Ако сакаме да ги лекуваме луѓето, ќе учиме за доктор. Ако сакаме да свириме на некој инструмент, ќе се запишеме во музичко училиште. Ако сме одлични во подготвување храна, ќе учиме да бидеме готвачи. Сакаме дете и да бидеме родител? Во моментот на раѓање на детето се станува родител. Дали за тоа сме образовани? За секоја професија човек мора да се едуцира, но да се биде родител е најтешката животна професија.

Родителските „таленти“ најчесто се смета дека се производ на природата. Често слушаме како децата се градители на новото „утре“, но ние сме градители на нивното „денес“ за идното „утре“. Какво ќе биде тоа „утре“, најмногу зависи од родителското воспитување што се случува сега, овде, денес.

„Веќе 100 пати ти реков НЕ, а ти воопшто не ме слушаш“

Тоа се оние ситуации кога детето е упорно во тоа што го сака, а вие не попуштате. Најчесто во тој момент родителот ќе почне да го повишува тонот и ќе рече: „100 пати ти реков дека не може. Воопшто не ме слушаш!“

Самата реченица говори дека треба нешто поинаку да се каже или направи бидејќи 100 пати се повторува истото, а нема резултати. Секако дека не ве слуша, бидејќи знае што ќе кажете. Постојано една иста рамка на однесување и говор и детето не реагира. Секогаш е истото. Затоа, обидете се да направите нешто ново. Бидете креативни во изразувањето, пристапот и приспособувањето. Размислете каква била положбата на телото кај детето, кој тон на гласот го употребило и што точно кажало. Приспособете се на него. Токму во тој момент може да решите проблеми. Исто како што детето пристапило кон вас, така пристапете му и вие. Гледајте го и слушајте го.

Влијаат ли нашите зборови, движења и поглед на детето?

Ги знаете ли оние ситуации кога е доволен еден поглед и детето точно знае што значи тоа? Или ги кажувате оние магични зборови? Или, пак, правите некое неочекувано движење? Според нашите погледи и движења, детето точно знае што смее, а што не. Се случува од некоја причина да сме лути или нервозни и, за жал, тоа несвесно му го пренесуваме и на детето, иако тоа не влијаело врз нашата негативна состојба во моментот.

Комуникацијата е процес на развој на информации. Се дели на свесна и несвесна. Често едно зборуваме, друго правиме, трето мислиме. Детето не разбира многу работи бидејќи е мало, но ја чувствува секоја слабост, неискреност, недоследност, лага, како и секоја одлучност, сигурност, стабилност. Тоа е една од најголемите борби во воспитувањето: поставување граници кога детето непрекинато испрашува, а од родителите се очекува да бидат цврсти, одлучни и доследни за да го научат детето да ги почитува границите. И токму на тој дел влијае нашата несвесна комуникација, односно говорот на телото и начинот на изразување. Комуникацијата е многу важен и моќен процес. Децата го учат она што го гледаат, слушаат и чувствуваат.

Негативната состојба направете ја позитивна

Научете да ја свртите негативната емотивна состојба во позитивна насока. Како ќе се однесуваш со другите, така и тие ќе те третираат тебе. Децата ни се вистински показател за оваа теза. Бидејќи се искрени и директни. Да се одгледува дете не е лесно, но е преубаво. Важно е само родителите да се позитивни и да ја контролираат својата состојба, за да можат на позитивен начин да влијаат врз своето дете. Постојат различни стратегии, на пример, таканаречена стратегија „сидро“, која е највлијателна за во краток временски период да се поставите во позитивна состојба. Најчесто во тие негативни ситуации се користат реченици како: „Немој да им ги земаш играчките на другите. Немој да викаш. Не може сега да јадеш бонбони, не си ручал. Немој да фрлаш играчки. Не скокај на креветот. Не може да играш игри на мобилниот телефон“. И кога на детето постојано му велите „не“ и „немој“, што е тогаш тоа што смее да го прави? А ако се обидете негативните реченици да ги обликувате во позитивни?

Секое однесување има вредност во одреден контекст

Сетете се на оние ситуации кога на детето му велите: „Да, мораш!“, а детето одговара со „Не, нема!“ Се бориме сами со себе и се обидуваме да не му попуштаме на детето, а тоа тогаш уште повеќе се бори за себе. Па почнува да се фрла на подот, да вика, да плаче и да удира, односно го прави сосема спротивното од она што се бара од него. Зошто доаѓа до судир? Побуната е знак дека детето се развива, го гради својот идентитет, се бори за својот став, улога, го изразува своето мислење. Кога детето ќе каже „не“, тоа го вежба чувството за моќ и индивидуалност. Детето има две цели: да ги задоволи своите потреби и да ги запознае своите родители, учители, лицата што го опкружуваат.

Како да се постигне договор со детето?

Постои една делотворна техника која се нарекува „Предизвици на согласувањето“. Со користењето на оваа техника се доведуваме себеси, а и детето во состојба на предизвик со цел правење компромис. Техниката е едноставна и делотворна особено во ситуациите кога детето ве излудува. Важно е тогаш да зборувате со него со разбирање, согласно вашите уверувања. Може ли детето да ви верува ако не сте сигурни во својот став и немате цврсто мислење за нешто? Може ли детето да почитува правила и договори ако ни вие не сакате да живеете според договорените правила?

Непознат автор: „Воспитуваме сега. Дури и кога мислиме дека не воспитуваме. Сè што сме ние – ги воспитува нашите деца, без говор и труд, само од себе“.

Во книгата „Семејна педагогија“ на М. Стевановиќ се наведува: „Обично се смета дека родителите му даваат љубов на своето дете ако му ги осигурат сите потребни материјални услови како раст, развој и учење, ако на детето му се купи сето она што ќе го посака и слично. На тоа, во најголем број случаи му доаѓа крајот. Меѓутоа, тоа е голема заблуда бидејќи таквите услови на детето може да му ги осигури и некој што не му е родител. Не треба да се заборави основната мисла која гласи: Родителот е родител. Тој мора да биде тоа во сите ситуации. За да може современиот родител да одговори на својата елементарна улога, не мора да биде целосно образован, но затоа може да изгради цел систем на сопствени воспитувачки постапки“.

Какви се нашите воспитувачки постапки? Колкаво е нивното влијание врз воспитувањето и развојот на децата? Секој е одговорен сам за себе, а родителот е одговорен и за детето. Тоа е голема одговорност, а воспитувањето е моќна работа, зарем не? Единствено што можеме и што сме повикани да го менуваме сме самите ние. Проблемите што се создаваат во нас ги менуваат и другите.

Автор: Лана Кихас, едукатор за воспитни методи, ментор, блогерка



912

X