Воспитување

Влијанието на односите со родителите врз развојот на децата

Силните и здрави врски меѓу децата и родителите придонесуваат за здрав физички, когнитивен, емоционален, социјален развој кај децата. Ваквите односи ја обликуваат личноста на детето, ги поставуваат темелите на неговите животни избори и го обликуваат однесувањето во дадени ситуации. Истражувањата на оваа тема покажуваат дека здравите односи меѓу родителите и децата имаат позитивно влијание врз децата и врз целата семејна атмосфера.

Здравата поврзаност му обезбедува на детето да учи како да ги регулира своите емоции во ситуации кои се тешки за него, како да обликува оптимистично и сигурно социјално однесување со врсниците и околината, му обезбедува мотивација за развој на вештини за учење, како и вештини за решавање животни проблеми. Под здрава поврзаност не се подразбира и силна приврзаност иако понекогаш родителите на силно приврзани кон нив деца мислат дека тоа е оптимален однос. Силната приврзаност прави зависни, инертни и пасивни деца.

Односот меѓу родителите и децата со текот на растењето на детето треба да биде приспособлив кон неговата возраст. Раното детство бара врски засновани на топлина и сигурност. Во тој предучилиштен период се јавуваат и првите социјални искуства на детето каде што родителите го учат што е добро, а што е лошо, со што се одредува и стилот на родителството. Односот меѓу родителите и децата ќе зависи од избраниот стил на родителство на родителите. Подоцна во училишната возраст детето го префрла вниманието од семејството на своите врсници, но тоа не влијае врз динамиката на односот родител дете доколку тој бил здрав и поддржувачки. Во овој период комуникацијата родител дете е двонасочна. Детето ги комуницира своите потреби со родителите, покажува што му се допаѓа, а што не му се допаѓа, што е првиот обид да ги постави сопствените граници меѓу него и родителот. Ваквата еднострана или двострана природа на интеракцијата родител-дете повторно ќе зависи од стилот на родителство што го користат родителите.

Автор: м-р психолог Христина Стефановска

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top