Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Син ми има 3 години, оди во градинка и таму е смирен, повлечен и си јаде нормално. Откако ќе го земеме дома, станува нервозен, нѐ тепа, крши работи. Ако седнеме да јадеме, ќе седне и тој и одеднаш ги фрла сите чинии и се смее. Каде и да одиме, сака да зема играчки, мисли дека се негови и не сака да ги врати назад. Кога одиме кај бабите и дедовците, мисли цел свет е негов, само трчаме по него затоа што гледа што да фрли или искрши. Сме пробале на секаков начин да разговараме, да му објасниме дека не е убаво тоа што го прави и дека не смее така, но не слуша. Ако го скараме или удриме по задникот, плаче и се умилкува тажно, вели дека не сакал да го направи тоа, сѐ додека не му простиш и потоа пак истото го прави. Како да му помогнеме? Многу е нервозен, агресивен и емотивен.
ОДГОВОР: Можам да ја почувствувам вашата фрустрација и беспомошноста додека се обидувате да се справите со ситуацијата. Секако дека е напорно да се соочувате со постојано фрлање, трчање, удирање.
Вашето дете е сè уште многу мало и сè уште учи како да ги контролира своите импулси и однесување, а и како да комуницира со вас. Од друга страна, сето ова што го прави за него претставува игра со која го истражува светот.
На оваа возраст фрлањето работи може да биде начин за него да ги истражува причината и последицата и да научи како функционираат работите околу него, па така тоа претставува еден вид авантура, игра, а и го привлекува вашето внимание.
Сфаќа дека неговите гестови имаат ефект, дека има способност да влијае врз реалноста што го опкружува. Всушност, гледано вака, има што да слави!
Како родители, треба да знаете дека вашето дете постојано ќе наоѓа начини да ги тестира вашите граници.
Смеењето додека го дисциплинирате е прилично нормално за децата. Тоа го прави затоа што е нервозен или уплашен. Знае дека направил нешто погрешно и не е сигурен како да реагира. Исто така, не сака да се почувствува немоќно во ситуацијата, па смеењето претставува како одбранбен механизам како да се справи во тој момент и да ја смири ситуацијата.
Сепак, многу е важно да се постават јасни граници и очекувања за неговото однесување. Удирањето и викањето не се метод на воспитување иако разбирам дека во вакви ситуации е тешко да се остане сталожен. Кога го удирате и викате, тоа само може да доведе до контраефект за потоа пак да продолжи со истото, што значи, ништо не сте постигнале.
Границите се од големо значење за здравиот развој на вашето дете, како емоционално така и физички. На оваа возраст тоа учи и расте брзо, и од клучно значење е јасно да знае што се очекува од него, што е прифатливо однесување, а што не. Границите помагаат да се создаде структура и конзистентност во неговиот живот, а тоа понатаму доведува до чувство на сигурност и доверба.
Во исто време, границите го учат вашето дете на важни животни вештини, како што се самоконтрола и почит кон другите. Со воспоставување јасни граници, вие го учите вашето дете дека неговите постапки имаат последици и дека треба да внимава како неговото однесување влијае врз другите. Ова може да му помогне да развие емпатија и сочувство, кои се важни за градење здрави односи во иднина.
Границите треба да бидат соодветни на возраста и флексибилни. Вашето дете е сè уште мало и ќе прави различни грешки и не можеме да очекуваме да биде толку многу послушен и мирен. Целта не е да го казните или контролирате, туку да го водите и да му помогнете да расте во одговорна, грижлива личност.
Еден од наједноставните начини за подобра комуникација е да се спуштите до нивото на неговите очи кога разговарате со него, воспоставете контакт со очите и кажете ги вашите упатства со мирен, но цврст и јасен тон.
Кога фрла чинии или кога руши сѐ пред себе, веднаш сопрете го бидејќи се работи за неговата безбедност и безбедноста на сите околу него и веднаш тргнете го од тоа што го прави, мал тајмаут може да го смири, а потоа да зборувате. Почекајте додека не се смири бидејќи кога е преоптоварен емоционално, тој нема пристап до делот од мозокот кој му овозможува да размислува и да расудува.
Можете да кажете: „Мама те замоли да не се фрлаат чиниите и виљушките“, „Мислам дека е добро сега да…“
Играјте улоги за тоа како треба да побара од некое дете играчка или да пријде без да ги удира и турка. Читајте различни сликовници со различна тематика за добро однесување.
Секогаш пофалете го кога прави нешто, прегрнете го, кажете гласно кога нешто добро ќе направи итн.
Не заборавајте да бидете трпеливи, доследни и полни со љубов, а вашето дете ќе прерасне во одговорна, грижлива личност.
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912