Трите пункта во Аеродром, Центар и во Ѓорче Петров се опремени со лаборатории и инхалатори, а лекарите што ќе работат имаат искуство. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека во прво време за на Детска клиника и Козле нема да се бара упат за преглед, па оние што сакаат и таму може да побараат услуга

Од Нова година болните дечиња на дежурен лекар во Скопје ќе може да се носат и во поликлиниката „Јане Сандански“ во населбата Аеродром, „Бит-пазар“ во Центар и во поликлиниката „Ѓорче Петров“. Таму ќе функционираат три пункта за преглед на деца, опремени со лабораторија и инхалатори. Во прво време родителите сами ќе одлучуваат дали да го однесат детето на преглед во пункт или во Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ и Клиниката за детски болести, каде што досега најчесто бараа услуга и често има метежи. По некое време на Клиника и во Козле ќе се оди само со упат.

На дежурен од 19 до 7 и во викенди

Иако првично беше планирано прегледите на болни деца навечер да се прават во пунктовите, а лекарите оттаму, доколку има потреба, да ги препраќаат болните на Детска клиника и во Козле, Министерството за здравство се премисли. Родителите реагираа оти не сакаат да им се ограничува каде ќе го однесат детето, па било одлучено да се даде време за да стекнат доверба.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека во прво време за на Детска клиника и Козле нема да се бара упат за преглед, па оние што сакаат и таму може да побараат услуга.

– Сакаме прво родителите да стекнат доверба во лекарите во пунктовите. Нашата цел е со услуга да се приближиме поблиску до пациентите. Пунктовите ќе работат од 19 часот до 7 наутро и 24 часа преку викенд. Се надеваме дека родителите ќе бидат задоволни – вели Филипче.

Д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом-Скопје, кој ја организира работата на пунктовите, вели дека во нив ќе има хематолошки анализатори (за анализа на крв), ќе се прави анализа на урина и ќе се испитува ЦРП.

– Ќе работат општи лекари и лекари по семејна медицина. Сите се искусни во работата со деца, а и дополнително поминаа едукација за најчестите проблеми поради кои се јавуваат на лекар. Секаде додадовме дијагностички апарати и на лекарите ќе им биде полесно – вели д-р Мехмедовиќ.

Повеќе време за тешко болните

Д-р Катерина Ставриќ, директорка на Клиниката за детски болести, вели дека освен што сакаат услугите да се поблиску до граѓаните, целта е да се растоварат Клиниката и Институтот за лекарите таму да имаат повеќе време за тешко болните деца.

– Само мал дел од оние што се носат на дежурен на Клиника се хоспитализираат. На пример, ако имало 150 прегледи во ден за викенд, се хоспитализираат 4-5 деца. Лекарите што ќе работат на пунктовите се искусни и ќе знаат да се справат со ситуациите. Тие постојано ќе бидат во контакт со лекарите на клиника, за ако има потреба од помош или консултација. Еве пример, и да имате дете со грчеви, ќе го однесете до најблискиот лекар да му помогне и тој ќе му помогне. Секако, во меѓувреме нема да се одбиваат итните пациенти на Клиника – вели д-р Ставриќ.



912

X