Ако вашето дете навистина има проблем со тежината, во животот на целото семејство воведете нови, здрави навики.

Природно е детето да размислува за својот изглед и за сопствената тежина – но ако по враќањето од училиште или од играње надвор почне да се жали дека е дебело, можеби другите ученици или децата го задеваат поради тежината.

Се разбира, првото што ќе посакате да го направите е да го заштитите детето од злобни коментари (и коментатори). Тоа е природен родителски нагон. Но, и самите знаете дека не можете да бидете со детето цело време, дека не постои балон во кој можете да го ставите – па затоа попаметна стратегија би била да се поработи на здравјето на детето, како физичко така и психичко.

За почеток, уверете го детето дека здравјето е поважно од изгледот и дајте му до знаење дека е сакано, без разлика на изгледот. Потоа, понудете стратегија како да се храни поздраво и напоменете дека здравата исхрана ќе влијае и врз телесните промени.

Објаснете му на детето дека задевањето и исмејувањето се апсолутно неприфатливи, прашајте го дали би разговарало со учителката или директорката по тоа прашање. Прашајте го детето и што точно му рекле и како се чувствува поради тоа, но обидете се таа непријатна ситуација да ја претворите во нешто позитивно и мотивирачко.

Ако детето ви признае дека сака да ослабе поради задевањето, појаснете му дека не е важно да ги губи килограмите, туку здраво да се храни. И понудете му конкретни (мали) чекори до таа цел. Најдобро би било детето активно да се вклучи во промената на прехранбените рутини – ако детето има впечаток дека и самото креира промена, ќе му биде полесно да следи и да се држи до нов план на исхрана.

Детето уште полесно ќе поднесе сè доколку во приказната го вклучите целото семејство – и тоа ќе стане заедничка авантура. Ако сите заедно почнете поздраво да се храните – и да одбирате поздрави намирници – детето нема да има чувство дека само тоа мора нешто да менува, како по казна. Зацртајте мали цели, на неделна основа, лесно остварливи. Кога вашето дете ќе сфати дека редовно ги исполнува, тоа ќе му биде полесно и поинтересно. Целите токму затоа мора да бидат едноставни – еве неколку примери:

– Да се изеде парче зеленчук на секој оброк;
– Да се изедат две парчиња овошје дневно;
– Брза храна да не се консумира повеќе од еднаш неделно;
– Да се игра на отворено барем 30 минути дневно…).

Извор



912

X