Сега училиштето си има свои потреби, веќе не е само „новото училиште“, имаме проблеми со парното, со покривот, со структурата и дојдено е време за реновирање. Но, тоа генерално реновирање буквално чини повеќе од изградба на три или четири училишта, вели директорот Јованче Манасков и објаснува дека проблемите ги решаваат еден по еден
Основното училиште „Блаже Конески“ во Велес е една од првите образовни установи во Македонија во кои е воведен концептот на отворено училиште за локалната заедница. Педагошките иновации што биле светски тренд во 70-тите години на минатиот век, заедно со функционалноста и концептот на отворено училиште, овозможиле архитектонското дело да стане срцето на Велес.
Голема заслуга за тоа што Велес уште пред 40-ина години добил најсовремено училиште кое по изградбата почнало да го носи името „Јосип Броз – Тито“ (до 1994 година кога е преименувано во „Блаже Конески“) имаат архитектите од „Пелагонија проект“, Јагода Мицајкова и Елеонора Анастасова.
Елеонора Анастасова и Јагода Мицајкова
Сè почнало во далечната 1977 година кога проектот го изработиле авторите Мицајкова и Анастасова, а изведбата што ја вршела фирмата „Пелагонија проект“ траела од 1979 до 1982 година.
– Во тоа време се правеа многу училишта, односно тренд бил развојот на образованието. За училиштето „Блаже Конески“ во 1977 година имаше конкурс. Ни дадоа краток период од околу еден месец да изработиме проект по програмата на Министерството за образование и се инсистираше да се следи светскиот тренд со кабинетска настава, односно ученикот да се сели од одделение во одделение. Тоа беше и еден од условите, училиштето да има таков концепт – се потсетува Јагода Мицајкова, пензиониран дипломиран архитект од Скопје.
Освен главниот, училиштето има уште 3 влеза
Поради исклучително тешкиот терен, веднаш под градската болница во Велес, училиштето е проектирано и изградено со три ламели меѓусебно поврзани со цел да се искористи падот на земјиштето. Сите ламели имаат посебни влезови, не само поради планот за евакуација, туку и поради концептот за отворена установа чии делови во секој момент може да се користат за различна потреба, не само од наставниците и учениците, туку и од локалната заедница.
По изградбата
Салата е еден сегмент, вториот сегмент е наставниот дел сo кабинетите за секој предмет, третиот е економскиот дел кој ги опфаќа кујната, трпезаријата и поливалентниот простор.
– Идејата беше да се направи отворено училиште кое може да се користи и за воншколски активности, да го користи локалната заедница за културни настани. Затоа целото училиште функционира како отворен простор. Содржината, функцијата и локацијата, како и концептот на отворено училиште, го наметнаа ова архитектонско решение – објасни коавторката Елеонора Анастасова, која исто така ужива во заслужената пензија.
Катче за забава и учење за деца од 1. до 4. одделение
На изградбата на училиштето не се штеделе материјали и инвеститорот бил подготвен да влезе во таква инвестиција. Сите стандарди се запазени, вклучувајќи ги и стандардите на Институтот за сеизмологија, кои точно дефинираат колку и каков материјал ќе се вгради во конструкцијата на самата градба. Кога се правела програмата за објектот, се заговарала идејата за ТВ-училиште и затоа изведувачот вметнал цела кабелска инсталација во бетонските ѕидови.
Мицајкова се потсети на почетоците на работата на „Блаже Конески“ и брзите ефекти од кабинетската настава.
– Првиот директор на училиштето беше сликар. Се сеќавам дека тогаш децата од ова училиште освоија прво место на светски натпревар во Токио за детски цртежи. Тоа е поврзано со просторот во училиштето затоа што концептот на кабинетска настава дал можност да им се посвети повеќе внимание на децата што имале талент за сликање – раскажа Мицајкова.
Она што го издвојува „Блаже Конески“ од останатите училишта во градот е огромниот поливалентен простор кој е многу функционален и естетски уреден.
Инаку, авторките зад себе имаат многу заеднички проекти. Двете најчесто учествувале во поголеми тимови на архитекти и работеле на неколку комплекси на станбени згради во Ново Лисиче и во Капиштец, како и во Неготино и Штип.
Поливалентен простор
Јагода Мицајкова го изработила и проектот за одделението за инфективни болести при болницата во Велес, а е добитничка и на наградата „13 Ноември“.
Елеонора Анастасова своевремено била дел од надзорот на изградбата на браната Козјак, која е капитална инвестиција за Македонија.
– Сè додека не отидов на браната Козјак, мислев дека целата креативност е во проектирањето. Но, било интересно да вршиш надзор, уште повеќе што работевме на акумулација на која успеавме да дислоцираме три цркви камен по камен – раскажа едно од своите искуства Анастасова.
Скица од училиштето
Училиште кое поддржува инклузивност и се негува мултикултурализмот
Денес „Блаже Конески“ е училиште со долгогодишна традиција на професионална и квалитетна образовна дејност на македонски јазик, установа која поддржува инклузивност и родова еднаквост, продуктивна училишна средина во која се негува мултикултурализмот. Училишната зграда е поставена на 9.600 м2 затворен простор и 11.000 м2 отворен простор со можности за секаков вид образовни активности.
Актуелниот директор и професор по математика Јованче Манасков е еден од првите ученици што седнале во училишните клупи кога се отворило „Блаже Конески“.– Во „Васил Главинов“ бевме девет паралелки во осмо одделение, а три дојдовме во „Блаже Коневски“. Тогаш целодневниот престој беше до осмо одделение и штета што се укина тој ефикасен начин на работа. Со припојувањето на учениците од „Трајко Андреев“, од три станаа пет паралелки и малку се наруши начинот на работа. Почнавме двосменски да работиме наместо во една смена. Сега училиштето си има свои потреби, веќе не е само „новото училиште“, имаме проблеми со парното, со покривот, со структурата и дојдено е време за реновирање. Но, тоа генерално реновирање буквално чини повеќе од изградба на три или четири училишта. Пред две години комплетно се реновираа тоалетите од училиштето преку проект од Меѓународниот центар за граѓанско образование и сега имаме модерни услови со заштеда на енергија и на вода. Од Министерството за образование и наука добивме капитална инвестиција од 200.000 евра за реновирање на парното греење. Очекуваме оваа година да имаме успешен тендер на кој ќе се јави фирма која ќе го изврши реновирањето.
Одбрани сме од Владата за замена на амортизираните прозорци од алуминиум со ПВЦ-прозорци – вели Манасков за следните предизвици на училиштето.
Училница ден по затворањето на училиштата поради коронавирусот
Училиштето има инклузивен тим, има дефектолог, а и сензорна соба. По новиот закон децата со посебни потреби се вклучени во редовна настава, но објектот не може да одговори физички, затоа што нема пристапна рампа.
Дворот на училиштето
– Порано кога имавме целодневен престој, секој петок имаше некој настан, понекоја претстава од драмска секција… сите деца беа тука и се користеше за некаква активност. Денес го користиме за разни манифестации, презентации, доделувања, обуки, државни натпревари по народна техника, а имавме промоција на книгата на словенечкиот амбасадор. Просторот го издаваме и на карате-група затоа што ѝ одговара линолеумскиот под – додаде директорот Манасков.
Фото: Орданче Костов, Елеонора Анастасова и Јагода Мицајкова
912