„Твоето дете го малтретира моето дете!“

Оваа порака денеска ја доби мојата колешка од работа. Којзнае која по ред, од којзнае која по ред вознемирена мајка.

И по којзнае кој пат ја гледав таа убава млада жена како си ги крши кревките прсти и ѝ течат солзи по нејзините образи. Како го држи телефонот и беспомошно ја чита пораката, одново и одново, не знаејќи што друго очекува универзумот од неа.

И јас разбирам дека таа носи тежок товар од вина на својот грб и дека не е виновна за ништо. Затоа што нејзиното слатко момче нема проблем со однесувањето и не е агресивно затоа што е запоставено во однос на воспитување, туку затоа што има сериозни проблеми во развојот. Едноставно не може да ги разбере правилата на игра. А како доказ нуди планина на медицинска документација која го поткрепува тоа, но за некои мајки тоа не е доволно, па ја „учат“ оваа кутра мајка како повеќе да работи со своето дете, да му се обраќа со љубов и да му ги објасни правилата на добро однесување…

Сол на отворена рана, ако ме прашате мене.

Не дозволив мојата љубопитност да поткопува уште подлабоко во тие рани, не ја знам точната дијагноза. Но, сигурно знам дека оваа прекрасна и посветена мајка половина од својата плата ја дава на логопед и дефектолог, дека побарала помош од детски психолог, а покрај тоа, во приватна установа добила совет и за нејзиниот проблематичен брак. Бидејќи секоја неволја го кородира здравото семејно гнездо, болеста на детето или нарушувањата го доуништуваат тоа ткиво побрзо од што било друго. Замор, недостиг на сон, раздразливост, недоразбирање, меѓусебно обвинување… еден невнимателен збор ослободен од длабочините на душата е доволен да ја сруши хармонијата создадена низ годините.

Навистина ги разбирам стравовите од родителството. Јас сум мајка на три малолетни деца. Се плашам од секое комбе со затемнети стакла што поминува на нашата улица, сепак, не ги пуштам сами децата до продавница, иако на нивна возраст самата го применував тоа, немам мир кога треба да останам подолго на работа, а тие се сами дома… И уште многу други работи се во купот што само мајка може да го смисли.

Можам да се поврзам со секоја мајка чие дете имало „блиска средба“ со нејзиниот Иван. Ќе го турнат ли моето дете по скали на училиште, дали син ми ќе биде нокаутиран од овој мал „насилник“ во парк, дали учителката ќе ги запостави сите други деца затоа што мора да работи индивидуално со него… илјада сомнежи.

Мојот најмил внук имаше проблем на училиште, го малтретираше едно момче половина од неговата висина. Сестра ми беше поддржувач на ненасилно однесување по секоја цена. Морам да признаам дека бев пофлексибилна кога им давав упатства на моите деца. Мојот совет звучеше вака:

-Не дозволувајте да удрите некого први, па ако некој ве удри, кажете му на наставникот, тато и мама, а ако тоа се случува повторно и повторно, добро, возвратете го истото.

Имав ситуација кога мојот мал син го грабна момче 50 килограми потешко од него, со несомнена дијагноза – аутизам. Се замрзнав. Но, мајка му ме погледна толку болно, што покажа дека сигурно сто пати го доживеала тоа во текот на неговото растење: „Не плаши се, нема да го повреди, така покажува љубов!“

Дали имав друг, човечки избор, освен да се натерам да ѝ верувам?!

И затоа ве замолувам – сите родители што имате деца и се плашите за нивната безбедност, заблагодарете му се на Бога што вашите деца се живи и здрави, што ќе ве бакнат денес. Затоа што можете безгрижно да одите на прошетка со нив без грчеви и страв дека секој чекор носи некаква потенцијална непријатност. И дека си легнувате со убедување дека утре ќе ви осамне радосен ден.

Размислувам, можеби утре животот сурово ќе ги исмева моите ставови. Но, денес, СЕГА И ОВДЕ, на некој му треба малку од нашето сочувство.

За жал, јас не сум го достигнала тоа ниво на совршенство и не сум „примерна“ мајка, а не се ниту моите деца, па не сакам никому да проповедам. Немам профили на социјалните мрежи, не живеам од туѓи лајкови и не добивам никаква корист од овие редови. Не се дружам со оваа мајка приватно, не пиеме кафе по работа, не одам кај неа дома и таа не доаѓа кај мене.

Не ме бидува со зборови, не можам да ја утешам, ниту знам како да ѝ помогнам.

Само седам до неа на работа и сум сведок на некои екстремни човечки страдања.

Доволно е да го фрлам каменот.

И вие го задржувате правото да не се согласувате со мене и тоа е во ред.

Автор: Душица Калат

Извор



912

X