Возрасните мислат дека е доволно само да му зборуваат на детето и дека тоа ќе ги послуша затоа што нешто му кажуваат. Но, детето често воопшто не знае што е тоа што  се очекува од него бидејќи начинот на кој му се зборува не е приспособен на неговата возраст, ни на мисловните процеси задолжени за разбирање на информации, барања, задачи.

Ова се двете најчести грешки и би било добро кога не би прераснале во модел на комуникација во семејството.

ВИКАЊЕ = СТРАВ

Кога викаме, на детето му испраќаме порака дека сме беспомошни, дека немаме контрола над ситуацијата, над себе, но и дека е сосема во ред да се вика на некого. Викањето предизвикува страв, телесна непријатност кај детето, збунето е и не знае што да направи во такви ситуации. Кога родителот ќе го повиши тонот, тоа влијае врз неговиот однос со детето на повеќе начини:

1. Кога детето ќе го послуша родителот кој викал, всушност, послушало од страв, а не од разбирање зошто нешто треба или не треба да се направи. Како што ќе расте, помалку ќе се плаши, а и помалку ќе слуша.

2. Детето или покажува отпор (се бори да остане автентично) или се покорува (се откажува од себе). Во првиот случај многу брзо ќе „ги заработи етикетите“ дека не соработува и со време тоа ќе му стане модел на однесување (бидејќи не знае за друг). Детето што ќе се покори станува личност која премногу ќе се приспособува на другите, ќе зависи од туѓото мислење, нема да знае да се заложи за себе.

Јасно е дека ова не води во насока на градење односи засновани на доверба и дека негативно влијае врз животот на детето.

Децата чии родители викаат, исто така, им викаат на родителите, но и на други деца, возрасни лица… Зошто родителите викаат? Некогаш поради недостиг на трпение, преголеми очекувања од детето, некогаш бидејќи се под стрес и имале напорен ден. Секому може да му се случи да реагира на таков начин, но тогаш е важно односот да се поправи, односно на детето да му се појасни кое негово однесување довело до тоа да се чувствуваме лути, па затоа викаме. Ако ова изостане, детето нема да знае кое однесување е неприфатливо и едноставно ќе го повтори, што кај родителите може да предизвика уште поголема лутина и потреба детето да се казни.

Ако ви дојде „жолтата минута“ и несоодветно реагирате, потребно е на детето да му појасните што се случило: „Прости ми што ти викав, ме налути тоа што играчките се расфрлени наоколу иако те замолив да ги раскренеш. Сигурно се исплаши, ајде да се гушнеме/да направиме пауза/да се смириме“. Кога и двајцата ќе се смирите, можете заедно да најдете решение за проблемот.

МОЛЧЕЊЕ = КАЗНА

Молчењето е исто така комуникација и е пожелна тогаш кога на детето му даваме време за да размисли. Но, возрасните често го користат молчењето кога му се лути на детето поради неговото однесување и тогаш го „казнуваат“ со тишина.

Како тоа му влијае на детето?

Главно се чувствува како виновник, дека не ја заслужува љубовта на родителите, дека не е доволно вредно за нивното внимание, па се јавува страв од одбивање. Не очекувајте детето само да заклучи кое негово однесување не го одобрувате. Тоа ќе ве прашува, а вие нема да му дадете одговор, па во него ќе се јави несигурност. Кога се чувствува така, детето се вознемирува, а потоа го преплавуваат непријатни емоции и состојби – страв, срам, тага, беспомошност, грижа.

Многу е покорисно да му објасните што ве налутило отколку да го казнувате со тишина. Со време може да очекуваме и детето да почне да „комуницира со молчење“ и да не ни ги дава одговорите што ни се битни. Што може да помогне за да се избегне оваа замка?

Приспособете ја комуникацијата на возраста на детето, да биде во согласност со неговите моментални капацитети и можности. Често пречката да не послуша детето е кога од него имаме преголеми очекувања кои тоа не може да ги исполни. Исто така, важно е да бидеме доволно јасни во барањата и задачите, а и да ги препознаеме основите на ефикасната комуникација – да го применуваме она што сигурно ќе даде резултат, а воедно ќе помогне да градиме однос со доверба со детето.

Автор: Драгана Алексиќ, семеен терапевт



912

X