Таа има девет години и се вратила од училиште целосно несвесна за сè што се случило. Не знаев што да правам. Како да ѝ кажам? Таа е доволно голема за да разбере дека е тоа страшно. Но, не знам дали е доволно зрела да го обработи и разбере сето тоа.

Се обидов да ѝ кажам накратко, без детали. Но, прашањата започнаа. Многу прашања. И конечно – солзи. Мамо, јас не одам на училиште. Што ако тоа се случи во моето училиште? Мамо, јас седам веднаш до вратата. Како да избегам?

Се обидов да ѝ објаснам дека овие работи се случуваат многу ретко. Дека нејзиниот страв е сосема разбирлив, дека сум и јас тажна и исплашена, но не сакам да се чувствува како да е во опасност. Бидејќи сè што се случи е всушност многу чуден сплет на околности. Невообичаено. Тоа не е нешто што може тукутака да се повтори.

И потоа?

Потоа се појавија групи на социјалните мрежи, објави и коментари во кои десетици илјади деца го поддржаа момчето кое одзеде девет животи во Србија. Десетици илјади тинејџери за кои тој е „цар“, „херој“.

Потоа почнува следниот ден, кога сме преплавени со нови вести – тинејџер мавта со пластичен пиштол во основно училиште во Обреновац. Друг тинејџер, ученик во белградското основно училиште „Десанка Максимовиќ“, направил список со пријатели кои сакал да ги убие. И се прашувам – ја отворивме ли страшната Пандорина кутија? Има ли десетици илјади деца околу нас кои чекаат шанса брзо да се „прослават“, за да се зборува за нив на социјалните мрежи и порталите? Едноставно сè уште немале шанса. Овој, случајно, имал сè. Оружје, подготвеност за убивање, обука.

Дали е ова навистина единствен случај?

И слушнавме дека не се виновни реалните шоуа и телевизиите кои пласираат одвратна содржина без никакви граници. Не се виновни. Виновни се само Западот и интернетот. Точно е дека децата што го поддржуваат убиецот се изразуваат со „гејмерски“ вокабулар. Точно е и дека им е тешко да направат разлика помеѓу виртуелниот и реалниот свет. Дека не разбираат оти во реалниот свет нема втора шанса. А ако се отфрлени, потребата да станат „херои“ и „цареви“ може да ги наведе да прават страшни работи.

Можеби е точно и дека повеќето од нив не гледаат телевизија или реални шоуа.

Но, дали знаете кој ги гледа? Родителите. Милиони родители, покажува статистиката. И родителите се едуцираат. Содржината што ја следат, нивните ставови, нивното однесување. Ако некоја земја потоа додели национална фреквенција на телевизиите кои пласираат таква содржина, тогаш таа им пукала во нога на нашите деца. Затоа што медиумите образуваат многу возрасни. Возрасни личности кои наместо да гледаат што прават нивните деца, гледаат што прават другите луѓе, чии родители лошо ги воспитале.

И само замислете, наместо сите тие „задруги“ и „парови“, да се емитуваат предавања на психолози, работилници за родители, корисни поткасти со експерти? Замислете некој да се погрижи родителите да се едуцираат, да разберат колку е важно во ерата на дигитализацијата да следат што прават нивните деца? Дека не можат само да ги остават да се заклучуваат в соба и да играат „Мајнкрафт“? Дека треба да разговараат со нив? Замислете некој да каже ДОСТА? Доста е со катастрофалната програма. Доста е со глорификација на криминалот. Дали некој им рекол на родителите дека треба да ги гледаат своите деца со широко отворени очи? Да слушаат како дишат? Одвреме-навреме да ѕирнат во нивното биро и да видат што пишуваат и цртаат на него. Да прашаат. Да бараат одговори.

Сега сигурно ќе кажете дека постои далечински управувач и секој може да го смени каналот. Но, милиони родители не го прават тоа затоа што немаат развиена свест. За тоа колку им штетат на децата. Едноставно не знаат. Како што не знаат ни дека не треба да се фрла цигарата на под или дека треба да разговараат со децата, наместо да ги праќаат во нивната соба?

Да, точно е дека децата не гледаат телевизија. Но, содржините што се емитуваат кај нас се дел од болеста на целото општество.

И затоа моето дете синоќа четири пати ја заклучи вратата од станот.

Може ли воопшто да ѝ кажам дека нема од што да се плаши, без тоа да биде лага?

Извор



912

X