Почетокот на учебната година секогаш поставува нови предизвици пред децата и нивните родители. Во јавноста веќе некое време се провлекува тезата дека нашите деца се премногу оптоварени со преголема количина (непотребни) информации кои мора да ги усвојат, а во целата приказна не го знаат основното – да поврзуваат факти од различни предмети, да сместат некои луѓе и случки во заеднички контекст, логички да размислуваат… Така традиционалните методи во наставата, како обичното предавање во кое наставникот слепо се држи до пропишани правила, со мала можност за отстапки, стануваат работа на минатото, а ги менува многу пофлексибилен пристап приспособен кон интересите на децата, но и модерните технологии кои досега беа многу малку застапени во наставата.

На сите им стана јасно дека децата треба да научат да поврзуваат информации од различни предмети и подобро да го користат логичкото размислување, што е и идејата на школите за живот. А кои се тие фактори за успех на училиште?

Мотивација

Успехот на училиште не се само оценките, туку многу е поважно да се разбуди интерес кај децата и да се создаде свест за тоа дека знаењето не е нешто што се мора, туку се сака. Многу фактори влијаат врз успехот на училиште. Психолозите со децении се обидувале да пронајдат единствен одговор на прашањето што сè влијае врз училишниот успех, па така многумина сметаат дека мотивираноста за постигнувањата е еден од клучните фактори, особено кај постарите ученици. Кај помладите, пак, повеќе е присутен стравот од неуспех отколку мотивираноста за постигнувања. Но, истражувањата покажале дека мотивираноста зависи и од влијанието на особините на личноста, на пример, од развиеноста на емоционалната интелигенција. Едно лондонско истражување, спроведено на повеќе од 600 ученици од седмо одделение, покажало дека токму емоционалната интелигенција, како и способноста за препознавање и разбирање на чувствата, прави разлика помеѓу одличните и просечните ученици.

Важноста на „здравото“ семејство

Детето на училиште е изложено на своевиден систем на вреднување, критики, пофалби, па би требало да знае на соодветен начин да се справува со тоа, односно да прифаќа и успех и неуспех. Децата што се воспитани во емоционално неусогласени семејства, кои постојано се изложени на критики, нема да се чувствуваат сигурно и нема да имаат самодоверба, туку постојано ќе се сомневаат во својата работа и своите способности. Таквите деца, освен што имаат тешкотии во комуникацијата со врсниците, постигнуваат и полоши резултати на тестовите. Тука доаѓаме до уште еден фактор (училиште) за успехот, кој можеби на прв поглед не изгледа како пресуден, но веројатно е еден од најважните, а тоа е емоционалната хармонија во семејството.

Професорите Мира Чудина-Обрадовиќ и Јосип Обрадовиќ од Филозофскиот факултет во Загреб пред неколку години објавија научен труд за влијанието на брачниот и емоционалниот однос на родителите врз училишниот успех и однесувањето на децата. Заклучиле дека за училишниот успех на детето, многу е важна меѓусебната љубов на родителите, како и чувството дека имаат заеднички цели, со тоа што пресудна улога има таткото, односно неговото сфаќање дека воспитувањето е заедничка работа на мајката и таткото, како и неговото активно вклучување во образованието на детето.

– Освен што брачната хармонија влијае врз училишниот успех, таа за децата има и улога на социјална потпора. Социјалната потпора е пораката што детето ја добива во семејството – дека е сакано, ценето, дека е заштитено и дека припаѓа во сигурна и цврста заедница – стои во нивниот заклучок.

Автор: Дуња Ладиќ

Извор



912

X