Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ги следам вашите одговори за децата и сакам да ве замолам за помош. Моето девојче оди во градинка, има 3 години и 6 месеци. Премногу е темпераментна и секој ден учителката ми кажува дека се задева со децата, не сака да слуша ништо, не сака да се заморува со ништо. Кога ќе ја земам и разговарам со неа на таа тема, само ми вели: „Не правам јас никакви лоши работи, мирна сум и ќе бидам мирна“. Кога ќе дојдеме дома, на нејзиното братче не му дава ништо, никаква играчка, само го удира, го тепа. Избувнувам во моментот, не сакам ни да ја удрам по газето или да ја скарам, меѓутоа, таа ме вади од контакт. Има моменти кога јас ѝ кажувам што не треба да прави, а таа не ме слуша.
Наташа Маџевска, психотерапевт
Има поддршка од баба ѝ и до некаде и дедо ѝ има удел во тоа. Јас кога ги стегав уште од малечки, додека ги учев на некои работи, објаснував, тие ми велеа дека се многу малечки, дека не разбираат ништо, да ги оставам да прават што сакаат. И сега кога растат, кога прават некои работи, тоа им пречи. Не знам како да се однесувам. Ве молам за помош!
Прашува: Маја
ОДГОВОР: Кога има повеќечлено семејство, најважно е да се направи договор околу учеството на бабата и дедото во одгледувањето на децата. Тоа што треба најпрвин да го направите е вие како родители да се договорите за ставот за воспитување на децата и вклучувањето на бабата и дедото во одгледувањето на децата. Се разбира, ова е процес и потребно е време, поголемо заемно разбирање и стрпливост за да се постигне одреден договор. Различните ставови и тешкотии во односот прават да заборавиме на искрениот разговор, почитувањето и меѓусебното уважување. Одржувањето квалитетен однос со баба и дедо не е лесна задача и бара меѓусебен труд на сите вклучени, а тоа носи големо богатство. Важно е да се договорите тука и сега кое однесување е најдобро за вашите деца.
Со вашето дете треба да договорите правила на однесување и да имате големо трпение како родител. Кога таа не дели играчки, поразговарајте како би се чувствувала кога братчето нема нејзе да ѝ даде играчка. Секогаш повикувајте ја на лично искусување на емоциите, на тој начин нејзината голема потреба за моќ ќе се смирува. Ве повикувам да играте заедно и да ѝ кажете: „Ти не сакаш да ги делиш играчките“, кога тоа ќе го забележите. Ова за неа е момент кога ќе се почувствува разбрана и е почеток на процесот на менување на нејзиното досегашно однесување. Кога ќе покаже менување во однесувањето; ги дели играчките и игра со братот, пофалете ја и наградете ја. Колку повеќе ја фалите, толку повеќе ќе сака да го повторува убавото однесување.
Одговор: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912