Лицата изложени на големо емотивно медиумско влијание не успеваат секогаш да го цивилизираат своето нагонско однесување изразено на примарен и на брутален начин
Големиот број видеоигри и серии со кои децата постојано се опкружени преку интернетот, сега кога поради пандемијата мора да престојуваат претежно во своите домови, како модел влијаат врз нивната личност и нивната перцепција на реалноста. Секако дека тоа се одвива несвесно, па иако статистиките не се доволно сеопфатни за да го опишат овој феномен, набљудувајќи го и испитувајќи го однесувањето на децата, може да се забележи висока меѓузависност.

Тие живеат и мислат во ритамот на звуците и сликите што ја условуваат нивната фантазија, при што се мошне приемчиви, особено на сензорен и емоционален план. Познато е дека емоциите претставуваат основа и дека сфаќањето на светот ги обликува и свеста и постапките. Мноштвото емоции од игрите и сериите, за разлика од вистинските, ја формираат фантазијата, па така многу од нив го усвојуваат и прифаќаат насилничкото однесување.
Примарниот страв кај личноста е стравот за сопствениот живот. Доколку средината не влијае позитивно врз тој страв, таа станува несигурна, подготвена за агресија, спремна другите да ги доживува како можна опасност. Спротивно на ова, ако детето е заштитено во семејството, тоа ќе најде доволно сигурност да стане самостојно, иако примарниот страв секогаш може повторно да се активира.
Детето, а понатаму и како адолесцент настојува да се наметне, па дури и да му наштети на некој друг. Игрите и сериите полни со насилство го искористуваат и го активираат примарниот фанатизам, си играат со основната несигурност на личноста и често ја спречуваат да созрее. Лицата изложени на големо емотивно медиумско влијание не успеваат секогаш да го цивилизираат своето нагонско однесување изразено на примарен и на брутален начин.

Децата почесто се идентификуваат со атмосферата во некоја видеоигра отколку со некој определен јунак. Се работи за стереотип што ги спречува да ја развијат сопствената индивидуалност и личниот емотивен живот, при што доколку благовремено не се преземат адекватни мерки, тие во понатамошниот живот ќе го повторуваат она што не е во контекст на реалноста. Несигурните личности дејствуваат спротивно на реалноста на сопствените потреби.
За жал, никој не останува незасегнат. Адолесцентите кои сè уште немаат изградено емоционална основа и општествен живот најчесто се жртви затоа што сликите не се неутрални. Тие може да ја трауматизираат својата личност и да ја охрабрат од консумент да премине во актер. Нивниот психички простор е релативно сиромашен, па оттаму потекнува нивната потреба за игри, серии, односно за игра на улоги. Она што им недостига е поддршката. Впрочем, тоа е она што го бараат идентификувајќи се со улогите на одредени „јунаци“. Соочени со реалноста на животот, тие премногу рано го фаворизираат своето јас, кое подоцна може да предизвика емотивна незрелост и зависност од одредени слики и ситуации пласирани на интернет или други медиуми.
Заради одбегнување на оваа несакана состојба, децата треба да се насочуваат кон креативно преферирање и консумирање на знаења, но и поттикнување на нивната фантазија во зависност од возраста, преку приказни, легенди, поезија, цртежи, музика, физички активности, а пред сè топли разговори во семејството наместо вклучување во проблемите на возрасните и проблемите на општеството. Само така ќе се оформат во психо-физички здрави и креативни личности.
Автор: д-р Вангелица Гаврилова, лиценциран психолог и професор на Меѓунарoдниот славјански универзитет „Г.Р. Державин“ Свети Николе –Битола