Како некој што не уживал баш во бременоста, се надевав дека кармата ќе биде на моја страна кога тоа малечко човече ќе го донесам дома. Некако повеќе ме загрижуваше самата бременост и породувањето отколку фактот дека од родилиштето дома носиш едно мало битие (навистина мало битие – дури и за мене која сум еден метар и шумска јагода), за кое си целосно одговорен и кое целосно зависи од тебе. Ха, колку тешко тоа може да биде. Сепак, дома си по цел ден, па нема да е толку страшно. Секогаш сум ги гледала мајките што седат на кафе со тоа мало дете во количка, ги гледаат своите бебиња додека спијат и пијат кафе. Сето тоа изгледа толку идилично. Дали родителството е навистина толку идилично? Може ли нешто да нè подготви за родителството? Корисни ли се советите од другите родители?

Еден од полошите совети што ги добив пред да родам беше: „Наспиј се сега добро бидејќи ќе ти треба за подоцна“. Би било супер кога би можеле сонот да го наталожиме, на пример, како масно ткиво, па да го трошиме во деновите кога ќе треба. Но, не можеме. Ако сте чуле за оној израз „да се спие како бебе“, тогаш имајте на ум дека ако некој спие како бебе, тоа значи дека многу често се буди. Бебето во ноќта јаде редовно, а не како нас. Бебето, всушност, во почетокот не ја знае разликата помеѓу денот и ноќта, а со текот на времето веќе ни вие не ја уочувате. Не можам да ви кажам да се подготвите за неспиење бидејќи не постои начин човекот да се подготви на тоа, но само може да кажам дека и тоа ќе помине. Бебето ќе ја научи разликата помеѓу денот и ноќта. А вие тогаш ќе успеете да спиете како што треба.

Мајка-зомби

Мајката седи на кафе и гледа во бебето додека спие? Да. Се зборува дека постојат и такви бебиња. Јас бев мајка-зомби која можеше да испие едно кафе за носење бидејќи моето бебе се будеше штом ќе застанев. Разлика е да застанеш додека чекаш да се запали зеленото светло на семафорот или на една минута да седнеш и да го сркнеш кафето. Бебето ќе почувствува дека се опушташ. А-а, не може така. Почнав да верувам во теорија на заговор дека бебињата имаат вградени сензори. Стануваш – се буди. Го спушташ во креветчето кога цврсто ќе заспие – се буди. И така натаму. Немојте да мислите дека ќе го измамите вашето бебе. Нема. Имаат сензори, ви велам.

Некогаш одамна имав цел да напишам книга во текот на породилното отсуство. Можеби не баш цела книга, но барем да почнам. Знаев дека бебињата имаат барања, но сепак имаш цел ден на располагање. Цел ден. Само што сега можам да си се насмеам сама на себе и да речам дека сум била многу наивна. Тешко е да се опише како изгледа еден ден со бебе, но мислам дека повеќето родители би се согласиле дека време баш и не им останува. Дури ни на мајките што се цел ден дома. Ако гледате мајка како оди на прошетка, премолчете дека не изгледа добро. Тоа го знае и самата. Само се надева дека другите не гледаат.

Целото родителство се сведува на методот на обиди и грешки

И понатаму не мислам дека со станувањето мајка ја добив целата мудрост на светот и дека како мајка или експерт можам да дадам некој многу добар совет или трик. Трикови не постојат. Секое дете е различно и всушност ми се чини дека целото родителство од почетокот се сведува на методот на обиди и грешки. Ако не е ова, можеби е тоа. Ако не е тоа, можеби е нешто друго. Ако не оди вака, можеби ќе оди така. И понекогаш погодувате. Само треба да бидете флексибилни, трпеливи и креативни. Само.

Да зборувате како една мала, срамежлива, половична насмевка може да ги поништи сите часови на неспиење, фрустрираност и слично – нема многу смисла. Родителите се пристрасни. Дури и кога се уверени дека не се, дури и кога се експерти, и понатаму околу своето дете ќе бидат пристрасни. Насмевката на твоето дете секогаш ќе биде најубава и најслатка. И само таа насмевка може да го отфрли целиот замор.

И понатаму не мислам дека сите треба да се остварат преку родителството и дека тоа е смислата на животот. Сосема е во ред некој да не сака дете и да живее среќен и исполнет живот. И сосема е во ред некој да сака дете и детето да му даде нова, можеби и посмислена димензија на животот. Поентата е само да се следиме себеси и своите чувства, потреби. Тогаш ќе биде полесно да се следат и оние на детето, ако се одлучиме да го имаме.

Имајте на ум дека постојат луѓе што не можат да имаат деца. Независно од тоа дали некој не сака дете или едноставно не може да го има, не навлегувајте во туѓата интима. Немојте да осудувате. Ако нам не ни е во ред некој да нè осудува или третира лошо затоа што имаме дете, не е во ред да му се прави истото и на оној што го нема. Особено бидејќи не знаеме што е во заднина. А и да знаеме – зарем ние треба да се грижиме за наталитетот и зарем ние навистина можеме да мислиме дека знаеме што би било добро за некој друг?

Без осудување, ве молам!

И јас станав една од оние на кои мобилниот телефон им е полн со слики од децата. Се обидувам да не ги „давам“ другите луѓе со тоа колку е слатко моето дете, паметно, добро, убаво итн. Веројатно не ми успева. Истовремено се обидувам да не го правам она што самата сум го доживувала додека уште не бев мајка: да ги делам луѓето на родители и неродители. Да, некој што нема дете можеби не доживеал хроничен замор поради месеци неспиење. Можеби не знае дека некогаш е навистина многу многу тешко да се остане смирен. Но, тоа не значи дека треба постојано да му се потенцира фактот и да му се зборува: „Ќе видиш ти кога ќе добиеш свое дете“. И мене пред да станам мајка ми беше незамисливо да удрам дете. Се лутев на таквите постапки на родителите. Денес е различно самото тоа што можам подобро да ја разберам количината на фрустрација што во тој момент ја доживеал тој родител – но и понатаму не се согласувам со тоа дека е во ред да се удри дете и да се изгубат нервите. За мене тоа никогаш нема да биде во ред и секогаш ќе значи слабост и лош пример на родител.

Од моја перспектива, не постои нешто што може да нè подготви на родителството. Дури и родителите што имаат повеќе деца не можат точно да знаат како ќе биде со друго дете. Но, некогаш и не е поентата да се подготвиме за нешто. Некогаш е само доволно да се препуштиме и да научиме да ги поминуваме кривините што доаѓаат. Да научиме да живееме со ситниците кои всушност не се ситници. Да научиме да бидеме во моментот.

И за крај, би завршила со мислата на Ерл од Рочестер: „Пред бракот имав шест теории за одгледување деца, а сега имам шест деца и ниту една теорија“.

Автор: Кристина Бачкоња, дипломиран психолог и НЛП-тренер



912

X