Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам внука која има 3 години и 3 месеци, препаметна е, но има еден проблем. Сѐ уште носи памперс, не сака да го отфрли и се плаши да кака, некогаш ѝ се случува по една недела да нема какано, а кога ќе дојде време, стоечки го прави тоа и плаче 3 часа. Пробавме со секакви сирупи и сѐ, ништо не помага. Јас мислам дека вие можете да ни помогнете бидејќи проблемот ѝ е психички, не сака да седи на нокшир, ниту на шолја, се плаши, како да ѝ помогнеме?

ОДГОВОР: Почитувана баба, драго ми е што пишувате за ова прашање, и соодветно согледувам дека во овој интимен и доста личен процес на детето се вклучени и загрижени доста членови од семејството.
Ваквите состојби кај децата најчесто се транзиторни и се поврзани со развојот, како физиолошки, така и психички (емотивно). Оваа состојба се манифестира кај неа во период на негативизам и голем инает и се манифестира преку непразнење на цревата. Но како ќе се надмине, зависи од тоа што ќе промените во однос на справување со ова прашање и како ќе го поместите фокусот на одговорност и дејствување.

Забележливо е дека вашата внука има отпор кон нешто што се случува во семејството, но не знае или не може, или нема кому да го каже, па го манифестира преку себе и ги користи сопствените физиолошки процеси за да испрати пораката. Од она што го пишувате уочувам дека премногу се занимавате со симптомот, а многу помалку со развојот на вашето дете/внуче и низ каков период таа поминува, па некако симптомот ви доминира во комуникацијата со неа. Феноменолошки гледано, вие сите во семејството интензивно гледате на нејзиното непразнење и тоа станува еден огромен симптом со кој сите се занимавате, изостанувајќи го она што таа е. И некако тоа прашање периодов го обојува нејзиното постоење. Нејзиното однесување, пак, укажува дека станува збор за дете кое е доста тврдоглаво, а воедно и послушно и дете од кое премногу се бара. Таа сака или поверојатно е ставена во центар на внимание на повеќемина, па макар нека е и со вака преплашувачки симптом, а таа ја игра оваа единствена игра бидејќи вие имате очи само за тоа. Кај неа тоа креира големо емотивно преплавување на измешани и интензивни емоции, од возбуда и вознемиреност, гордост и срам, задоволство и страв. Тоа се емоциите со кои таа дополнително се справува додека вие се занимавате со исправување на нејзиниот физиолошкиот проблем.

Сакам да ви посочам да погледнете зад симптомот, поточно во целата нејзина динамика, што стои во заднина, каква потреба и барање има од вас? Дали се плаши од нешто, па не знае како да го разбере, дали сака да каже нешто, ама не е сигурна како ќе го прифатите, дали е дете кое сака работите да бидат по нејзино или е дете кое сака внимание или воспитување на еден поинаков и не толку стриктен и ригиден начин, или е дете на кое му пречи преголемата изложеност преку симптомот?

Начинот на кој нашето тело функционира отсликува одредена психофизиологија која ни ги покажува знаците кои доколку ги слушаме, ќе ни ја „олеснат“ комуникацијата со детето.
Во самото прашање давате една импресија на одредена беспомошност со ставот „ние не знаеме што повеќе да ѝ правиме“. Можеби не треба да ѝ правите, можеби треба да разговарате преку игра, можеби многу рано сте почнале со одвикнување, можеби пресериозно ја сфаќате. Од она што вие го пренесувате, а е многу значајно, е како да разговараме за поголемо девојче, а не за дете од 3 години? Какви очекувања имате од неа, со самиот факт дека разбира повеќе од другите? Што сакате да ве разбере и како да се промени за да не ја нарушува функционалноста на живеењето. Намалете ги очекувањата од неа, очекувањата од тоа дека таа мора да ве разбере и брзо да ја надмине ситуацијата и дајте ѝ простор да биде 3-годишно дете, со целиот инает и отпор што ги има, а е детски и природен.
Може да се работи со детето и на еден понежен, а потелесен начин, со масирање и контакт на стомачето, со разговори за стомачето во една интимна атмосфера. Можете да се обидете нутритивно да ја поддржите без да ѝ ја пренесувате загриженоста за промените. Да откриете што ѝ одговара, да ја поддржите нејзината приказна со некоја своја приказна, поточно кој друг во семејството има проблеми со дигестијата и со запекот? Тој знае да е придружен симптом на стрес кој детето не знае како да го раководи. Па проверете и со кој стрес, или нов контекст таа се соочува.

И за крај сакам да ве повикам да ги вклучите родителите во ова, нека го прочитаа и тие одговорот и нека најдат начин да ја подобрат комуникацијата со неа, да ја направат полична, поскриена и подоверлива во контекст каде што нема сите од семејството да се занимаваат со нејзиниот проблем.
Не сите ги имаме одговорите за сѐ, но можеме да се консултираме со стручни лица околу промената на комуникациските стратегии со нашите деца во ситуации на отпор, непријатност и одредени физиолошки пречки

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X