Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 11-годишен внук на кој му е установен аутизам од прв степен, но во последно време многу е арогантен и нервозен. Сѐ му пречи, почна да крши по дома и ако некој му рече нешто, вреска и никако не можеме да го смириме. Инаку е многу бистро и паметно дете, сѐ што ќе му речеш знае и те слуша, ама кога ќе му дојдат тие 5 минути, тогаш станува катастрофа. Не знам што да му правиме, дали можеме да му дадеме нешто за смирување?

ОДГОВОР: Ваквиот начин на однесување кај децата може да биде голем предизвик како за родителите така и за поширокото семејство, но може да биде и знак дека детето има тешкотии и дека му е потребна помош. Ова однесување може да се манифестира на различни начини, од удирање или гризење до фрлање предмети или насилни напади на бес бидејќи детето нема капацитет и не знае на кој друг начин да се изрази.

Децата со аутистичен спектар често покажуваат агресивно однесување како резултат на фрустрацијата и анксиозноста што ја чувствуваат поради тешкотиите во комуникацијата. Овој невербален начин на комуникација ни порачува дека нешто не е во ред, како и одговор на преоптоварување на сетилата или промени во околината со кои тешко се справува.
Децата со аутизам, исто така, имаат тешкотии во разбирањето и обработката на емоциите, што може да го отежне контролирањето на однесувањето во стресните ситуации.
Би било добро да ги идентификувате предизвикувачите, да се набљудува однесувањето на детето и да се евидентираат моделите на агресија за да може да се идентификуваат специфичните предизвикувачи. Ако ги познавате предизвикувачите, можете да преземете чекори за да ги намалите стресот и анксиозноста на детето и да спречите агресивното однесување.

Создајте јасна, разбирлива и структурирана рутина за да ги намалете стресните стимули. Ова значи одржување конзистентна дневна рутина за детето со јасно разбирање за тоа што се очекува од него во различни ситуации.
Иако не е лесно, бидејќи во тие моменти и вие сте преплавени од своите чувства, обидете се да зборувате со мирен глас и помогнете му да се чувствува безбедно со вас. Ако се однесувате смирено и нежно, тоа ќе му помогне да стане посмирен и нежен.

Кажете јасно „не“. „Не треба да фрлаш работи“, „Не треба да се кршат предметите“ и кажете му што да прави наместо тоа (како удирање перница итн.).
Обезбедете простор да ги изрази своите емоции без да се повреди себеси или некој друг, каде што ќе може да ја троши својата енергија, како што споменавме, перница, вреќа за удирање, а потрудете се почесто да правите компромис со него во различни ситуации.
Наградувајте го неагресивното однесување кога ќе почувствувате дека детето се соочува со стресни моменти кои потенцијално можат да предизвикаат лути испади. Пофалете го пред да се случи некој од овие испади за да му покажете дека може да се однесува и смирено во вакви ситуации. Не доживувајте ги неговите испади толку лично, покажете многу љубов и разбирање, домот да е безбедно место за вашето внуче, каде што ќе знае дека може да се ослободи, а и биде прифатен.

Би било добро да има некоја физичка активност во која ужива, како што е трчање, карате, борење. Доколку овие испади стануваат поинтензивни и појаки, би било добро да посетите дефектолог и да поразговарате со вашиот педијатар за употребата на сирупи или други медикаменти.

Доколку ви е потребна дополнителна помош и разговор, можете да закажете советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X