Наградуваниот писател за деца Урош Петровиќ од Србија учествувал во програмата „Почитувани деца јас сум…“, во рамките на Саемот за книга во Белград, па разговарал со најмладите почитувачи на литературата. Петровиќ во изјава за новинската агенција „Танјуг“ рекол дека обврска на постарите е да ги охрабруваат децата да читаат во ерата на екрани кои се присутни секаде и нè опкружуваат.
– На предавањето што го држев во 15 земји низ Европа ги истакнувам резултатите од истражување во Германија кои покажуваат дека децата што читаат имаат поголеми достигнувања во животот. Технолошката ера и присутноста на екраните од различни формати околу нас во голема мера ја загрозуваат идејата за читање книги бидејќи сликите и сензациите сè повеќе го окупираат вниманието на новите генерации – вели Петровиќ и додава дека писателите за деца мора по секоја цена со содржината да се борат за вниманието на децата.
Во своите книги се обидува уште на првите страници да ги воведе децата во раскошниот свет на имагинацијата.
– Книжевноста во технолошката ера се промени. Писателите за деца мора да ја приспособат содржината на книгите на новите околности во кои доминира технологијата. Се разбира, многу зависи и од родителите и од наставниците во училишниот систем. Кој чита и кој е вешт со зборови, ќе биде подобар адвокат, професор или учител… Многу е важен тој прв период во животот и читањето во детството – вели Петровиќ.
– Лесно е да се дојде од работа и да му се даде таблетот на детето. Старото добро читање на приказни на децата пред спиење е одличен вовед во читателските навики – рекол Петровиќ.
Со новото издание „Страшна книга“ се обидел да им докаже на децата дека не треба да бегаат од стравовите.
– Денес постојат некои гласови во светската книжевност кои пропагираат исфрлање на некои делови од бајките бидејќи се страшни. Тоа се глупости бидејќи стравот не би ни постоел ако не ни е потребен да изградиме некој механизам за живот. Природата некогаш умее квалитетно да нè преплаши со громови, големи бранови, ветар… Сите знаеме дека природата никогаш ништо не прави без смисла и тоа е доказ дека стравовите се потребни и природни во секое детство – вели Петровиќ.
912