Како што расте вашиот стомак, така ќе морате да ја менувате вашата рутина за вежбање. Вежбањето во бременоста има низа придобивки, а во овие тешки времиња, кога се бориме против коронавирусот, тренингот со дипломираниот кинезиолог и мајка на три деца Лана Новота ќе послужи како одлична антистрес-терапија.

Во второто тримесечје вашата бременост ќе стане видлива и за другите. Ова е најдоброто тримесечје со оглед на тоа како се чувствувате. Полни сте со енергија, блескате и едноставно се чувствувате одлично. Помеѓу 15. и 20. недела можете да го почувствувате движењето на вашето дете, чувство како некој да ве гали од другата страна, како нежно скокоткање. До крајот на ова тримесечје вашето дете ќе биде долго околу 30 сантиметри и тешко околу 900 грама. Овој период е време за најголеми промени: и видливи, но и оние што се случуваат во вашето тело.

Раст на стомакот

Вашиот утерус сега видливо ќе расте, па затоа вежбите при кои треба да лежите на стомак може да предизвикаат страв и непријатност. Можете да почувствувате и зголемена потреба за храна. Не е добро да се вежба на празен желудник, ниту непосредно по оброк. Поради растот на вашиот утерус, ќе се јавува притисок во желудникот, па би можеле да почувствувате рефлуксно враќање на храната, потреба за ждригање и мачнина во желудникот, што е уште една причина да избегнувате вежби што се изведуваат на стомак.

Промени на градите

Вашите гради ќе почнат да растат и да се подготвуваат за доење. Растот на градите, но и болките што може да се јават можно е да предизвикаат згрбавено држење во подрачјето на торакалниот дел. Мускулите од средниот дел на грбот слабеат, а се скратуваат и мускулите на предниот дел на телото во подрачјето на вратот и градниот кош. Иста ситуација се случува и кога почнувате да доите, па така вежбите за јакнење на средниот дел од грбот и истегнувањето на предниот дел на телото ќе бидат и превенција за подгрбавеното држење кое би можело да се јави и подоцна кога ќе родите и ќе почнете со доење.

Дијастаза на мускулите кај стомакот

Ќе мора постојано да ја проверувате состојбата на вашите стомачни мускули. Во моментот кога вашите мускули на стомакот се раздвојуваат на растојание од 2 сантиметри, вежбите за стомачните мускули треба да се избегнуваат. Единствена вежба за стомачните мускули која е дозволена во текот на целата бременост е свесна контракција на мускулите без изведување движење со трупот. Точно на средина на стомакот од градната коска, преку папокот до карлицата, поминува „линеа алба“, која ги раздвојува левата и десната страна на стомачните мускули. Со растот на утерусот мускулите се раздвојуваат, што е особено видливо токму во ова тримесечје. Жените што се поактивни и вежбале пред бременоста обично немаат проблем со враќање на стомачните мускули на растојание помало од 2 сантиметри по породувањето. Придобивка од вежбањето пред породувањето е и полесното поднесување на оптоварувањето поради растот на стомакот во бременоста. Имено, стомачните мускули и карличните мускули се два збира на мускули кои поднесуваат најголеми оптоварувања поради растот на утерусот во бременоста.

Собирање течности и грчеви во мускулите

Во последните месеци од второто тримесечје и во третото тримесечје можеби ќе се јави претерано собирање на течности во телото, што може да биде проследено со грчеви во нозете. Грчевите може да ви се случат во кое било време, но најчесто се јавуваат ноќе и тоа во пределот на листовите. Обидете се да избегнувате долго стоење в место и комбинирајте одење со одмор и нозете да ги качувате на повисоко. Помагаат и истегнувања со цел да се подобри циркулацијата.

Притисок на шупливата вена

Во ова тримесечје на многу трудници не им одговара лежењето на грб. Избегнувајте такво лежење подолго од 3 минути, а тоа треба да се примени и во вежбањето. Вашиот утерус ја притиска шупливата вена и го намалува протокот на крвта до мозокот и затоа може да чувствувате вртоглавица, мачнина или несвестица.

Нестабилност на зглобовите

Вашето тело се подготвува за големо зголемување на утерусот и за породувањето, па затоа врските помеѓу зглобовите омекнуваат, па со тоа зглобовите стануваат нестабилни. До омекнување на зглобните врски најмногу доаѓа во подрачјето на карлицата. Внатрешните врски омекнуваат и карлицата ја губи својата стабилност. Затоа често се јавуваат болки во долниот дел од грбот. За да се ублажат или да се превенираат евентуалните болки, мора да се зајакнат мускулите на страничниот дел, на внатрешната страна на бедрата и глутеусот.

Вежбањето секако е препорака во нормалните бремености со претходна консултација со гинеколог. Во видеата е прикажан одреден ритам на изведување на вежби кои секако можете да ги менувате и да ги приспособите на себе. Вежбите се осмислени да ги задоволат сите потреби за активација на мускулите во бременоста и превентивно дејствуваат на негативни симптоми, како што се болки во долниот дел од грбот, вратот, рамената и болки во горниот дел од грбот, а го спречуваат и лошото држење кое се јавува поради новата состојба. Со овие вежби ќе имате повеќе сила и енергија за носење на бременоста и за завршување на секојдневните обврски. Видеата се распоредени по недели, така што ќе имате разновидност на движењата и различно дејствување на мускулите и мускулните групи.

Автор: Лана Новота, магистер по кинезиологија



912

X