Сања ни опиша како вежбањето и планинарењето ја одржале во кондиција, во позитивно и ведро расположение во целата бременост, а сега тоа е добредојдено околу обврските со малиот Олег. Сања, Мартин и Олег сега заеднички го откриваат светот

Бременоста, доколку е уредна, не е причина да се прекине вежбањето, ниту пак да се намали физичката активност. Но, и покрај ваквата препорака на гинеколозите, многу трудници се плашат да вежбаат, а камоли да планинарат. Новинарката Сања Јачевска решила да му верува на лекарот, а и да си го слуша телото. Ни опиша што вежбала, како вежбањето и планинарењето ја одржале во кондиција, во позитивно и ведро расположение, а сега тоа ѝ е добредојдено околу обврските со малиот Олег.

Сања со спорт рекреативно се занимава повеќе години. Трча, планинари, а пред околу три години почнала да вежба и кросфит, релативно нов спорт кај нас, ефективен и интензивен.

– Уште пред да забременам сметав дека ако е сè во ред, треба да продолжам со вежбањето и планинарењето. Си ги форсирав мислите дека бременоста не е болест и не треба самоиницијативно да се ограничувам во тие 9 месеци. Така без престан продолжив со тренинзи по кросфит. Секако, многумина ме советуваа дека првите три месеци се ризични, но со одобрување од докторката Елена Петрова, продолжив. Само ги модифицирав вежбите и ги намалив нивниот интензитет и тежина, а тренерите од вежбалницата ми помагаа во приспособување на тренингот. И така летнаа 9 месеци – раскажува Сања.

Вежбала до 39. недела од бременоста, а на секој триместар ги приспособувала вежбите.

– Во првиот триместар не смеев да скокам на кутија. Стомачни почнав да избегнувам од втор триместар, а некои вежби ги правев до седми месец, други до осми. До крајот, тренингот ми се сведе на вежби што не го товарат стомакот, а ги јакнат грбот, половината, нозете. Не сакав да скокнам ниеден тренинг – вели Сања.

Ги слушав и докторката и моето тело

Oткако ја утврдиле бременоста и заклучиле дека е уредна, првото што прашала гинекологот било дали смее да трча, вежба и да планинари.

– И без дилема докторката ми кажа да продолжам со планинарење. Но, само до 2.000 метри надморска височина, поради реткиот воздух, и да вежбам само со минимални тежини. Тоа ме разведри затоа што бев скептик дека за ништо нема да добијам одобрение, а мене физичката активност ми е издувен вентил, составен дел од мене – раскажува Сања.

Единствено нешто што докторката категорично ѝ го забранила било трчањето. „Пешачи, ама не трчај“, ѝ рекла. Сања останала доследна и на својата физичка активност и на препораките од докторката, па на секој преглед се консултирала дали смее да продолжи со активностите. И така бременоста ја поминала главно на Водно и во вежбалница.

– По секој тренинг, на кој одев во 20 часот, имав рестарт на енергијата. Имав и моќ и волја да го почнам денот од почеток. Паралелно со вежбањето се качував на Водно до осмиот месец и речиси секој викенд ми беше резервиран за утринска вежба до врв. Држев одлична кондиција, бев побавна од вообичаено, но во еден здив, без пауза, успевав да се искачам. Внимавав само да не се задишувам многу, туку да имам некој нормален ритам на дишење. Но, не се симнував пешки, туку со жичница, затоа што не се препорачуваат нагли движења – вели Сања.

Кога почнал осмиот месец од бременоста, веќе била втора половина на јуни и почнале високите температури. Иако, како што вели, била прилично подвижна, не ја чувствувала тежината и на бременоста физички потсетувал само големиот стомак, жештините почнале да ѝ пречат и станало ризично движењето на топло време, па морала да престане со планинарењето.

Ни болки во грбот, ни мачнини, ни отоци, ни психичка мака…

Вежбањето и движењето на планина на Сања ѝ донеле куп придобивки, и физички и психички.

– Прво ми помогна да ги елиминирам сите тешкотии што ги носи бременоста, како болки во грбот и во половината. Немав мачнини, ниту отоци, а ми помогна и во варењето на храната, ми овозможи добра функција на бубрезите, супер циркулација, ми ја одржуваше енергијата на високо ниво, ми помагаше во држењето на телото, во кондицијата, имав добар сон. Вежбањето ми ја билдаше и психата. Водно беше моја оаза на мирот и најпродуктивна терапија која ми помогна да ги исфрлам сите токсини и да не ги запознам хормоните со кои е зачинета бременоста – ни раскажа Сања.

И во сето тоа не била сама. Вежбала со нејзиниот партнер Мартин, од кој имала голема поддршка и мотивација.

– Понекогаш тој беше принуден да ми прави друштво, не по своја волја, само да ми го види насмеаното зен-лице по тренинг. И колку и да звучи клише и патетично, во овие моменти поддршката од партнерот е најважна. Освен што ме придружуваше на тренинзите, ми помагаше во модифицирање на вежбите, ме стимулираше да не запирам. Во ваквите мигови многу е важно некој да ве разбере и да ви каже дека ја правите вистинската работа – вели Сања и додава дека цело време од бременоста вежбањето ѝ било лесно зашто тоа си го задала како неодложна задача.

На страв не ни помислувала, ниту пак создавала атмосфера за такво нешто бидејќи немало ни простор ни причина за тоа. Умот ѝ го окупирале позитивни мисли и цело време продолжила да се води од мантрата – какви ти се мислите, таков ти е животот.

Без непотребни бариери

– Во изминативе 9 месеци собрав куп ведри и поучни искуства. Прво дека бременоста е состојба која бара комплетно да се посветиш на себе и на своето здравје, но не цело време да лежиш и да си поставиш непотребни бариери. Секако, ова не важи за ризичните и патолошките случаи. Освен што останав фит и здрава, психички и физички, и Олег одлично растеше. Создадов здрава атмосфера за него, што ми беше пресудно. Тој супер напредуваше во секој поглед, а неговиот развој најсилно ме бодреше дека ја правам вистинската работа – вели Сања.

Освен здравјето на Олег и нејзиното здравје, стремеж повеќе ѝ биле сознанијата дека вежбањето и активноста овозможуваат полесно природно породување. Но, иако била убедена дека природно ќе се породи, 10 минути пред почетокот ситуацијата се сменила и морала да се породи со царски рез. По породувањето ѝ се потврдила теоријата дека телото памти, па за една недела си ги вратила претходната тежина и сила, и сега се надева дека за кратко време ќе се врати во полна форма, со тренинзи колку што дозволува Олег, секако.

Во текот на бременоста телото доживува обемна трансформација, се менуваат и психичката и телесната состојба, и за да ги доживееш убаво, според Сања, најважна е силата на умот.

– Моето искуство вели секој да си продолжи да си практикува сè што дозволува телото, секако, во координација со гинеколог, секој со своите навики и стил на живот. Правете умерено сè што ве инспирира, релаксира, исполнува, што ви го храни духот, бидете активни и внимавајте што ставате в уста. Едноставно негувајте го духот и бидете задоволни и опуштени. Така и бебето ќе биде среќно – вели нашата соговорничка.

Го откриваме светот со Олег

Многу работи од овие ги знаела, многу работи ѝ се потврдиле, многу научила, но и се уште учи. Овој пат со Олег.

Фото: Горан Анастасовски

– Олег ни е уште една авантура под сонцето. Тој го открива светот, ама паралелно и ние заедно со него. Ова е тотално нов свет за мене и секој нов ден ни е предизвик. Олег беше темпераментно бебе уште во стомак, а сега двојно повеќе. За еден ипол месец ни покажа дека има нескротлив дух. Сите родители знаат што значи овој предизвик, па како за сите, така и за нас. Секој ден учиме нови работи, се запознаваме, растеме заедно – вели Сања.



912

X