За да им олесни на родителите, Бирото ќе направи упатство кое ќе објаснува кој опис каква оценка значи

Наставниците во четврто, петто и во шесто одделение, освен во прво и трето тримесечје, описно ќе ги оценуваат учениците и на полугодие. Досега на полугодие добиваа оценки. Сега оценки ќе добиваат само на крајот од годината. Од Бирото за развој на образованието велат дека новината е според новиот Закон за основно образование, кој е во сила од оваа учебна година. За да им олесни на родителите, Бирото ќе направи упатство кое ќе објаснува кој опис каква оценка значи.

Евидентен лист за ученик во 4. одделение

Дел од наставниците негодуваат за промената, која им отвора плус работа, пополнување на евидентните листови и на полугодие.

На веб-страницата на Бирото за развој на образованието (БРО) веќе има соопштение во кое стои дека описни оценки за учениците во четврто, петто и во шесто одделение треба да има и за полугодие. Евидентниот лист ќе биде даден на увид на родителите на учениците.

– По јавната расправа за законот, невладини организации, односно граѓанскиот сектор барал да продолжи описното оценување и во четврто, петто и во шесто одделение. Така, ќе си има описно оценување. Бирото за развој на образованието ќе направи упатство, согласно кое на родителите ќе им се каже на која бројчена оценка одговара текстуалната оценка. На крај од учебната година оценувањето ќе биде бројчено – велат во Бирото.

Наставници со кои поразговаравме велат дека ова им е нова обврска која ќе ги оптовари дополнително со оглед на другите административни обврски што ги имаат во текот на учебната година.

– Да се оцени ученик описно не е мал ангажман, треба за секој предмет поединечно и детално да се напишат постигнувањата на секој ученик во одделението. Имајте на ум и дека секој родител потоа прашува и добива објаснување за тоа на која бројчена оценка одговара описот – вели наставничка во едно скопско основно училиште.
Во групите во кои пишуваат наставниците на социјалните мрежи споделуваат негодување за новината, но сепак не реагирале до Синдикатот. Во Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) велат дека досега немаат добиено посериозни реакции од наставници за новововедената обврска.

Инаку, периодов на родителските средби родителите добиваат евидентни листови со оценките на нивните деца, по крајот на првото тримесечје. Тие се описни, за секој предмет поединечно е впишано постигнувањето на учениците. На тие средби родителите имаат право да ги погледнат постигнувањата, па им ги враќаат листовите на наставниците.



912

X