Имаме и ученици на кои музиката им стана животна определба, меѓу кои се: Глигор Гелебешев – професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Невенка Чурлинова – виолинистка во МОБ, Маја Аблакова – професор по виолина на конзерваториум во Париз, Роберт Сапламаев – виолинист кој живее и работи во Австрија, Виолета Карајанова – балерина и др.
Сите почетоци се тешки, такви биле и на Основното музичко училиште „Васо Карајанов“ од Гевгелија, кое пред 40 години почнало со работа во просториите на некогашната болница. Денес ова училиште е секојдневие на стотици деца од градот и околината, кои навлегуваат во тајните на музичката уметност.
Сузана Стефанова, професорка по флејта и директорка на училиштето
Поддршка од врвни музичари
Со повеќе од 40 музички настани, концерти, работилници и натпревари во текот на цела година, ова училиште годинава одбележува четири децении постоење. Врвни македонски музичари и оркестри дадоа свој белег во одбележувањето на јубилејот. Kамерниот оркестар со солисти при Факултетот за музичка уметност со диригентот Борјан Цанев, ревијален концерт на сите музички училишта во Македонија, камерниот оркестар „Саша Николовски-Ѓумар“ на Музичка младина на Македонија со диригентката Дијана Илкоска-Имери, а соло-настапи имаа и: Марија Муратовска, Елена Атанасовска, Јасна Аврамовска, Дарко Мариновски, Маја Божиновска, Марко Димовски итн.
40 години творештво на педагозите Ѓорге и Љубица Улишеви
Училиштето организира и концерт по повод 40 години творештво на педагозите Ѓорге и Љубица Улишеви, кои се своевиден заштитен знак на ова училиште, а сегашните и некогаш завршените ученици од ова школо утре ќе се сретнат на заеднички концерт, најавува Сузана Стефанова, професорка по флејта и директорка на училиштето.
Пијаното и виолината биле првите инструменти што во 1979 година биле изучувани. Една година подоцна последователно започнала наставата по кларинет и флејта. Од 1995 година училиштето има и балетски отсек.
– Денес наставниот кадар во училиштето брои девет наставници, секој стручен во својата област, а дел од нив со својата педагошка дејност се присутни од почетоците на училиштето. Станува збор за професорите Љубица и Ѓорге Улишеви, кои се едни од најзаслужните за основање на музичкото училиште во Гевгелија – вели Стефанова.
Успешни музичари
Колку е успешно едно училиште, покажуваат учениците и нивните резултати.
– Низ нашето училиште поминале голем број ученици кои денес се успешни и реализирани граѓани во општеството. На некои од нив музиката им станала и животна определба. Меѓу нив би ги издвоиле: Глигор Гелебешев – професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Невенка Чурлинова – виолинистка во МОБ, Маја Аблакова – професор по виолина на конзерваториум во Париз, Роберт Сапламаев – виолинист кој живее и работи во Австрија, Виолета Карајанова – балерина, Ѓорги Калајџиев, обоист итн. Поголемиот дел од наставниот кадар во училиштето своето музичко образование го започнал токму во ова училиште – раскажува Стефанова.
Посветените наставници во училиштето (фото: Бранко Аризанов)
Младите музички репродуктивци учествуваат на концертни активности, свечености и разни натпревари во земјава и пошироко. Со признанијата и наградите сме особено горди и тие доволно зборуваат за успешната педагошка дејност на наставниците и нивната стручна подготвеност, вели Стефанова.
– Во оваа афирмација вградена е нивната благородна мисија со многу ентузијазам, многу часови стручна уметничка работа, многу љубов, многу верба за посреќна и поосмислена иднина на младата генерација – додава таа.
Пијаното и гитарата – најатрактивни
Најатрактивен инструмент кај децата со години е пијаното, а сè повеќе расте интересот за гитарата.
– Интересите се различни. Има деца што при запишување во музичкото училиште знаат што би сакале да свират, додека други се двоумат и подоцна во текот на годината се одлучуваат. Ние со нашите ученици секоја година правиме промотивен концерт за децата кои можат да се запишат во нашето училиште, каде што ги претставуваме инструментите и балетот – објаснува Стефанова.
Вкупно 151 ученик од Гевгелија, Валандово, Богданци и од Дојран учествуваат во музичкиот и балетскиот оддел. Стефанова е оптимист дека во училиштето во иднина ќе можат да се изучуваат и нови музички инструменти.
912