Здравје

Уринарни инфекции во детска возраст

Уринарните инфекции се чести кај детската популација со инциденција 7/1000 кај деца под една година кај двата пола, а по првата година поголема е кај девојчињата. По зачестеност се наоѓаат на второ место, веднаш по инфекциите од респираторниот тракт.

Во која возраст се најчести уринарните инфекции

Најчеста возраст со уринарни инфекции е од 0 до 2 години.

Според полот: Кај машкиот пол уринарните инфекции се среќаваат во првата година, особено кај тие без циркумцизиум поради фимозата и поради тоа што кај нив се почести вродените аномалии на уринарниот тракт. Кај женскиот пол уринарните инфекции се среќаваат почесто во втората година поради нивната анатомија (блиска поставеност на отворот на уретрата со отворот на вагината и анусот и многу полесно се пренесуваат бактериите од вагината и анусот).

Што ги предизвикува уринарните инфекции кај децата?

Уринарните инфекции се чести и се предизвикани од бактерии.

 Уринарниот тракт го сочинуваат бубрезите, уретерите, мочниот меур и уретрата. Инфекцијата настанува кога бактериите ќе зафатат кој било дел од уринарниот тракт.

Од 70 до 90 % од инфекциите на уринарниот тракт се инфекции од грам-негативна бактерија Escherchia Coli. Но честотата на инфекции на предизвикувачите зависи од возраста на детето, полот и претходните инфекции.

Кај новороденчињата најчест причинител е Klebsiella, кај тие со вродени аномалии има повеќе причинители.

Други причинители се: протеус, псевдомонас, ентерококус, стафилококус.

Повеќето од причинителите на инфекции имаат потекло од гастроинтестиналниот тракт и ретко од крвта при сепса.

Уринарните инфекции можат да се поделат на дистални (цистит, уретрит) и проксимални (пиелонефрит), на симптоматски и асимптоматски, на акутни, хронични и рецидивирачки инфекции (покажуваат на некоја малформација или малфункција на уринарниот тракт), на примарни и секундарни – кај опструктивни аномалии (ВУР) и неврогени дисфункции на мочниот меур.

-За разлика од возрасните, знаците за инфекции на уринарниот тракт кај децата се многу разновидни и често атипични. Кај помалите деца, болеста се развива со знаци кои го одвлекуваат вниманието од уринарните патишта. Од најчестите симптоми е фебрилноста со патогена причина или без некоја причина, поради што е потребна уринарна анализа за да се исклучи уринарна инфекција.

Според возраста, најчести симптоми се следните:

Кај новороденчињата – жолтица, фебрилност, ненапредување, одбивање храна, повраќање, иритабилност и општата состојба е афектирана.

Кај доенчињата и децата до 2 години: слабо напредување во телесната тежина, повраќање, често плачење или слаб апетит, фебрилност, лош мирис на урината, абдоминални болки и иритабилност.

Децата од 2 до 6 години: повраќање, фебрилност, урина со јак мирис, често мокрење, новозапочната енуреза, дизурија и стомачна болка по празнење на меурот.

Дали уринарните инфекции се опасни

Да, уринарните инфекции се многу опасни ако не се лекуваат како што треба. Долните уринарни инфекции ако не се третираат и ако постојат вродени аномалии на уринарен тракт, се шират и го зафаќаат и горниот дел на уринарниот тракт. Ако нема вродени аномалии, еден акутен цистит може да стане хроничен цистит кој станува тежок за лекување. Ако се зафати бубрегот, оштетувањата остануваат трајни.

Како се дијагностицираат уринарните инфекции

Покрај клиничките симптоми на уринарна инфекција, важен е рутинскиот преглед на урината. Доколку имаме матна урина и микроскопски наод на седиментот (присуство на Ле, Ер, бактерии), голема е веројатноста дека се работи за уринарна инфекција и со уринокултура (за докажување присуство на бактерии во урина).

– Крвна анализа и биохемиски анализи.

– Хемокултура кај тие со суспектна уросепса.

– Како и други неинвазивни и инвазивни иследувања кога се сомнева за аномалии и дисфункција на уринарниот тракт.

Лекување

Се лекуваат со антибиотици во мутантски или болнички услови. Времетраењето зависи од инфекцијата, возраста и причинителот на инфекцијата.

Задоцнетото лекување овозможува оштетувањето на бубрезите да се зголеми дури 4 пати во споредба со навременото лекување.

Превентива и совети за мајките

-Доење, по можност до втората година (мајчиното млеко игра голема улога во заштитата од инфекции);

-Детето да пие доволно течности за почесто да го празни мочниот меур;

-Хигиена – почесто менување пелени, чистење на гениталиите кај двата пола, со посебно внимание кај женскиот пол;

Автор: д-р Љуљзим Стрикчани

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top