Децата во Скопје и во Штип се изложени на повеќе прашина додека се во градинка или на училиште отколку надвор. Ова е еден од заклучоците по мерењата на квалитетот на воздухот, водата и почвата во Скопскиот и Штипскиот Регион, што ги направи Факултетот за природно-технички науки и лабораторијата „Амбикон“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ Мерењата ги водеше професорот Дејан Мираковски од штипскиот Факултет за природно-технички науки, беа направени во периодот од 15 мај до 20 јуни во двата града. Резултатите покажале дека присуството на ПМ 10 честичките три до пет пати ги надминува дозволените дневни вредности.
Тој забележува дека во периодот надвор од активните часови прашината бргу се таложи и концентрациите се изедначуваат или се спуштаат под амбиентните, што укажува дека основната причина за високите концентрации на ПМ10 честичките е повторно кревање на прашината во активниот период.
– Еве децата престојуваат во затворени простории, а тие се доста активни во училниците и салите, така што постојано ја ресуспендираат прашината што паѓа, а ситните фракции кои се поопасни за здравјето не се толку високи. Меѓутоа, се повисоки од тие што ги има во амбиентот – вели Мираковски.
Тимот на научници ја истражувал изложеноста на велосипедистите на аерозагадувањето во близина на сообраќајниците во Скопје. Резултатите покажуваат дека персоналната изложеност на велосипедистот кој се движел во зони со интензивен сообраќај е повисока за околу 70 проценти кај ПМ 10 честичките и за 60 проценти кај ПМ 2,5 честичките отколку кај велосипедистот кој возел на место каде што немало сообраќај.
Кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ ја реализира Институтот за комуникациски студии, а проектот е финансиран од британската амбасада во Скопје.
912