Играта е активност во која децата ја покажуваат својата способност за истражување, имагинација и донесување одлуки. Преку играта децата ги развиваат физичките, когнитивните, социјалните и емоционалните вештини

Развојот и учењето во првите години од животот се од исклучителна важност за детето и неговото семејство. Како ќе напредува детето и каква ќе биде неговата развојна компетенција, зависи од целокупното влијание на повеќе фактори, пред сѐ, стимулативната средина која треба да биде присутна како во семејството така и во градинка.
Раниот детски развој го опфаќа периодот од самото раѓање, па сѐ до неговата 6. година. Раниот детски развој е процес низ кои поминуваат сите деца, од едноставни до покомплексни физички, моторни, когнитивни, социјални и емоционални модели на однесување. Сите овие модели детето ги искусува и учи преку играта. Учењето преку игра е еден од најважните начини на кои децата учат и се развиваат.

Играта е активност во која децата ја покажуваат својата способност за истражување, имагинација и донесување одлуки. Преку играта децата ги развиваат физичките, когнитивните, социјалните и емоционалните вештини. Исто така, играта ги подобруваа и ги зајакнува концентрацијата, насоченоста, истрајноста и учењето на социјалните интеракции и норми.

Со искуството што го имам како специјален едукатор и рехабилитатор, би издвоила 5 активности, односно игри кои можат да се прават дома и да бидат забавни како за детето така и за родителите, а придобивките од нив се од огромно значење за неговиот развој.

1. Игри со вода

Нема дете што не сака да си игра со вода. Игрите со вода им овозможуваат на децата да експериментираат во безбедна средина.

Овие игри се одлични за учење на последиците од постапките.Овие игри ја развиваат координацијата око-рака кога децата претураат вода од чаша во чаша, од шише во чаша, ловат предмети во вода и сл. Игрите со вода ги воведуваат во математика и научни концепти.

Водата е совршена за демонстрација на математичките и научни концепти, како што се волуменот и тежината. Тоа децата најмногу ќе го искусат доколку во две кофи со вода стават два предмети изработени од различен материјал и на тој начин ќе уочат како едниот предмет тоне, а другиот лебди.

– Игрите со вода ги подобруваат концентрацијата и фокусот. Како такви би ги издвоила игрите со топење мраз, претурање во шише преку инка, мешање бои во вода и ставање различни текстури, како што се песок, камења, мраз, сапун и сл.

2. Игри со песок

Игрите со песок се фантастична можност за развивање на физичкиот развој и самодовербата кај децата.Игрите со песок ги подобруваат фината и груба моторика на тој начин кога децата прават најразлични торти, замоци или форми од песок, кога закопуваат или откопуваат предмети, кога ставаат песок со раце или со лажица во кофички, садови, чинии и сл. Сите овие игри на децата им помагаат да се запознаат со раните математички концепти, да експериментираат и учат.

Овие игри ја поттикнуваат креативноста кај децата преку правење најразлични форми, цртање и пишување во песок, правење патеки во песокот со ставање камења и дрвца. Сите овие креации на детето му даваат чувство на успех и достигнување.

3.Игри со тесто или пластелин

Играњето со тесто или пластелин смирувачки влијае врз децата, на тој начин децата ја намалуваат напнатоста и го ослободуваат вишокот енергија, го подобруваат фокусот и ги изразуваат емоциите.

Придобивките од игрите со тесто или пластелин се од непроценливо значење за развојот на фината моторика преку стискање, тегнење, сечење или кинење на пластелинот или тестото, паралелно се подобрува и графомоториката, која е основа за почетното пишување кај детето.

Креативноста и имагинацијата најдобро се поттикнуваат преку овие игри. Со правење најразлични форми, животни, овошје или зеленчук. Правење зеленчукови или овошни градини од пластелин, животинска фарма, зоолошка, броеви или букви.

4.Игри со музика, танцување или пеење

Има ли подобра забава од музиката и танцувањето. Вистинска забава за децата да го развијат ритамот, како и да ги истражуваат и контролираат движењата на своето тело и да ги усовршат своите вештини за слушање. Танцувањето му помага на детето да ги развие флексибилноста и координацијата.

Пеењето и танцувањето го стимулираат мозокот така што децата учат нови работи, звуци и обрасци.
-Музиката и танцувањето му помагаат на детето да ги изрази и ослободи своите емоции, а истовремено и да ги развие креативноста и имагинацијата.

5. Игри со сложувалки и коцки

Правењето на првите кули или згради е секогаш од коцки, а потоа и сѐ друго. Секое дете во своето царство на играчки ги има коцките, а подоцна и сложувалките. Моќта на овие игри е од големо значење за развојот на детето. Тргнувајќи од развојот на координацијата око-рака, фината моторика, когнитивните вештини (логичко размислување, решавање проблеми, меморија, препознавање и учење различни форми, големини и бои), па сѐ до емоционалните вештини (поставување цели, истрајност, упорност и сл.).

Овие игри можат да бидат самостојни или групни, како во градинка така и дома. Коцките и сложувалките, освен што можат да се купат, можат и да се изработат дома од најразлични материјали: картони, шпатули или листови.

Играта е храната на едно дете, па затоа, драги родители, дозволете им на вашите децата да истражуваат, експериментираат и искусуваат најразлични искуства, а секако можете и да бидете дел од нивните креации. Тогаш на задоволството и среќата ќе им нема крај. Патувањето може да започне.

Автор: Магдалена Лазарова, специјален едукатор и рехабилитатор



912

X