Ова е класично и стандардно прашање за новите мајки.
На новите мајки сè им треба. Од игла до локомотива. И, се разбира, секогаш има барем две торби и уште три кеси, па некоја торбичка со козметика, пелени…
– Каде сте се упатиле?
– Одиме на одмор, неколку дена.
– И сето тоа го носите?
– Сè.
Кога првпат се осмеливме да патуваме со тогаш петмесечно бебе, правев списоци за работите што треба да ги понесам. Најпрво за бебето, а потоа за сопругот и за мене. Имаше сè и сешто. Пелени, глодалки, цуцли, шишенца, постелнина за бебето, количка, играчки, лопатче и кантичка, базенче и чамче… Долги ракави, кратки, фустанчиња, шешири, дуксери и јакнички, чорапчиња, па омиленото пластично шише со кое си игра, па тропалки, мечиња… Требаше безбедно и спокојно да се пристигне на море, а таму исто така да се биде спокоен и да се има сè при рака.
Тие денови сопругот ме набљудуваше со оној поглед. Погледот кој вели: „Сања, зошто ти е потребно тоа?!“ Но, не обрнував внимание. Пакував и пакував…
Ни треба количка, пешкири, лекови задолжително, сируп за температура… гел за запчиња…
– Јас се спакував.
– Што? Само ова?
– Одиме на 10 дена, не ми треба цел орман. Во септември на море температурата е тамам.
– А што ако почне да студи и да паѓа дожд? Понесе нешто потопло?
И три дена одам низ куќата како некој дух, барам хартија и запишувам сè што ми треба. Кога ќе видам колкав куп работи се тоа, тогаш повторно почнувам со пакување, ова можеби и не ми треба… и така натаму.

Кога стигнавме на море, беше рано наутро. Воодушевена што бебето го преспа поголемиот дел од патот, што никогаш не плачеше и не беше нервозно (иако реално ги имаше сите услови да биде нервозно бидејќи патот ни се одложи до бесконечност), реков гласно: „Бубаче добро!“ Во еден момент видов два мали бели знаци како се кријат на непцата.
Прекрасно. Два заба одеднаш, прв ден на море. Супер! Сега ќе ни се расипе и морето и летото. (Мислев така бидејќи сите околу нас ширеа паника дека децата се неподносливи кога им никнуваат заби). Потребни ни беа 15 минути за работите да ги качиме на последниот кат. Сопругот се бунеше, не разбирам зошто, јас се преиспитував дали сум понела сè, а Уна гледаше во синото како маѓепсана. Половина од работите што ги понесов не ги искористивме (признавам), Уна не ги ни почувствува забите, но го проба секој камен на плажа. Лековите, фала му на Бога, не ги користевме, но барем ги имавме при рака.
Ок, носев сто чуда… но сега сум извежбана. Сега носам само една торба. Добро две. И кеса. И две ранчиња. И… се одјавувам.
Автор: Сања Митиќ Станојевиќ, воспитувач, мајка, автор