Советите на д-р Владета Јеротиќ се секогаш вистинско богатство. Тој е посебна ризница на мудрост и во многу од неговите предавања се ужива и денес со слушање, гледање и читање на текстовите.

На едно од овие предавања тој зборуваше и за изборот на партнер, многу важна тема за секој од нас. Врз тој избор, вели, многу влијае динамиката во основното семејство. Тој опишува како изгледал тој избор порано и како родителите, најмногу таткото – секогаш го имал првиот и последниот збор.

– 14-15-16-годишно момче и девојче на иста возраст, шетаат и се држат за рака. А таткото вели: „Тој никогаш нема да ти биде маж“ или обратно… Зошто? Затоа што во тоа семејство има или психички пациенти или самоубиства или убиства, алкохолизам… Родителите, татковците, точно знаеле и најчесто избирале пријателски семејства. И децата слушале. Тие веќе немале 15, туку 19 или 20. И тоа не било толку лошо. Немам носталгија за тоа време, немојте да мислите така. Јас сум прилично стар и модерен во добра смисла на зборот. Но, стојам на тоа дека беше добро – рече Јеротиќ на едно од предавањата во 2012 година.

Потоа се надоврза на темата за разводи што бил своевиден скандал во времето кога тој растел.

– Роден сум во Белград. Кога паровите се разведуваа, тоа беше скандал. За тоа се зборуваше во градот, зошто се разделиле… Луѓето беа љубопитни. И не мешајте ја љубопитноста со радозналоста. Не е исто. Здравото дете кое има 2, 3 или 4 години не претворајте го во иден малограѓанин. А само здраво дете може да биде љубопитно – објаснува Јеротиќ.

Коментирајќи ја возраста на која денешните млади луѓе стапуваат во брак, Јеротиќ вели дека и оваа промена кон влегување во заедницата подоцна во животот донела одредени промени. Пред 13 години, просечната возраст за брак беше 30 години за мажи и 28 за жени. Само малку повеќе од една деценија подоцна (2023), тој просек се помести понатаму и сега е 34,5 години за мажи и 31,4 години за жени.

– Жената може да се породи на 45 години, особено ако се породила пред тоа. Нашите почитувани гинеколози велат жените да раѓаат во помлади години, значи околу 28 години. Може и малку подоцна, но не е исто. Ниту развојот потоа не е ист. Постари бракови со деца, се сеќавам на една приказна од пред војната. Таткото имал 44 години, а мајката 35. Имале многу интелигентно и многу тажно дете. Тогаш ваквите деца се викаа старо-мало. Зошто старо-мало? Па, постарите родители не знаат како да си играат со своите деца. А потребата за игра е природен нагон и постои и во животинскиот свет – вели Јеротиќ.

Тој објаснува дека не е исто кога родителите се млади и кога се малку постари. Не е истата игра.

– Кај младите мајка и татко, да речеме на 25-26 години, сѐ уште е сочувано нешто од таа игра – вели професорот.

Интересна тема со која се занимава Јеротиќ и за која вели дека жали што не напишал книга на таа тема, темата за втор или трет брак. Може да биде успешен, но – многу ретко.

– Речиси по правило, вториот брак е полош од првиот. Третиот, уште полош. А како може вториот брак да биде подобар? Ова се нарекува индивидуација. Тој или таа научил нешто од првиот распаднат брак што не било добро. Имав една пациентка, околу 40 години, три разводи. Доаѓа кај мене и ми вели: „Докторе, мислам дека нешто не е во ред со мене“. Ја прашувам какви биле нејзините сопрузи. Првиот, вели, алкохоличар, вториот коцкар, третиот женкар. Како некоја шема. Лоши избори кои се повторуваат, а ние ништо не учиме од нив. Затоа секогаш велам, ретко кога случајно и слободно избираме партнер. На крајот на краиштата, тоа е некаква законитост. А таа законитост се крие во нашите родители – објасни Јеротиќ.

Целото предавање можете да го слушнете во продолжение.

Извор



912

X