Децата чии родители премногу се грижат за нив помалку се способни да ги контролираат своите чувства и импулси во текот на растењето, а тоа води до проблематично однесување на училиште. Барем такви заклучоци произлегуваат од едно ново американско истражување.

Според трудот објавен во научното списание „Девелопмент психолоџи“, истражувачите следеле до кој степен мајките на мали деца (до 36-месечна возраст) доминираат во играта и им покажуваат на своите деца што треба да прават, а потоа проучувале како се однесуваат истите тие деца во следните осум години. Резултатите покажуваат дека ако родителите што се стремат кон контролирање, ќе се појават низа проблеми кај децата во текот на растењето.

Да им се дозволи на децата да ги доживеат емоциите

– Родителите што се стремат кон преголема контрола најчесто имаат добри намери и се обидуваат да им бидат поддршка на своите деца. Меѓутоа, за подобрување на емоционалните вештини и однесување, родителите треба да им дозволат на децата да го искусат спектарот на емоции и да им дадат простор да испробуваат и да се обидат да управуваат со тие емоции независно, па дури тогаш да ги водат и да им помагаат во случаи кога задачата ќе им стане претешка – изјавила за „Гардијан“ коавторката на студијата, д-р Никол Пери од Универзитетот во Минесота.

Американските и швајцарските научници вклучени во оваа студија ги истражувале однесувањата на 422 деца на возраст од две години, така што ги повикувале сите мајки во лабораторијата и барале да си играат со своите деца 4 минути со разни играчки, а потоа требало да се тргнат играчките во текот на следните две минути. Притоа истражувачите оценувале до која мера мајките се обидувале да ги преземат задачите.

Исто така, ги набљудувале и реакциите на деца на возраст од пет години на неправедната распределба на колачи, како и нивната способност за внимателно промислување при решавањето задачи под временски притисок.

Преголемата контрола не е добра за децата

На крајот, истражувачите ги прашувале учителите на деца на возраст од 5 до 10 години да ја оценат присутноста на депресија, анксиозност или осаменост кај нив, потоа успехот во училиштето и социјалните вештини. Десетгодишните деца биле испитувани за своите ставови кон училиштето и наставниците, како и за нивните емоционални проблеми.

Истражувачите заклучиле дека петгодишниците што имаат послаба контрола на чувствата и послаби социјални вештини, на десетгодишна возраст постигнуваат и послаби резултати на училиште.

Но, д-р Џанет Гудол од Универзитетот во Бату коментира дека при ова треба да се биде внимателен затоа што е тешко да се одреди што е тоа „превисока родителска контрола“, како и дека треба да се земат предвид и културолошките фактори, на пример, колку е (не)безбедна околината во која детето расте.

– Студијата покажува врска меѓу родителите што биле перципирани како родители што премногу контролираат и проблемите кај нивните деца подоцна, но студијата не покажува дека тоа е причината за таквите проблеми, туку вели дека тоа оди едно со друго – а притоа ги набљудувале родителите само 6 минути – истакна д-р Гудол.

Таа додава дека родителите не би требало да се чувствуваат виновни. „Важно е родителите да се грижат за своите деца, за тоа што го прават и што учат“, заклучи Гудол.

 

 



912

X