Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка на 7-годишна возраст. Од некаде 2-годишна возраст почнаа проблемите со исхраната. Како и сите родители, се обидувавме на сите можни начини да ја научиме да јаде, нормално, претежно здрава храна и до некаде успеавме во тоа. Меѓутоа, со текот на времето се навикна да јаде неколку работи и останавме на тие. Не сака да проба никакво ново јадење. Сме пробале на сите можни начини да ја убедиме да проба нешто ново, со награди, казни, оставање да огладне, условување, оставање сама да ѝ текне да побара, ама едноставно ништо не помага. Детето има фобија од храна што ја нема пробано досега. Во целата ситуација добро е што тоа малку што го јаде е претежно здрава храна, па немаме проблеми во однос на нејзиното здравје. Мислев дека со текот на времето ќе ѝ помине и дека е само фаза, ама ова трае веќе 5 години и не гледам каква било желба од нејзина страна да се смени тоа. Би сакала да знам како да постапам понатаму. Ви благодарам.


ОДГОВОР: Сè додека вашето дете добро и здраво се развива, правите добра работа. Но да продложиме за прашањето…
Пребирливоста во исхраната кај децата почнува точно во време кога почнала и кај вашето дете, околу 2-рата година од животот. Во тој период детето се сретнува и се запознава со нови текстури, бои, мириси, вкусови од различни јадења, но исто така почнува и една друга фаза, а тоа е фазата на „НЕ“. Во оваа фаза детето почнува да го развива својот идентитет, а „не“ станува неговото омилено оружје како знак на сопственото мислење. Бидејќи ние, родителите, не сакаме да слушаме многу „не“ од нашите деца, многу често отстапуваме од упорноста и преоѓаме на нешто друго, во овој случај на некоја друга храна или вкус. Секако, со најдобра намера кон своето дете со цел да јаде здраво, вие сте успеале да ѝ направите селекција на здрави продукти и намирници, но и сте останале на тоа бидејќи тоа веќе ѝ е познато и знаете дека ќе го јаде и дека така ќе расте и ќе биде здрава. Но, кога детето ќе поминува низ оваа фаза на селективно јадење, ако родителите покажуваат преголема грижа, проблемот обично се влошува и продолжува со текот на времето за на крај да стане навика. Поради тоа, ако вашето дете вака се храни веќе 5 години, промената на навиките ќе трае малку подолго.
Прво и најважно е да запрете со каков било метод на принуда, награди, казни или мито, или пак некој друг вид условување кон вашето дете да јаде или да проба одредена храна.

Честопати кога се принудува детето да проба нови намирници, а тоа вели „не“, родителите вршат притисок врз него да проба, а тоа често е грешка. Детето тогаш го доведува своето одбивање во врска со лутината или тагата, фрустрацијата и разочарувањето на родителот, не ужива во пробувањето, а со тоа создава негативно искуство кое ќе доведе понатаму да не сака воопшто што било да проба. Затоа, како ќе минува времето ,ќе се држи до храната што е испробана и позната и секој нов чекор кон пробување нешто ново обично е застрашувачко. Кога се соочува со принуда или страв од казна, детето најверојатно ќе ја мрази таа храна. Колку е помал родителскиот притисок, толку е поголема можноста детето да почнува да пробува нова храна.
Учењето и откривањето нови вкусови ќе го постигнете така што дома постојано ќе излагате различна храна со повторување.
Би било добро како семејство да имате барем еден оброк заедно каде што ќе се јаде храна која и не е од нејзиниот избор. Тогаш се создава хармонична атмосфера, без брзање, храната да ја јадете сите, а таа да не се принудува да јаде. На пример: сервирате или ставате исто јадење на сите, вие почнувате да јадете и опуштено разговарате, а таа да седи со вас без да ја принудувате да јаде, јадењето да е пред неа. Добро е и да коментирате, но не многу нападно за вкусот, како крцка, колку убаво мириса итн.

Неопходно е да се понуди нова храна или продукт 9 до 15 пати (кај некои деца дури и повеќе) пред детето да се осмели да проба, иако обично родителите се откажуваат од 4-5 изложености, и тогаш се прави заклучок дека истото е невозможно.
Можете да го направиме ова постепено, почнувајќи со оставање на храната за детето да може да ја види, но без да му ја понудиме. Важно е да го правите тоа постојано, без брзање, многу пати без притисок и условување за да почувствува сигурност да се обиде да проба. Тогаш би можело да ја допре, потоа да ја помириса, за подоцна и да ја проба.
Избегнувајте ги сите очекувања во врска со храната, храната треба да биде нешто природно, а не должност или задача што треба да се направи. Не давајте никакви коментари, или некаков вознемирен или очекуван поглед за да видите дали таа ќе јаде или не.

Од друга страна, вашиот став кон различни продукти има доста големо и важно влијание врз она што детето ќе го сака повеќе или помалку. Тоа обично го имитира родителот, па затоа обрнете внимание на тоа каков е вашиот став кон храната и производите.
На децата им е потребна љубов, но и поддршка и исправување. Затоа авторитативниот стил на родителство кој е полн со топлина, но и добра структура и јасни граници, ќе му помогне на детето да воспостави добри и позитивни навики во исхраната. Ова се однесува на доследноста, на не толку големата попустливост. Споделете ја одговорноста, како родител, имате одговорност за хранење на вашето дете. Вие контролирате што, каде и кога се обезбедува храната. Вашето дете, исто така, има одговорности за тоа дали да јаде или не, и колку да јаде. Вашето семејно готвење и спремање на оброците не треба да биде ограничено на нејзината омилена храна, туку да има можност да одбира од различна храна во текот на оброкот. И наместо да има правило „ако ти се допаѓа, мора да се јаде“, пробајте со … „Пробај… што мислиш за ова?“ и тогаш пофалете ја за храброста.
Децата уживаат во дружењето при приготвувањето на некој оброк, оваа активност ги задоволува емоционалните потреби на детето, детето е спонтано и љубопитно и се чувствува важно, па почнете заедно да ја приготвувате храната, да сече, чисти, меси, за во текот на приготвувањето и да пробува.

За крај, како вашето дете се однесува на друго место, кога оди на родендени, кога имате семејни дружења, кога оди да си игра со другарчињата?
Охрабрете го вашето дете да експериментира со храната на повторлив, разигран начин, без брзање и вознемирување и не грижете се толку за одбивањата што ќе се појават, бидете опуштени.
Со константност, трпеливост, „малку по малку“ и многу љубов, верувам дека ќе успеете.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X