Дури 80 отсто од децата на претшколска возраст имаат рамни стапала, а како да се реши тој проблем во сопствениот дом, открива кинезиологот Лана Новота.

Стапалото на детето многу се разликува од стапалото на возрасно лице и според составот и според развиеноста на мускулите. Можноста да се деформира е еднакво голема како и можноста добро да се развие. Поради процесот на закоскување, мекоста на коските, како и влијанието на стапалото врз моториката на детето, потребно е да се насочи вниманието кон правилниот развој на детските стапала.

Стапалото на новороденче и на доенче остава впечаток на рамно стапало, нема формирани сводови и претежно има ‘рскавична градба. Дури на возраст од 3 години почнуваат да се формираат и развиваат сводовите, а тоа трае до 18-тата година од животот. Кога децата почнуваат да одат, често се случува да одат по внатрешниот или надворешниот раб, што во голем процент се исправува во следната година или две. Некои податоци покажуваат дека децата до 10-тата година главно ги развиваат мускулите на стапалата и немаат повеќе рамни стапала. Меѓутоа, најновите истражувања покажуваат дека тој развој сè повеќе изостанува и сè повеќе деца и по завршувањето на основното образование имаат рамни стапала. Резултат на тоа е намалена физичка активност на децата во клучните години на развојот, што се однесува до мускулите и коските (од претшколска возраст до 4. одделение), а сè почест проблем се и прекумерната телесна тежина и несоодветните чевли. Додека децата одат во градинка, дури 80 отсто од нив имаат рамни стапала.

Постојат три вида рамни стапала:

1. Флексибилен облик на рамно стапало;
2. Флексибилен облик на рамно стапало со скратена Ахилова тетива;
3. Ригидно рамно стапало (главно вродени деформации на коските).

Соодветни чевли

Чевлите мора да бидат во согласност со големината на стапалото на детето. Родителот треба да ја проверува големината на стапалото на детето на секои 3 месеци во периодот до 3 години, на секои 4 месеци на возраст до 5 години и на секои 6 месеци кога детето ќе има над 5 години.

Чевлите мора да го следат природниот облик на стапалата. Прстите треба да имаат доволно место и да овозможуваат движење без пречки. Треба да се обрне внимание и на подрачјето околу петата, бидејќи не треба да има премногу место и чевлите не треба да се соблекуваат при одење. Мора да бидат од природен материјал и колку што е можно пониски, односно под глуждот, за мускулите да можат полесно да се активираат. Заради развојот на детското стапало, потребно е да се избегнува облека со подигнат медијален (внатрешен) лак во влошката. Имено, влошката ги потпира мускулите и ја намалува нивната активност во текот на одењето, па така ги оневозможува и/или ја намалува нивната активација.

Одење боси

Новите истражувања покажуваат дека одењето без чевли осигурува подобар развој на мускулите на стапалата. Секогаш постојат опции да се изберат папучи што немаат ѓон или дебели волнени папучи. Вашето дете што почесто нека биде босо, но обезбедете соодветен простор за тоа.

Вежби за стапала

Целните вежби за стапала ќе извршат превенција во однос на различни деформитети и ќе осигурат правилен развој на стапалата на вашето дете. Вежбите за стапала обезбедуваат подобра циркулација во мускулите на стапалата и потколениците, како и активација на мускулите на стапалата и потколениците. Се препорачува одење по нерамни површини со цел подобра циркулација на мускулите на стапалата.

Автор: Лана Новота/ кинезиолог

Извор



912

X