Воспитување

Вашите деца се личности, а не додатоци

Ние како родители многу зборуваме, зарем не? Со нашите барања и очекувања и сите други стандарди што ги насочуваме кон нашите деца некако се трудиме да бидеме вистински и соодветни авторитетни фигури. Го сфаќаме зборот „авторитет“ толку сериозно, и покрај фактот дека претходно, пред да бидеме родители, не сме знаеле ништо за одгледувањето деца или за начините да ги научиме како да живеат во свет кој ниту ние не го разбираме.

Па, што значи да се биде родител? Дали тоа значи да се има малечко човече околу себе кон кое ќе ги проектираме нашите надежи и соништа? Дали значи да се биде одговорен за товар за кој само можеме да се надеваме дека со текот на времето ќе ни го олесни целиот животен товар? Дали родителството е чист нарцисоизам, чиста себичност – или и двете?

Кога ги носиме децата на овој свет, дали тие се наши продолжетоци – малечки луѓе без граници, над чии умови и тела можеме да се восхитуваме? Следните реченици се мисли на 17-годишната Алекс Контрерас, која вели:

Децата не се трофеи за покажување во одредени ситуации

„Децата не се додатоци. Кога имате дете, не креирате тело, креирате личност. Размислете што всушност претставува личност. Тоа не е грозд од клетки кои формираат ткиво, кои формираат органи, коски и мускули. Тоа е тело. Кога раѓате дете, вие креирате нови мисли, нови навики кои треба да се формираат и можеби да се скршат. Креирате наплив на идеи. Нови шеги на кои ќе се смеете, нови солзи што ќе се пролеат поради нови причини. Ново уметничко дело или четиво базирано на ново психолошко прашување и нови откритија за општеството.

Децата не се трофеи за покажување во одредени ситуации. Кога ја носите својата ќерка на секоја семејна забава и им велите на пријателите: – Ова е мојата ќерка, и потоа ѝ велите да си оди за вие да се забавувате 3 часа, што всушност ѝ велите да прави? Таа не е компјутер кој може да го оставите да хибернира и да го отворите повторно кога сакате нешто да им покажете на своите колеги. Што ќе направи таа откако ќе ѝ речете да си оди? Веројатно не знаете. Можеби седи сама бидејќи е премногу срамежлива да зборува со други, или можеби флертува со сите момчиња. Можеби пишува песни на телефонот, можеби игра со кучето бидејќи сака животни. Можеби гледа во полиците со книги бидејќи сака литература. Може да прави што било од тоа или повеќе од тие работи бидејќи е целосно функционална личност.

Може да бидете целосно внимателни кога ги забележувате медалите и наградите на ѕидот од вашиот син, но не слушате кога ви вели дека сака да стане гитарист, бидејќи еднаш го слушнал „Лед цепелин“ кај пријател. И кога ви се жали дека му е мака кога размислува за училиште, вие му велите дека мора да прави само една работа: да учи. Но, вистината е дека училиштето е учење, социјализирање, организирање, симпатии, губење пријатели, кавги, собирање броеви, споделување на социјални мрежи, наоѓање музи. Ако сакате да се фалите за тоа колку прекрасна и талентирана е вашата ќерка за да изгледате како добар родител, уверете се дека слушате кога таа ви кажува за момчето кое ја малтретира преку „Фејсбук“ или за кошмарите што ги има. Уверете се дека го слушате синот кога ви кажува дека се чувствува осамен понекогаш.

Сјаеме од гордост поради моментите на брилијантност на нашите деца, а потоа ги тапкаме по главата на нашиот покровителски начин за да покажеме дека што и да рекле, било случајност. Никогаш не застануваме да помислиме дека тие можеби се навистина брилијантни и дека нивните приказни и експресии не се воопшто наивни мини-моменти на откровение, туку вистини кои ние, возрасните, можеме исто така да ги примениме на нашите животи. Можеби треба да бидеме оние што слушаат.

Кога раѓате дете, вие креирате нови мисли за кои треба да се размислува

Па, кога нашите деца ни зборуваат, да ги имаме зборовите на Алекс Контрерас на ум: „Размислете што всушност претставува една личност. Личност не е грозд од клетки кои формираат ткиво, кои формираат органи, коски и мускули. Тоа е тело. Кога раѓате дете, вие креирате нови мисли за кои треба да се размислува“.

Тоа ме потсетува на уште една реченица „И децата се луѓе, исто така“. Само затоа што децата се потенцијална брилијантност, не значи дека не се брилијантни пред да го достигнат вкупниот потенцијал.

Отворете ги очите родители, децата зборуваат“.

Автор: Дори Хартли

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top