Воспитување

Во кое време од денот најчесто се случуваат обиди за киднапирање?

По враќањето на децата во училишните клупи, експертите ги предупредуваат родителите да ги едуцираат децата за личната безбедност, особено додека патуваат до училиште и назад до дома. Токму тоа се моментите во денот кога најчесто се случуваат обиди за киднапирање, покажуваат податоците на Националниот центар за исчезнати и искористени деца во САД.

Центарот на својата веб-страница наведува дека децата од училишна возраст се во најголем ризик за киднапирање во деновите кога одат на училиште, а не за време на викендот. Според Центарот, обидите за киднапирање деца од училишна возраст најверојатно се случуваат пред училиште (од 7 до 9 часот), непосредно по училиште (од 15 до 16 часот) и во предвечерието (од 18 до 19 часот). „Тоа често се случува додека детето оди кон автобуската станица да го чека училишниот автобус или кога пешачи кон дома. Секогаш им велиме на родителите да не го оставаат детето само додека чека на автобуската постојка. Барем нека се осигурат да биде со друго дете“, вели за „Фокс њуз“, Калахан Волш од Центарот.

Сите обиди за киднапирање треба да се пријават во полиција, дури и ако киднапирањето било неуспешно и детето безбедно се вратило дома, додава Волш.

„Понекогаш родителите не го прават тоа бидејќи мислат дека добро поминале. Можеби не мислат дека тоа е нешто што би требало да го пријават, но апсолутно би требало да го сторат тоа бидејќи тоа лице можеби веќе се обидело да киднапира дете или стекнало храброст да го повтори тоа“, појаснува тој. Центарот има многу програми за родителите и децата, вклучувајќи „KidSmartz“ програма која ги учи децата како да донесуваат безбедни и паметни одлуки во реалниот свет.

Обратете му се на родителот или старателот пред да одите каде било и пред да прифатите што било од некоја друга возрасна личност, понесете со себе пријател, кажете им на луѓето ако поради некого се чувствувате тажни, исплашени, збунети, ако ви е непријатно или ако некој се обидува да ве однесе некаде и кажете му на возрасно лице од доверба ако некој несоодветно ве допира.

– Често киднапирањата се случуваат кога родителите не се во близина. Затоа децата треба да се зајакнат – порачува Волш и предупредува дека дури и родителите што мислат дека живеат во мирно соседство, сепак, би требало да ги едуцираат своите деца за опасностите од потенцијалните киднапирања.

„Моите родители живееја во безбедно соседство, а мојот брат Адам беше киднапиран. Мислеа дека тоа никогаш нема да се случи“, вели Волш. Неговите родители Џон и Реве Волш го основале Центарот во 1985 година, откако нивниот најстар син Адам, братот на Волш, бил киднапиран и убиен.

– Бевме богато семејство од средна класа и моите родители никогаш не помислија дека такво нешто би можело да се случи. Не размислувајте ниту за момент дека само затоа што живеете во затворена заедница, сте безбедни од нешто вакво, бидејќи тоа може да му се случи на секого – додава Волш.

Автор: Ен В. Шмидт

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top