Јасно е дека антибиотиците НЕ можат да излекуваат вирусни инфекции! Тажен факт е што децата (а тоа важи и за возрасните) честопати непотребно земаат антибиотици – иако очигледно се работи за вирусни инфекции!
Тоа е еден, ако не и најважен, вид неправилна употреба на антибиотици, но и главна причина за растечката отпорност на бактериите на антибиотици. Сведоци сме на појавата на „супербактерии“ кои не може да ги победи ниту еден познат антибиотик, но и на сѐ поголем број „обични“ бактерии кои повеќе не реагираат на стандардните антибиотици, туку бараат употреба на многу посилни (и со многу повеќе негативни ефекти) антибиотици, кои мора да се даваат интравенски – во болнички услови.
За жал, сѐ повеќе пациенти умираат поради растечката отпорност на бактерии, а Светската здравствена организација предвидува дека до 2050 година ќе има десет милиони смртни случаи годишно токму поради отпорните бактерии! Не треба да се заборави дека и антибиотиците имаат несакани ефекти, а треба да се нагласи дека механизмите со кои антибиотиците го слабеат имунолошкиот одговор на детето сега се јасно познати! ДА – тоа не е грешка, антибиотиците ја слабеат имунолошката способност на телото да се бори против инфекции кои НЕ се бактериски! А тоа е особено изразено кај децата што често примаат антибиотици!
Треба многу да се направи за да се реши ова, па добро е да се разбијат најчестите заблуди што се појавуваат речиси секојдневно, а кои се поврзани со непотребната – погрешна употреба на антибиотски сирупи (или инјекции) кај деца со вирусни инфекции. Поделени се во две групи заблуди: првата е поврзана со треска и респираторни вируси, а втората со болки и воспаление во грлото.
Антибиотици за покачена температура и респираторни вируси
Штом температурата е висока – дефинитивно е бактериска инфекција, што побрзо да се даде антибиотик. Не е секогаш така!
Зголемената телесна температура е еден од знаците на инфекција, но не укажува на типот на агенсот што ја предизвикал инфекцијата. Лекарите сакаат да кажат дека високата температура е неспецифичен индикатор, што значи дека знаеме само дека детето е во неволја, но не и зошто температурата е висока. Високата температура најчесто доаѓа од инфекција, но и болести кои не се инфекции, а се проследени со висока телесна температура. Кога зборуваме за заразни болести, вирусите се многу честа причина за висока температура кај децата, а тие не се лекуваат со антибиотици! Пример е актуелниот грип, а за жал и епидемијата на сипаници.
Прегледот на детето, со помош на рутински анализи (крвна слика, ЦРП и преглед на урина) брзо ја решава дијагностичката дилема, па кога ќе се утврди дека се работи за вирусна инфекција – НЕ се даваат антибиотици, без разлика на температурата! Затоа, НЕ треба да давате антибиотик веднаш само затоа што детето има висока температура!
Детето имало фебрилни конвулзии – „фрас“, па најдобро е веднаш да се даде антибиотик при следната појава на покачена температура – за секој случај. Сосема погрешно!
Фебрилните конвулзии се јавуваат НЕ поради некоја посебна бактериска или вирусна инфекција, туку поради посебна реакција на детето (кое има предиспозиција – склоност кон „фрас“) на висока температура!
Затоа е најважно да ја намалите температурата (со лекови – антипиретици додека го ладите детето), а додека не се утврди причината за високата температура, НЕ треба да започнувате со антибиотска терапија на своја рака! Антибиотикот не е антипиретик – лек кој се користи за намалување на високата температура, па затоа антибиотикот НЕ ја намалува високата температура!

Детето има тешка вирусна инфекција, дијагнозата е потврдена и со крвна слика во која леукоцитите се на долната граница. Веќе пет дена има висока температура, па да почнеме со антибиотикот – да го спречиме ширењето на вирусот и компликации! – Ова никогаш не треба да се направи!
Ширењето на вирусот не може да се спречи со антибиотици. Причината е едноставна – антибиотиците ги убиваат бактериите, но не и вирусите, дури ни вирусот на грип. Тоа што детето има температура пет дена е типично за сегашниот грип! Високата температура обично трае седум дена.
Факт е дека со грипот понекогаш може да се очекуваат компликации кои се лекуваат со антибиотици, но тоа не се прави однапред!
Прво, детето може да помине без компликации, а второ, ако се случи „под антибиотици“, должни сме да вклучиме уште еден „појак“ (поширок спектар) во терапијата, кој често е во форма на инјекции.
Затоа одлуката за можна антибиотска терапија ја носи педијатарот – по преглед на детето!
Автор: д-р Горан Вукомановиќ