Група самохрани и самовработени мајки, кои поради неусогласеност на неколку законски решенија и уредбите поврзани со ситуацијата со коронавирусот остануваат без работа и без основни приходи, со отворено писмо бараат надлежните институции да најдат решение за нивниот проблем, бидејќи на нивните барања досега не добиле одговор од ниту еден државен орган. Го пренесуваме нивното писмо:

Како што е познато, според информацијата на Министерството за труд и социјална политика, дека породилното отсуство се продолжува до истекот на времените мерки за заштита од ширење на коронавирусот и пандемијата на Ковид-19, а имајќи ја предвид и Одлуката со законска сила, сепак, останува мала група мајки што се доведени во незавидна ситуација.

Имено, ние, група мајки кои по завршување на породилното отсуство го користевме правото на нега на дете до 3 години и по неговото завршување останавме дома, бидејќи со Уредбата со законска сила не е опфатено боледување, односно нега на дете до 3 години, без разлика што периодот на боледување се совпаѓа со времето на вонредната состојба.

Ние сме самовработени мајки и не можеме да работиме бидејќи градинките се затворени и нема каде да бидат згрижени нашите деца.

И мајките што по породилното отсуство се вратени на работа се соочуваат со проблем: децата не можат да им бидат згрижени, па се одјавени од работа, а меѓу има и самохрани мајки.

Поради сите овие проблеми и поради нивното нерешавање, доведени сме до незавидна состојба: без никаков приход, без здравствено осигурување, не можеме да обезбедиме ниту основни работи за нашите деца. Со нерешавање на овие наши проблеми се чувствуваме дека сме третирани како граѓани од втор ред. Затоа бараме и ние да бидеме опфатени со Уредбата со законска сила или да се донесе некоја друга мерка за решавање на нашиот проблем.

Се обративме до сите надлежни институции, но до денес не сме добиле никаков одговор и затоа се одлучивме на ваков начин нашите барања да стасаат до надлежните органи.

Потписничките на писмото ѝ се познати на Редакцијата.



912

X