Рекламите за нездрава храна ќе бидат забранети пред 21 часот на ТВ, но дупките во законот ќе им овозможат на брендовите да продолжат да се рекламираат преку интернет, според новите правила објавени од британската влада.
Забраната ќе стапи во сила на крајот на 2022 година, како дел од намерата за намалување на дебелината меѓу децата и ќе забрани реклами за храна богата со маснотии, сол и шеќер во текот на денот и во раните вечерни часови.
Но, брендовите ќе можат да продолжат со промовирање на своите нездрави производи на сопствените блогови, веб-страници, апликации или веб-страници на социјални медиуми.
Ограничувањата ќе важат само за деловни активности со 250 или повеќе вработени и ќе овозможат континуирано рекламирање на храна за која се смета дека е помалку штетна и покрај содржината на маснотии, сол или шеќер, како што се мед, маслиново масло и авокадо.
Британскиот министер за јавно здравје Џо Черчил вели дека мерките може да намалат 7 милијарди калории од исхраната на децата на национално ниво секоја година, намалувајќи го бројот на деца со прекумерна тежина за речиси 20.000.

Но, лабуристите велат дека забраната нема да биде доволна за да се реши она што се смета за криза од дебелина. Лабуристите велат дека е потребна радикална стратегија за дебелина во оваа земја, што оди подалеку, обезбедувајќи им на семејствата можност за пристап до здрава храна, поддршка на локалните места за спорт и справување со детската сиромаштија.
Владата проценува дека децата виделе околу 2,9 милијарди реклами за нездрава храна на ТВ и 11 милијарди на интернет во 2019 година и се надева дека ограничувањето на изложеноста ќе ги охрабри да направат поздрав избор на храна и ќе им помогне да се спречат сосотојби поврзани со прекумерна тежина подоцна во животот, како што е дијабетес тип 2, срцева болест, мозочен удар, колоректален карцином, заболување на црниот дроб и рак на дојка.
Забраната беше воведена по јавна консултација во која 79 отсто ја поддржаа забрана на ТВ до 21 часот, а 74 отсто поддржаа ограничувања за рекламирање преку интернет.