Здравје

Уринарни инфекции кај деца

Едни од најчестите инфекции во детска возраст се инфекциите на уринарниот тракт, веднаш по оние на респираторниот систем. Можат да се јаваат во која било возраст, но најчести се во првите пет години од детскиот живот. Најчесто се предизвикани од микроорганизми кои вообичаено се наоѓаат на површината на телото или дигестивниот систем (цревата). Меѓу најчестите се E.Coli (во преку 90%), Proteus, Klebsiela, Enterobacter и други. Почести се кај женската популација бидејќи женската уретра е пократка и права во однос на машката и секако поради близината со аналниот отвор, како и хигиенските навики во најраната возраст, со што се олеснува брзиот премин на патогените кон мочниот меур… Уринарниот тракт се состои од бубрези (лев и десен), мочоводи, мочен меур и уретра низ која урината се исфрла кон надворешната средина. Внатрешноста на уринарниот тракт е стерилна, освен делот од слузокожата на уретрата на самиот нејзин излез. Урината има PH од 4,8 до 7,2, односно од слабо кисела до алкална и таа е неповолна за развојот на бактериите, но кај инфекциите расте алкалноста на урината и тогаш станува поволна средина за развој на инфекции.

Причини за појава на уринарни инфекции:

-Намалена локална одбрана – намалена уродинамика при анатомски и структурни аномалии. Уроепителните клетки ја губат бактерицидната моќ и се размножуваат (посебно при застојна резидуална урина).

-Недоволното празнење на мочниот меур (една од најчестите причини кај децата). Нивната „зафатеност“ или зголемениот фокус на екраните доведува до „стегање”, одложување на мокрењето за подоцна или лесно „подмочување”, со што се зголемува нивото на застојна урина и се дава можност за раст на патогените инфекти… Оваа појава   честа е и во училишна возраст, особено кај девојчињата, кога поради „нечисти тоалети” го одложуваат мокрењето за кога ќе се вратат дома. Со тоа настануваат и функционални нарушувања на мокрењето.

Опстипација

Подолготрајната опстипација е многу голем проблем за уринарните инфекции. Зголемената цревна содржина прави застој, врши притисок врз бешиката, послабо мокрење и со тоа се олеснува развојот на патогени.

-Слаб внес на течности и несоодветен хигиено-диететски режим.

Поделба според местото на инфекцијата:

1.Инфекции на горен уринарен систем ( pyelonephritis)

2.Инфекции на долен уринарен тракт (Cistitis, Uretritis)

Клиничка слика:

Каква ќе биде клиничката слика, зависи од возраста, локализацијата и евентуалните анатомски или функционални аномалии.

Начини на ширење на инфекцијата:

-Асцендентен (колонизација на периуретрална флора со грам-бактерии

-Хематоген ( кај новородени).

Клинички на долен уринарен систем (Cistitis,Uretritis):

-Зачестено мокрење

-Болка и печење при мокрење.

-Макрохематурија на крај од микцијата.

-Нема знаци за инфламаторен синдром (SE, CRP, Leukociti, Fibrinogen)

Непрепознаен и нетретиран циститис, по асцендентен пат може да доведе до пиелонефритис.

Клиничка слика кај новороденче и доенче:

Симптомите можат да бидат драматични. Детето е интоксицирано, дехидрирано, раздразливо, поспано, одбива оброк, губи тежина, не напредува. Може да се јави повраќање, дијареја, со што се јавува и дехидрација и метаболни нарушувања, па во такви случаи може да се јави и конвулзивен напад. Присутни се знаци на инфламаторен синдром… Значи клиничката слика оди како пиелонефрит, уросепса, менингит.

Клиничка слика кај дете на возраст од 2 до 3 год:

Детето е високофебрилно (се јавуваат септични скокови на температурата), нема апетит, повраќа, се жали на стомачна болка, често има и дијареја. Оваа состојба често може погрешно да се толкува како цревна инфекција. Урината има непријатен мирис,темна боја, може да има траги од крв на пелената. Често има чешање и црвенило во перигениталната регија.

Клиничка слика кај дете од 5 до 6 год:

-Фебрилност

-повраќање

-инфалматорен синдром

– лумбална болка (најчесто тие сами ја опишуваат и локализираат).

Поделба во однос на клиничкиот тек:

-Асимптоматска бактериурија (присуство на бактерија во урина, без клинички симптоми)

-Симптоматски – наод на бактерија во урина (бактериурија, придружена со клинички симптоми и тегоби)

Поделба во однос на присутни аномалии:

-Комплицирани (рефлукс урина, опструкција на мочни патишта, хируршка интервенција, дијабетес)

-некомплицирани (без аномалии на уринарни патишта)

Поделба во однос на честота на јавување:

-Повторувачки (повеќе од 2 уринарни инфекции во последните 6 месеци или повеќе од 3 инфекции годишно)

-Реинфекции (кога доаѓа до инфекција со друга бактерија по 7-10 дена од претходно излечената инфекција)

-Релапс (по 3 недели од излекувањето повторно се јавува уринарна инфекција со истата бактерија)

Дијагноза на уринарни инфекции

-анамнеза

-физикален преглед (внимателен преглед на надворешни гениталии кој често се занемарува)

-анализа на урина.

Основен предуслов за точна дијагноза е правилно земена мокрача бидејќи огромна е можноста за нејзина контаминација и добивање лажно позитивен резултат.

Кај доенчиња и мали деца се лепат кесички кои собираат по минимум 10 мл урина за анализа, откако претходно гениталиите се добро измиени со топла вода и сапун и добро исушени. Кај поголемите деца се зема среден млаз од урина. Покрај преглед на урина, потребно е и да се направат лабораториски анализи (крвна слика, Ц-реактивен протеин, седиментација на еритроцити). Доколку имаме матна урина и микроскопски наод во седиментот од леукоцити, бактерии, еритроцити, се оди кон микробиолошко испитување (уринокултура) со цел да го докажеме присутниот бактериски причинител на уринарни инфекции.

Доколку се детектира присуство на уринарна инфекција, потребен е и ехотомографски преглед. Во случај на вродени аномалии, се реализираат посложени дијагностички процедури.

Лекување

Инфекциите на долниот уринарен тракт се третираат со лекови (хемиотерапевтици) кои дејствуваат само на оние бактерии што се предизвикувачи. Додека инфекциите на горниот  уринарен тракт се третираат со антибиотици со широк спектар на дејство. При полесни инфекции се оди со перорална терапија (преку уста), значи детето се третира во домашни услови. Доколку имаме потешка клиничка слика, односно детето е интоксицирано, дехидрирано, тогаш е потребен болнички третман, при што се хоспитализира и се отпочнува со инфузиона рехидрациона и антибиотска терапија, со цел детето да се стабилизира, рехидрира, да се елиминира акутната инфекција и да се намали можноста за бубрежно оштетување.

Мерки за превенција на уринарни инфекции:

-Соодветна хигиена на урогениталниот тракт

Правилна тоалета, односно правилно бришење со тоалетна хартија од напред кон назад (кај девојчињата)

-зголемен внес на течности

-редовно празнење на бешиката

-навремена дијагноза и правилен третман на уринарните инфекции

-носење долна памучна облека бидејќи несоодветната долна облека послабо апсорбира влажност отколку памукот и со тоа се создава влажна погодна средина за развој на патогени.

-Внес на билни екстракти од брусница, бреза, витамин Ц, јогурт (тие ја зголемуваат киселоста на мокрачата, со што се намалува PH на урината, а притоа им се отежнува на патогените бактерии нивно задржување на ѕидот на мочниот меур).

Автор: д-р Љуљзим Стрикцани

Поврзани написи

To top