Кај две деца од различни групи во клонот „Сончоглед“ на градинката „Весели цветови“ во Кисела Вода е откриена бактеријата МРСА (Methicillin-resistant Staphylococcus aureus), потврди директорката на установата, Валентина Божиновска.
Неодамна Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) информира за појавата на оваа бактерија во истата градинка (клон „Кокиче“) и тоа кај дете и воспитувачка.
– Да не кажеше сама мајката на едно од децата, немаше да ни каже никој дека има МРСА. Од ЦЈЗ рекле дека бактеријата не е опасна за здрави деца, но што е со децата со намален имунитет? И зошто нема никакви насоки што да правиме, треба ли да се помириме со судбината дека децата ќе ни бидат носители на МРСА – прашува загрижена мајка на дете што го посетува овој клон.
Директорката Божиновска информира дека одговорните во ЦЈЗ направиле дезинфекции на просториите на објектот.
– Родителите на своја иницијатива им зеле брис на своите деца. Центарот за јавно здравје кажува дека МРСА е болничка бактерија и дека не е опасна за здрави деца. ЦЈЗ цело време апелира да не се крева паника. Тие доаѓаат редовно кај нас, запишуваат дека нашата хигиена е на високо ниво. Користиме дезинфекција не заради бактеријата. И кога има и кога нема вакви случаи масичките се поминуваат со „дизентал“, се брише сè. Тоа е наш протокол. Најверојатно децата што ја имаат бактеријата биле во болница и по ходниците таму ја фатиле бактеријата. Во градинка нема услови таа да вирее и да се размножува. Епидемиолозите кажуваат дека ја има секаде. Кога бараме од ЦЈЗ да се направи брис на сите деца, ни кажуваат дека нема шанси, дека нема потреба, нема простор за паника – вели директорката.
Микробиологот проф. д-р Никола Пановски за „Деца.мк“ пред извесно време објасни дека сите бактерии се смртоносни, но сè зависи од самиот човек и дека тие предизвикуваат болести пред сè кај луѓе што веќе се болни од нешто друго.
– Бактеријата предизвикува болести пред сè кај луѓе болни од нешто друго, т.е. кај оние со паднат имунитет. Ако бактеријата МРСА е изолирана во градинка или во училиште, не е опасна и не знам зошто би се сметала за опасна. Стафилококни бактерии во носот имаат 30 отсто од населението, а најчесто децата. МРСА е стафилококна бактерија, само што е поотпорна на антибиотици. Не предизвикува болест кај здрави деца. Треба да има повреда, рана за да биде опасна. Опасно е да ја има на рацете или во носот некој што работи во болница, или на пример на интензивна нега, со тешко болни пациенти – објасни професорот.
912