Природата е најзабавната играчница за деца, најпоучното школо, најсликовитата занимална, највредниот учебник, најучител… Неодамна на социјалните мрежи се разви дискусија за воведување предмет природа и преживување во училиштата. Предлогот им се допадна на многумина и се наметна прашањето дали е потребно да се воведе повеќе природа во образованието

Природата продуцира креативност

Во училиштата со години се организира настава во природа, но и родителите и наставниците се сложни дека е потребна повеќе природа во образованието.Сметам дека секое дете треба да учи за природата уште од најрана возраст, особено денес кога живееме во време во кое децата се сè поголеми зависници од технологијата. Поврзувањето со природата е еден клучен фактор за развојот на секое дете, пред сѐ, за поттикнување на неговата креативност, имагинација, грижа за животната средина, развој на еколошката свест и уште многу други придобивки. Во рамките на наставните програми по природни науки, но и во другите предмети се застапени содржини преку чие изучување се проучуваат природата и процесите поврзани со неа. Поголемиот дел од нив се изучуваат теоретски и во училница поради немање соодветни услови или ресурси за нивна реализација. Преживувањето, снаоѓањето во природа, садењето растенија, настава на отворено и сл. би биле многу корисни за учениците, но тешко остварливи за наставниот кадар, а според моето мислење, полесно остварливи во руралните отколку во градските средини. Со учениците од нашето училиште редовно спроведуваме голем број активности за интеракција со природата, како во редовната настава така и преку разновидни воннаставни активности – ни сподели наставничната Елена Антонова.

Елена Антонова

Ги активира сите сетила

Како што вели таа, времето поминато во природа ќе направи кај децата такво чувство какво што ниту едно друго опкружување не може да обезбеди.

И покрај тоа што видеоигрите се попривлечни за секое дете, родителот во ова време на пандемија треба да настојува и да најде начини за забавни и стимулативни игри во природа, при што истовремено се активираат сите сетила, се зголемува концентрацијата, вниманието кај детето, се развива чувството на задоволство и среќа. Така децата стекнуваат одговорност и учат како да се грижат за живиот свет. Сметам дека играњето и престојот во природа не можат да се заменат со дружењето преку социјалните мрежи. Природата е место каде што децата лесно можат да се ослободат од стравот што го акумулираат преку видеоигрите, од гневот и стресот, а да се поттикне продукцијата на хормоните кои предизвикуваат пријатност, среќа и задоволство. Природа и преживување како посебен предмет во основното образование не би требало да се воведе бидејќи децата се преоптоварени со голем фонд на наставни часови, но би можело доколку се направи некаква реформа, со намалување на одредени часови, активностите во природа би биле многу попривлечни за учениците за разлика од многу други содржини – вели Антонова.

Наставата во природа ја плаќаат родителите

Досегашната настава во природа се организира за учениците од петто одделение за време на воспитно-образовната работа и за време на наставата, во пролетните месеци.
-Целите на наставата се здравствено-рекреативни, образовни, воспитни и социјални. Учениците и родителите имаат позитивен став за оваа настава бидејќи децата се учат на самостојност, на приспособување на разни ситуации, приспособување на друга средина поинаква од непосредното опкружување, како и на одговорност. Но понекогаш овој тип настава се поистоветува со екскурзија, бидејќи акцентот е ставен на прошетки и посети на различни знаменитости, природни богатства, верски објекти, установи, а многу мал дел на учење во природата и за природата. Учење за преживување и снаоѓање во природа, садење растенија, истражување за флората и фауната во регионот каде што се одвива наставата, разни истражувачки и творечки активности од страна на учениците не се секогаш составен дел од овој тип настава. Пред сè, учениците би требало да бидат сместени во објекти кои се буквално во природа, по можност детски одморалишта, а не во хотели во центрите на градовите. На тој начин наставата да си го добие своето вистинско значење. Може да се размисли и за ангажирање професионални аниматори и помошници-едукатори кои ќе им помагаат на одговорните наставници за реализација на предвидените целите. Голем дел од наставниците организираат и спортски активности, забава, игри без граници, а во вечерните часови се организираат програми, како што се пеење, танцување, избор на фризури и маски, диско и сл., во зависност од условите и интересите на децата – вели Антонова и додава дека наставата во природа ја финансираат родителите, така што не се во можност сите ученици да ја посетуваат, додека во некои училишта со години наназад таа не се реализира.

Не е потребно преоптоварување со нови предмети

Психологот Елена Кабранова ја поддржува идејата за учениците во основно образование да стекнуваат вештини и знаења кои се практични и применливи наместо теоретски.

Елена Кабранова

За особено важен го сметам развојот на личните карактеристики и таканаречените меки вештини: емоционална интелигенција, себесвесност, самомотивација, толерантност и прифаќање на различностите, подобрување на комуникацијата, решавање проблеми и конфликти, критичко мислење, иновативност, самопочит, справување со стрес, менаџирање со време, емпатија, носење одлуки, тимска работа, одговорност и др. Ова се клучни вештини за живеење во денешното општество кои би им помогнале на учениците да станат успешни возрасни луѓе кои ќе придонесат за развој на општеството – вели Кабранова.
Моментално во основното образование во нашата држава се реализираат производни, општествено корисни и хуманитарни активности како дел од воннаставните активности.

Од оваа учебна година ќе се посветува поголемо внимание на овие активности и за таа цел од страна на Бирото за развој на образованието е изготвена нова концепција за воннаставни активности во основните училишта. Воннаставните активности придонесуваат за когнитивниот, емоционалниот, социјалниот развој на учениците, тие се инклузивни и недискриминативни и се избираат врз основа на потребите и интересите на учениците. Исто така, ги развиваат хуманите вредности, промовираат демократско учество, родова еднаквост, општествена одговорност и толеранција и соработка на училиштето со родителите и локалната заедница. Акциите што треба да ги планираат, организираат и реализираат училиштата, како дел од воннаставните активности, опфаќаат волонтерски активности, хуманитарни активности, општествено корисна работа и сл. Сметам дека овие активности се од особено значење за целокупен развој на личноста на учениците бидејќи опфаќаат аспекти кои со редовните наставни содржини не се опфатени. Дополнителен задолжителен предмет кој би ги опфатил овие активности мислам дека не би било добро да се воведува. Меѓутоа, би можело да се променат некои наставни содржини кои не се релевантни за да се воведат попрактични знаења кои би биле поврзани со потребите на локалната заедница и поширокото општество и би произлегле од реалноста во која живееме – додава Кабранова.



912

X