„Ќе сфатат дека никогаш не направиле нешто подобро за себе, за детето, а и за сопругата. Истовремено, ќе добијат вистинска слика за тоа како се чувствуваат нивните сопруги додека секојдневно се справуваат со сопствените деца“, им порачува Виктор на татковците кои се двоумат дали да искористат платено отсуство од работа наместо мајките
По шест месеци од породувањето Катерина, сопругата на Виктор Николовски, добила можност за работно место што не се пропушта, па одлучиле ќеркичката да продолжи да ја чува тато.
Виктор ни го раскажа искуството на платено отсуство од работа, популарно познато како породилно боледување, со Ирина, која сега има две години. Тој е еден од 211. татковци што од 2012 година досега ја искористиле оваа можност наместо мајките и ги охрабрува оние што за двоумат во одлуката.
Не размислував ниту секунда
– Сопругата доби шанса за работно место за кое сметавме дека не треба да го пропушти, па тогаш всушност и дознав дека постои опција јас да го искористам породилното отсуство. Сопругата беше со Ирина првите шест месеци, а јас продолжив на породилно отсуство останатите три месеци за да ги заокружиме законски пропишаните девет – вели Виктор.
Раскажува дека ниту една секунда не размислувал пред да одлучи да остане на боледувањето.
– Кога дознав за можноста сопругата да се врати на работа, веднаш почнав да ја убедувам дека тоа е тоа што треба да го направиме. Таа беше порезервирана, понеодлучна, но од денешен аспект воопшто не зажаливме. Беше супер искуство – објаснува.
Тие добиле комплетна поддршка и од нивните родители и од пријателите.
– Нашите родители и пријатели се модерни луѓе, не патиме од комплекси за тоа што мисли околината. Мислам дека никој не го виде ова како погрешна одлука. Поблиското семејство ни даде комплетна поддршка, а пријателите беа позитивно изненадени, особено оние што подобро ме познаваат – вели Виктор.
Откако ја искористил можноста за боледување, многу пријатели се јавувале и сакале да ја дознаат процедурата бидејќи биле заинтересирани за можноста таткото да го искористи породилното.
Цела недела барав систем за успивање
Виктор се грижел за Ирина и пред да остане на боледување, па новата одлука не му претставувала некој голем предизвик.
– Во тоа време Ирина само што почна да јаде кашички, кои беа едноставни за подготовка, па појадокот, ужината и ручекот не беа голем проблем. Првиот ден и целата прва недела ги поминав држејќи ја в раце додека најдов успешен систем за успивање. Претходно заспиваше исклучиво додека сопругата ја доеше, па моравме да поминеме одреден период во пронаоѓање на вистинското решение. Ќе ја успиев држејќи ја в раце и што ќе посакав да ја спуштам на кревет, почнуваше да плаче, како да има вграден сензор за надморска височина. И ден-денес не ми е јасно како чувствуваше дека ќе ја спуштам. Потоа сфатив дека ужива да заспива во нејзината количка, па од следната недела и заспивањето стана песна – раскажува Виктор.
На првиот ден од породилното отсуство Виктор го забележал и првото запче на Ирина, па сите биле повеќе фокусирани на радоста за запчето отколку на каков било страв.
Некои бебиња се мирни, ама не и Ирина…
Некои бебиња се мирни и тивки, па родителите имаат време и може да си дозволат да изгледаат филм, да читаат книга или да го средат домот. Но, Ирина не била такво бебе.
– За неа секогаш велам дека е аждаја, секако, во позитивно-предизвикувачка конотација. Таква беше и во времето кога „се чувавме“, таква е и сега. Понекогаш минуваше апсолутно цел ден кај мене в раце бидејќи ја болеа запчињата додека растеа, некогаш не сакаше да спие, а беше вистинско уживање да се игра со неа – раскажува нашиот соговорник.
Можеби целиот процес, вели тој, бил психофизички исцрпувачки, но тоа му помогнало во спортската кариера. Тој период имал беспрекорна физичка кондиција.
– Од друга страна, имав шанса да минувам многу време со неа и буквално да гледам како ќерка ми секој ден учи по нешто ново. Тоа е незаменливо чувство. Од аспект на пресоблекување, менување пелени, заеднички активности, шетање надвор, немавме никакви проблеми. На почетокот одбиваше да јаде кашички, но со текот на времето го совладавме и тоа. Јас дотогаш не готвев, но за да има Ирина редовно здрава и свежа храна, почнав да готвам, а често и денес го правам тоа – вели таткото.
Сопругата прво беше загрижена, јас не
Дома, Катерина била онаа што била загрижена како Виктор ќе се снајде сам осум часа со бебе. Виктор ја смирувал и ја убедувал дека ништо лошо не може да се случи.
– И реално гледано, не може. Во тоа време Ирина беше 7-8 килограми, бебе што не знае да оди, па воопшто не ми беше страв дека може да се случи нешто лошо. И не се случи за тие три месеци, ниту еднаш не се разболи, ниту имавме некаков посериозен проблем. Можеби самоувереноста придонесе за тоа – раскажува Виктор.
Сопругата прифатила дека тоа е правилен потег, но мајчинскиот инстинкт не ѝ давал да биде мирна.
– Имаше целосна потполна доверба во мене, но такви се мајките, понекогаш ниту во себе не се стопроцентно сигурни. Сепак, мислам дека денес и таа знае дека тоа е најдобрата одлука што можевме да ја донесеме во тој момент. На почетокот често се јавуваше, првите недели си доаѓаше дома за време на паузата за доење, но и за да биде мирна и да види дека сè е во ред. Кога виде дека немаме никаков проблем, стана порелаксирана – вели тој.
Таткото и ќерката уживале во прошетките, во насмевките… Живеат во Дебар Маало во Скопје, па есента секој ден билe во Градскиот парк. Понекогаш со количка, понекогаш во кенгур, но секогаш целосно уживале во природата.
– Како и сите деца, и Ирина уживаше гледајќи ги животните, се смееше од радост, а со неа и јас уживав – вели Виктор.
Надминете ги стереотипите, преземете обврска
Да ги надминат стереотипите и да ја преземат обврската им порачува Виктор на татковците што се двоумат дали да ја заменат мајката на боледувањето.
– Според мене, никогаш во животот нема да имаат поголем предизвик, ни една друга работа нема да им донесе поголемо чувство на одговорност. Дури и ако сметаат дека не се големи љубители на деца, нека бидат сигурни дека ова искуство ќе им го смени таквиот став. Ќе сфатат дека никогаш не направиле нешто подобро за себе, за детето, а и за сопругата. Истовремено, ќе добијат вистинска слика за тоа како се чувствуваат нивните сопруги додека секојдневно се справуваат со сопствените деца. Татковското породилно отсуство е најдобриот пример за родова еднаквост. Сите добиваат кристално јасна слика како е да се биде од другата страна – додава Виктор.
912