На вознемирено и уплашено дете наместо да му кажеме: „Смири се!“, подобро би било да му се каже: „Како можам да ти помогнам?“ Тоа дете може и поинтензивно да плаче и наместо: „Немој да плачеш!“, подобро би било да му кажеме: „Гледам дека ти е тешко“…

Во оваа општествена бура и децата се соочија со големи промени, a многу од нив со стрес, фрустрации и загуби. Она што им причини најголем проблем во нивното ментално здравје е ограничениот и затворен простор на функционирање, социјалната изолација од врсниците и роднините, немањето физичка активност и родителствување на родителите под стресни услови. Сево ова придонесе децата и родителите кои не изградија адекватни механизми на амортизација на стресот да почувствуваат и да согледаат промени во менталното здравје и целокупната психо-емоционална структура на личноста на детето.

Христина Стефановска

Она што најчесто се манифестира кај децата е страв кој може да биде со лесен интензитет на уплашеност до интензивен фобичен, придружен со ноќни кошмари и регресивно однесување и агресивно поведение како резултат на акумулирана ментална енергија со изложеност на низа фрустрации, отсуство на рутина и креирано време. Двете главни последици врз менталното здравје имаат и нешто заедничко, а тоа е: се иницираат од лошата информираност, т.е. неселективна содржина и недозирана содржина која им се пренесува на децата во врска со коронавирусот.

Тоа на што сакам сега да ставам акцент е дека и во двете вакви состојби родителот треба да внимава какви пораки му испраќа на детето бидејќи тие можат да бидат причина за надминување на состојбата или, пак, за зацврстување и нејзино интензивирање.

Дете што е уплашено и вознемирено не се плаши само за себе, се плаши и за родителите, тоа е дете кое погрешно ги поврзало информациите за коронавирусот што родителот му ги кажал или пак ја почувствувало загриженоста на своите родители.
На тоа дете наместо да му кажеме: „Смири се!“, подобро би било да му се каже: „Како можам да ти помогнам?“ Тоа дете може и поинтензивно да плаче и наместо: „Немој да плачеш!“, подобро би било да му кажеме: „Гледам дека ти е тешко“. Toa е дете што се плаши и наместо да му кажеме: „Немој да се плашиш“, подобро би било: „Во ред е ако не се чувствуваш добро“.
Дете што е исплашено може секој ден да ви поставува исти прашања. На пример: „До кога ќе трае коронавирусот“, „Дали може да умреме од него“, „Дали можам да го видам…“ итн. Важно е знаете дека ваквите прашања доаѓаат од детските застрашувачки мисли. На тоа дете наместо да му речете: „Вчера ти објаснив и зборувавме за тоа, доста веќе“, подобро би било: „Можеби можам да ти објаснам на друг начин“.

При агресивното поведение кај дете може да се јави физичка или вербална агресија, да вика, удира и слично. Доколку детето удира играчки, себеси или родителот, наместо да му кажете: „Немој да удираш“, подобро би било: „Те молам биди нежен. Кога си лут, ти не го правиш ова, ти дишиш длабоко и одбројуваш“.

Ако тоа дете хистерично вика, наместо: „Престани да викаш“, подобро би било да кажете: „Можеш ли да зборуваш малку потивко, ништо не те слушам“ или пак наместо: „Не дери се“, кажете: „Длабоко диши и кажи ми што се случило, во што е проблемот?“

Од родителите ќе зависи како децата ќе ја поминат оваа психо-социјална и општествена криза што влезе во секој наш дом. Родителите имаат доволно време да научат повеќе за родителството. Не е работа на родителот сè да прави наместо детето и да го забавува, негова работа е да биде до него, да зрачи со родителска самодоверба дека ОВА БРЗО ЌЕ ПОМИНЕ И СÈ ЌЕ БИДЕ ВО РЕД.

Автор: Христина Стефановска, лиценциран психолог во Здружението „Хармоничен свет“



912

X