Модерниот, забрзан, транзитен свет е принуден да застане. И сите оние што се плашат од овој вирус, кој е распространет низ светот, и оние што не се плашат, мора да ги менуваат плановите. Мора да одложуваат средби, состаноци, работилници, ручеци, гледања, слушања. Некој пред три месеци да ми речеше дека ќе се случи една голема пауза во животите на луѓето, немаше да верувам, бев сигурна дека ништо не може да ги сопре луѓето. Денес се шетам во центарот на главниот град и гледам празни улици и – мир.

Изминативе месеци бев окупирана со зборувања, предавања, детска глума, настапи и вежбање, па некако посакав да направам пауза. Првата пауза се случи во февруари кога болест проследена со температура ме натера малку да го забавам мојот свет. Траеше четири дена, а мене ми изгледаше дека трае со години, а до крајот на февруари се обидував да ги завршам сите пропуштени обврски. Се чувствував виновна што бев болна. Иако имав температура, работев дома како да сум здрава, бидејќи мојот син од три години не знае што е боледување. Сметав дека моите обврски се поважни отколку моето здравје. Каде нè одведе тој забрзан свет што почнавме така да размислуваме? Потоа на врата затропа глобална пандемија: – Чук! Чук! Има ли некој? Имате ли малку време за мене?

И што сега? Немаме каде да бегаме. Можеме само да останеме и да чекаме. Мораме да го паузираме животот на неколку минути, часови, денови, можеби и месеци. Последиците ќе бидат значајни. Благајните на приватниците и слободните уметници веднаш ќе бидат на удар, а последователно и државните благајни со сите тие плати од кои многумина зависат, па така и за мене – учителката. Сите наши проекти околу кои многу се трудевме се откажани. Патувањата се одложуваат, плановите се менуваат. Животот застанува.

Сонцето се смее, пролетта е во полн ек, парковите и шумите нè довикуваат. И така немаме каде да одиме. На полица ме чека еден куп од прекрасна стручна литература за детската психологија и развојот која едвај чекам да ја прочитам.

Почнува настава на далечина и како учителка многу сум возбудена што ќе ги користиме сите дигитални алатки и ресурси и сигурна сум дека многу од нив ќе ни се допаднат, па ќе продолжиме да ги користиме кога оваа пандемија ќе помине. А ќе помине.

Се радувам на тоа што учениците ќе бидат големи одговорни луѓе, кои ќе имаат можност да се докажат како дигитални експерти, па во тоа ќе ги победат и своите учители. Се радувам на многубројните повици и пораки што идните денови ќе ги разменам со моите драги луѓе, грижејќи се за нив и нивното здравје, па ќе зборуваме за комарците и пролетта, силното сонце, пазарот на недвижности и воспитни методи кои не дејствуваат. Сигурна сум дека ова повлекување од секојдневието ќе ми донесе инспирација и за многу нови приказни и работилници. Поучена од искуството, знам дека секој проблем е одлична можност за промена и раст. Животот и сето она што ни се случува по пат, и она добро и она лошо. Но, што е всушност лошо? Да се остане дома со своето семејство? Зависно од тоа на што ставаме акцент, проблемот може да биде и благослов.

Автор: Даниела Миклец, учителка, колумнистка



912

X