се остават сами дома, а често нема кој да ги чува, па родителите мака мачат за да се снајдат. Велат, подобро да има летни школи и работилници каде што ќе им се помогне во совладување на ученото или ќе спортуваат отколку да седат дома пред екрани.

-Проблемот е за децата во школо од прво до трето-четврто одделение. Може во градинка да одат бидејќи тие работат и преку лето и обично групите се споени. Ама да се формира група само од школски деца и да биде ангажиран наставник – невработен или со помал фонд на часови за да работат на содржини соодветни на возраста, да читаат, да работат математика – предлага испитаник.

-Треба за тие од 6 до 12 години да има нешто како градинките, децата да бидат згрижени барем од 7 до 17 часот, ако треба ќе си плаќаме бидејќи деца на таа возраст не можат сами да седат дома – нагласува друг.

Мислењата дека државата не треба да мисли на овој проблем се броеја на прсти меѓу одговорите на испитаниците, а ова е еден од нив:

-Не треба државата да се секира кој ќе ни ги чува децата. Впрочем, само нам на Македонците тоа ни е проблем. Никоја држава не се замара со тоа. Или баби/дедовци или бебиситер ќе си плаќаме како цел нормален свет. Ако ги прашувате Македонците, тие ќе ви побараат државата и да им ги одгледа децата и да им ги израсне 🙂



912

X